Кога и како живееле луѓето на светиот остров Голем Град на Преспанско Езеро

Кога и како живееле луѓето на светиот остров Голем Град на Преспанско Езеро

Најстарите археолошки остатоци што укажуваат на човечко присуство на островот потекнуваат од периодот на младото камено време, уште пред 7.000 години!

Верувам дека речиси секој во Македонија има барем еднаш слушнато за островот Голем Град во Преспанското Езеро. Вообичаено, асоцијациите поврзани со овој остров се „вртат“ околу идејата за непрепитомена дивина на едно мистично парче карпа отсечено од копното кое, благодарение на геолошката случајност, претставува своевидна „предисториска“ капсула на разни ендемски видови живот, недопрени од човечката рака (освен во спорадични посети на рибари, авантуристи и научници). Но, реалноста е далеку поинаква - доколку самото име Град не беше доволно индикативно.


Островот Голем Град

Еве еден факт што многумина можеби ќе ги изненади: островот Голем Град бил населен со луѓе во поголемиот дел од последните неколку милениуми. Најстарите археолошки остатоци што укажуваат на човечко присуство на островот потекнуваат од периодот на младото камено време, уште пред 7.000 години! Најстарата цврста архитектура на островот потекнува од пред 2.200 години, додека пак најстарите гробови на жителите на островот се уште постари - од пред 2.500 години, што значи дека населбата сигурно била и неколку века постара. Луѓето живееле во симбиоза со природата, искористувајќи ги природните особености и ресурси на островот, градејќи живеалишта, храмови, патеки и пристаништа. Но, луѓето секако не заборавиле и на парите - најстарата монета откриена на островот е од 5 век пред нашата ера. Последниот „граѓанин“ на Големиот Град, монахот-пустиножител Калист, го напуштил островот дури пред настапувањето на Втората светска војна, притоа не заборавајќи пред тоа да ја обнови црквата „Свети Петар“ во 1938 година.

Ова отвора една друга интересна тема, тесно поврзана со островот - религиозната. Имено, каде што има луѓе, таму има и идеи, размислувања, верувања, кои оставиле исто толку траги во археолошкиот материјал колку и самата биолошка егзистенција на тие луѓе. Уште од почетоците на најстарата потврдена населба на островот во антиката имаме слики на божества - прстен со врежана фигура на богот Ерос, теракотна глава на богот Асклепиј, монети со претстави на божествата Зевс, Аполон, Атена, Херакле, Пан, Посејдон, Фортуна и Викторија. Подоцна, со настапувањето на периодот на доцната антика и процесот на христијанизација на жителите на островот, ги добиваме и првите христијански храмови. Во текот на доцната антиката и средниот век на островот биле изградени минимум шест цркви, од кои се откриени остатоци, а според некои извори нивниот оригинален број бил дванаесет - значи имаме барем уште шест за откривање! :)


Голем Град е преполн со археолошки остатоци / Фото: Игор Ефтимовски

Особено интересен е случајот со т.н. ранохристијанска базилика 1, подигната во 4 век. Се работи за еднобродна црква со припрата и помошни простории, која имала и мозаичен под. Но, она што е највпечатливо за црквата е едно мало парче стакло со зелена боја - рачка од стаклена чаша, откриена на нејзиниот под. Можеби звучи безначајно, но оваа стаклена рачка е оформена како Уроборос (Ouroboros) - змеј кој си ја јаде сопствената опашка. Уникатен наод за територијата на нашата држава кој сведочи за едно мистично религиско движење активно во времето на антиката - гностицизмот. Ова движење во суштина претставува спој од повеќе религиски учења кои биле актуелни во Источниот Медитеран во тој период, развивајќи се напоредно со раното христијанство. Гностичките учења главно се засноваат врз премисата за постоење на некакво тајно знаење во однос на карактерот на божественоста, знаење кое може да стане достапно само за иницираните во култот. Самиот термин гностицизам доаѓа од грчкиот збор „гносис“, што во превод значи „знаење“. Голем дел од гностиците имале и дуалистички светоглед - дека духовното е од Бога, а материјалното од ѓаволот, а нашата цел е да стигнеме, односно да се вратиме кон божественоста. Оттаму и змејот, како симбол кој ги обединува небото и земјата, си ја јаде сопствената опашка и се враќа на почетокот, на примордијалниот почеток на создавањето: „Сето е Едно!“ - би рекле гностиците.


Фото 3 - Уроборосот од Голем Град (Фото: В. Битракова-Грозданова)

Слична филозофија како гностиците имале и подоцнежните средновековни богомили, кои се далеку попознати во нашата историја и колективна култура. Всушност, богомилите претставуваат своевидно директно продолжение на гностичките идеи од антиката. Имајќи ја предвид централната улога на Преспа во развојот на Самуиловото Царство, како и испреплетеноста на самуиловата семејна лоза со богомилството, не треба да нè чуди современата популарна перцепција за Преспа како некаков мистичен богомилски центар. На пример, авторот на илинденскиот Крушевски манифест, Никола Киров - Мајски, во 1912 година за Преспа напишал дека во своите пазуви ги чува: „славата и величието на Самуиловата епоха и милите легенди за богомилите, кои слободно ги ковале религиозните, стопанските и политичките судбини на населението во својата земја во духот на човештината, рамноправноста и демократијата.“
Современиот мит за преспанското богомилство претставува централна тема и во македонско-францускиот филм „Тајната книга“ од 2006 година. Во него, главниот лик доаѓа од Франција во Македонија за да ја бара Тајната книга на богомилското учење токму на островот Голем Град, на крајот откривајќи дека „Тајната книга“ всушност постои во сечие човечко срце - една навистина гностичко-богомилска идеја. Сепак, речиси е сигурно дека авторите на филмот воопшто не знаеле за нашиот гностички Уроборос од Голем Град, со оглед на тоа што археолошкиот наод е првично публикуван дури во 2015 година. Се чини дека нивната одлука да го изберат Голем Град е интуитивна, предизвикана од самиот мистичен карактер и изглед на островот. Можеби токму поради таквиот островски мистицизам Уроборосот и првично „стигнал“ на Голем Град пред 1.600 години.


Црквата „Свети Петар“ / Фото: Игор Ефтимовски

Важниот духовнички карактер на Голем Град продолжил да опстојува и во вековите што следувале. Во текот на средниот век на островот била создадена голема монашка заедница која подигнала мноштво цркви и конаци. Монасите што нашле засолниште на Голем Град доаѓале од различни краишта на Балканот. Една специфична оловна ампула за свето миро откриена кај црквата „Свети Димитрија“ од 13-14 век, на која се претставени свети Димитрија и света Теодора, покажува дека некој монах ја донел од Солун - центарот на нивниот култ, со цел да ја пренесе нивната светост и на самиот остров. Меѓутоа, најзначајна средновековна црква на Голем Град е секако претходноспоменатата „Свети Петар“, која опстојува до денешен ден и која на современите посетители на островот сè уште им нуди свет простор за молитва.
Според научниците и истражувачите на религијата како културен феномен, луѓето отсекогаш ги перципирале островите како своевидни центри на духовна моќ, на парчиња света земја отсечена од останатото, делумно десакрализираното копно. Со својот карактер и историја, Голем Град несомнено претставува еден таков свет остров - место на аџилак, каде што секој посетител може да ја открие „Тајната книга“ на сопственото срце.

Пишува: Игор Ефтимовски, археолог