Научниците можат да препознаат лажен мед без да ја отворат теглата

Научниците можат да препознаат лажен мед без да ја отворат теглата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците од Универзитетот „Кранфилд“ во Обединетото Кралство успешно тестирале нови методи за утврдување на автентичноста на медот, со што го отворија патот за брзо и прецизно тестирање.

Медот често се фалсификува со додавање евтини шеќерни сирупи. Како што наведуваат тие, извештајот на Европската комисија од 2023 година покажал дека 46 отсто од 147 тестирани примероци веројатно биле измешани со евтини билни сирупи.

Имено, многу е тешко да се откријат лажни производи бидејќи карактеристиките на медот се разликуваат поради изворот на нектарот, сезоната на берба и географските разлики. Методите за автентикација се скапи и одземаат многу време. Затоа, постои зголемена потреба за доверливо тестирање и усвојување нови правила за борба против измамата.

Истражувачки проект предводен од д-р Марија Анастасијади од Универзитетот „Кранфилд“, во соработка со Агенцијата за стандарди за храна и Советот за наука и технологија, користел специјализирана светлосна анализа за откривање лажен мед без да се отвори теглата. Примероците од мед од Обединетото Кралство, збогатени со сирупи од ориз и шеќерна репка, биле тестирани со неинвазивната техника Раманова спектроскопија. Прво била развиена за фармацевтска и безбедносна дијагностика и се покажала како многу прецизна во откривањето шеќерни сирупи во оваа храна. Научниците го комбинираа сето тоа со машинско учење за успешно да ги идентификуваат шеќерните сирупи од различните растителни извори.

- Медот е скап и баран, па може да биде мета на измамници, како резултат на што вистинските производители го губат својот профит, а и се нарушува довербата кај потрошувачите. Овој метод е ефикасен и е брза алатка за идентификација на сомнителни примероци, што ѝ помага на индустријата да ги заштити потрошувачите и да ги потврди синџирите на снабдување - објаснува д-р Анастасијади.

Оваа алатка е пренослива и лесна за имплементација, што ја прави идеална за тестирање во целиот синџир на снабдување.

Извор: n1.info.hr

Фото: Freepik