Националната платформа за онлајн-настава ќе нуди учење на 5 јазици

Националната платформа за онлајн-настава ќе нуди учење на 5 јазици

Националната платформа за онлајн-настава ќе нуди учење на пет јазици – македонски, албански, турски, српски и на бошњачки јазик, рече премиерот Зоран Заев на претставувањето на единствената национална платформа со која на 1 октомври ќе почне учебната 2020/2021 година. Тој и министерката за образование и наука Мила Царовска ги претставија можностите на платформата преку симулација на час во живо.

- Пандемијата на Ковид-19 ни покажа колку се важни и неопходни инвестициите во образованието. Горди сме што креиравме единствена национална платформа создадена од исклучиво домашни ресурси. Платформата е инклузивна, едноставна за користење и искрено верувам дека ќе ја засакаат и учениците и наставниците. Безрезервно ќе ги поддржам реформите во образованието кои ќе бидат врвен приоритет во наредните четири години - рече Заев и ги повика родителите, наставниците и учениците активо да се вклучат во образовните процеси.

Царовска потенцира дека се обврзува за квалитетно образование на сите деца и млади. Платформата за учење од далечина интензивно се подготвува веќе неколку недели.
- Ова е влог во иднината, алатка и во пандемија да го задржиме и унапредиме образовниот процес, а ќе биде добредојдена и по завршување на пандемијата. Пред нас е период кој нема да биде лесен, проблемите се големи и приспособувањето бара голема жртва од сите нас. Но, кризата го погоди целиот свет и мора да сме спремни и да го обезбедиме наставен процес и да го заштитиме здравјето на сите. Затоа избравме комбиниран модел. Верувам дека сите ќе ја совладаат употребата на платформата и ќе ја засакаат - рече Царовска.

Платформата може да се користи преку компјутер, телефон, да биде следена од наставниците, има можност за брзи квизови, тестови, иновативни содржини. Самите ученици и просветните работници ќе ја надградуваат платформата. Царовска нагласи дена таа е резултат на МОН, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), МАСИТ - Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (ИКТ), со поддршка од Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат. Веќе се завршени обуките на 30 национални обучувачи, кои знаењето ќе им го пренесат на 1.600 наставници, номинрани за училишни обучувачи. Обуките се изведуваат на македонски, албански и на турски јазик.