Ален Рустемов, момчето со златна ракавица: „За боксер-шампион, треба челична волја“
Подготвил:
Жанета Здравковска
Ударите во животот се полоши од оние во спортот, но и надвор од рингот се однесувам спортски и сум мирољубив зашто самиот спорт ме учи на културно однесување и издржливост, како во рингот така и надвор од него, вели државниот првак во бокс во категорија јуниори до 56 килограми
Потекнува од фамилија во која чест и традиција е да се биде боксер. Внук е на Сакип Рустемов, еден од најдобрите боксери што ги имала Битола, кој во некогашната југословенска репрезентација ги бранел боите и против Соединетите Американски Држави. Момчето со златна ракавица - така го нарекуваат 17-годишниот битолчанец Ален Ристемов поради силниот удар на тупаницата. Годинава стана државен првак на Македонија во бокс во категоријата на јуниори до 56 килограми. Сега се подготвува за натпревари од Регионалната лига, а голем сон му е да учествува на Европското првенство што ќе се одржи во ноември годинава во Будва, Црна Гора.
Боксот му е пред сè, a тренира во стара сала, но горд е на нејзината историја
- Кога сум во подготовки, тренирам и по двапати дневно. Наутро трчам, навечер тренирам бокс во сала преку спаринг, употреба на фокусери. Еден тренинг трае минимум час и половина, некогаш два. Јас сум тинејџер и секако дека сакам да излегувам, но боксот ми е пред сè. Тој бара редовност, посветеност, работа и само работа за врвни резултати - вели Рустемов.
Неговата колекција брои многу медали, дипломи, пофалници од натпревари, турнири... Годинава го освои и бронзениот медал на турнирот „Златна рaкавица“ во Србија. Тренира во Боксерскиот клуб „Пелистер“, под менторство на тренерите Петровски Јове-Оцо и Најдовски Александар-Сканта, поранешни одлични боксери. Во салата каде што тренира условите не се најдобри, но се чувствува горд зашто на истото место тренирале и други познати поранешни боксери, некои и од неговото семејство.
- Условите не се баш добри, но нашата сала има спортски дух. Иако е стара, таму се чувствувам добро, бидејќи на истото место тренирале моите предци Шериф Рустемов, Саќип Рустемов, Ружди Рустемов. Tие беа едни од најдобрите боксери на сите времиња и затоа и ние ќе ја продолжиме традицијата на нашата фамилија - вели младиот боксер.
Дел од групата Шампиони од битолски Баир кои многу постигнале
Ален е од битолската населба Баир каде што претежно живее ромско население. Заедно со уште неколкумина млади спортисти од оваа населба, кои имаат постигнато врвни резултати во спортот, а за кои досега јавноста била помалку информирана, прифатија да бидат дел од проектот „БАИР – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите“, финансиран од Европската Унија.
За еден спортист да постигне големи успеси, освен работа и упорност, треба и финансиски средства, за здрава храна и додатоци во исхрана, кои му се неопходни за да може напорно да тренира. Ален се надева дека како млад и надежен спортисти кој тренира веќе 13 години, а има освоено и многу медали од бокс-натпревари, ќе добие стипендија од државата.
Боксот е спорт кој беше особено популарен минатиот век, но успесите на Ален почнаа да ја враќаат публиката во салата во Битола. Очигледно е идол и на други млади кои почнуваат да го тренираат овој спорт, но не сите што почнуваат да боксуваат продолжуваат, бидејќи потребна е голема издржливост.
- Боксот е тежок спорт и бара упорност. За да бидеш шампион, треба да имаш челична волја. За да се поттикнат повеќе млади да тренираат бокс, потребно е организирање на повеќе натпревари во Битола. Во нашиот град порано имало најмногу љубители на боксот и салите биле преполни - рече Ристемов.
Дали повеќе болат ударите на рингот или во животот?
Боксот е груб спорт, но овој млад битолчанец вели дека кога боксерот е физички подготвен, ударите на рингот не се никаков проблем. За да се навикне човек на нив, потребно е да помине низ многу спаринзи. На почетокот на настапите имал трема, но сега секој натпревар за него е задоволство. Особено го сака надмудрувањето на тренерот со противникот.
- Во мечот, дури да се удрат ракавиците за поздрав, потоа не боли ништо бидејќи работи адреналинот. Боксот бара големо трпение и психичка подготовка. Ударите во животот болат многу повеќе. Во рингот е фер плеј. Животот е суров и нема милост, а има и недозволени удари. Но, покрај боксот, станавме отпорни на сè - признава младото момче.
Најсреќниот момент му бил кога на последното Државно поединечно првенство, кога го освои златниот медал и стана државен првак. Но, набргу му следеше тежок меч на Регионалната боксерска лига против боксерскиот клуб „Витезови“ од Црна Гора, каде што наиде на отпорниот борец Лука Гачевиќ и загуби. Но, верува во мудроста дека поразот води кон нови победи.