Живописни вештачки езера за разладување во Македонија – опколени се со природни сенки, полни со разни видови риби, а во едно има и слатководни медузи

Живописни вештачки езера за разладување во Македонија – опколени се со природни сенки, полни со разни видови риби, а во едно има и слатководни медузи

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во продолжение ќе ви споделиме неколку наши убави и живописни вештачки езера кои нудат прекрасна атмосфера за летно разладување

Летото асоцира на вода, а во Македонија имаме многу езера. Освен трите поголеми езера, има мали глацијални природни езера, сместени на високите планини, на надморска височина од 1.600 метри до 2.500 метри. Најмногу ги има на Шар Планина (18), потоа на Кораб со Дешат и Крчин (12), Јабланица (4), Стогово (3), Пелистер (2) и Јакупица (2). Овие езера, иако се мали, се многу атрактивни, пред сѐ, поради положбата. Едно од најубавите е Големото Езеро на Пелистер. Покрај природни, во нашата земја има и вештачки езера. 

Најголеми вештачки езера се Тиквешкото Езеро на Црна Река, езерото Козјак на реката Треска, Мавровското Езеро на Мавровска Река и Дебарското Езеро на Црни Дрим. Според сознанијата на професорот Ивица Милевски, во Македонија има околу 70 поголеми или помали природни езера и уште околу 120 вештачки езера, што значи дека број на езера е околу 190-200. Притоа, само Охридското Езеро има вода повеќе од сите други езера заедно. Во продолжение ќе ви споделиме неколку наши убави и живописни вештачки езера кои нудат прекрасна атмосфера за летно разладување.

Гратче

Вештачкото езеро Гратче е сместено во подножјето на Осоговските Планини, во извонредно живописна клисура со мошне атрактивна околина и се наоѓа на околу 6 километри од градот Кочани. Ова место е прекрасно, идеално за викенд-релаксација, за дистанцирање од градскиот метеж и вжештениот бетон. Опкружено е со бујно зеленило, природа, свежина. 



Како што споделуваат мештаните, во околината на езерото се споменува дека постојат над 30 природни извори на вода. Езерото е со должина од 3 километри, широко е околу 2,5 километри, а по патеките кои се наоѓаат околу него може да се заобиколи целото езеро. Во функција на посетителите, на западниот брег на езерото се наоѓа хотел и мотел со прекрасна тераса која е само неколку метри над нивото на водата.



Ротинско Езеро

Ротинско Езеро е, всушност, вештачка акумулација на Ротинска Река, југозападно од селото Ротино, кое е 13 километри оддалечено од центарот на Битола.
Живописната и недопрена природа на планината Баба, велосипедските и пешачките патеки кои минуваат во близина постојано намамуваат посетители, уживатели во природата. 


Езерото е опколено со вегетација која се пресликува во езерото и создава прекрасен пејзаж. Исто така, поставени се клупи, што дополнително е примамливо за излетниците и им овозможува да ја вдишат сета убавина. А целокупниот пејзаж често ги кани и фотографите и инстаграмџиите.



Мантово

Мантово е езеро во југоисточниот дел на Македонија. Се наоѓа на 15 километри од Конче, 18 километри од Радовиш и 25 километри од Штип. Езерото Мантово е изградено на реката Крива Лакавица во 1978 година, со основна функција да го наводнува Радовишко Поле, да обезбедува вода за потребите на рудникот Бучим, да обезбеди водоснабдување на Општина Конче, како и да прерасне во главен туристички центар во регионот. Пријатната клима во летниот период е погодна за капење и практикување на водните спортови. 



Застапеноста на повеќе видови риби создава добри предуслови за спортски риболов. А вертикалните карпи во близина на ридот Габровска Чука овозможуваат добри услови и за алпинистичко искачување. Крај езерото биле изградени три дрвени влашки колиби, кои дополнително ги збогатуваат содржините на Мантово. Изградени се во стар стил, од дрво, со бетонска подлога, а опремени се со кревет, маса и дрвени клупи, и се вистински декор на целиот простор.



Мавровица

Мавровица е вештачко езеро подигнато на истоимената река во близина на селото Немањици, северно од градот Свети Николе. Некогаш мештаните го нарекувале Орел затоа што се наоѓа во близина на селото Орел. Акумулацијата е создадена преку земјенонасипна брана со височина од 25 метри. Езерото е една од омилените дестинации на рибарите, познато е како риболовно одредиште, и рибарите тука често знаат да уловат сом, крап, амур, лињак, костреж, клен и црвеноперка, а најинтересно е дека во езерото има и слатководни медузи. 



На езерскиот брег се одржува и меѓународен риболовен натпревар во лов на крап со јадица на дно, „по шема“ фати и пушти.
Покрај езерото има летниковци, има шумски појас кој овозможува дебели и пријатни сенки во летниот период. Често го посетуваат излетници и кампери.



Тиквешко Езеро

Прекрасното вештачко Тиквешко Езеро се наоѓа во кањонот на реката Црна и е 12 км оддалечено од Кавадарци. Ова е воедно и најголемото и најдлабоко вештачко езеро кај нас. Има површина од 14 квадратни километри, а должина од околу 28 километри. Најголемата длабочина изнесува 105 метри. Езерото датира од 1968 година, со преградување на кањонот на Црна Река и со изградба на брана висока 104 метри. Тиквешкото Езеро е привлечна туристичка дестинација. 



Велат дека е скриено и идеално за лица кои сакаат да истражуваат. На средниот дел од езерото, на левиот брег, може да се види и дрвото наречено „Гол човек“, кое е зимзелено и претставува реткост во Европа. Богатата вегетација и самото езеро канат голем број птици, кои дополнително го облагородуваат просторот. Езерото има три трајни острови. Најголемиот се нарекува Градиште, но не е населен, а другите две се мали островчиња со куќи и придружни објекти и се лоцирани блиску до брегот на езерото.


Фото: Ана Лазарова и Википедија