Вештачката интелигенција ја забрзува климатската криза, предупредува експерт

Вештачката интелигенција ја забрзува климатската криза, предупредува експерт

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ако се грижите за животната средина, размислете двапати за користењето на вештачката интелигенција. Генеративната вештачка интелигенција користи 30 пати повеќе енергија од традиционалниот пребарувач, предупредува истражувачката Саша Лучиони, која е во мисија да ја подигне свеста за влијанието врз животната средина.

Признаена како една од 100. највлијателни луѓе во светот на вештачката интелигенција од страна на американското списание „Тајм“ во 2024 година, канадската информатичарка со руско потекло веќе неколку години се обидува да ги квантифицира емисиите на програмите како „Чет-ГПТ“ или „Мидџурни“.

- Сметам дека е особено разочарувачки што генеративната вештачка интелигенција се користи за пребарување на интернет - истакнува таа.

Јазичните модели на кои се засноваат програмите бараат огромни компјутерски капацитети за обука на милијарди точки на податоци, за што се потребни моќни сервери. Потоа, тука е енергијата што се користи за да се одговори на барањата на секој поединечен корисник.

- Наместо едноставно извлекување информации, како што пребарувачот би направил за да го пронајде главниот град на една земја, на пример, програмите за вештачка интелигенција генерираат нови информации, што ја прави целата работа многу енергетски поинтензивна - објаснува таа.

Според Меѓународната агенција за енергија, комбинираниот сектор на вештачка интелигенција и криптовалутите потрошиле речиси 460 терават-часа електрична енергија во 2022 година - 2 проценти од вкупното глобално производство.

Лучиони во 2020 година учествувала во создавањето алатка за програмерите да го квантифицираат јаглеродниот отпечаток од воведувањето парче код. „Коудкарбон“ оттогаш е преземен повеќе од милион пати. Таа сега работи на создавање систем за сертификација за алгоритми.

Слично на програмата на американската Агенција за заштита на животната средина која доделува оцени врз основа на потрошувачката на енергија на електронските уреди и апарати, тоа ќе овозможи да се знае потрошувачката на енергија на производот со вештачка интелигенција, со цел да се поттикнат корисниците и програмерите да донесат подобри одлуки.

- Не ја земаме предвид водата или ретките материјали, но барем знаеме дека за одредена задача можеме да ја измериме енергетската ефикасност - изјави таа.

Со цел да ја развие својата алатка, Лучиони експериментира со неа на генеративни модели со вештачка интелигенција, кои се достапни за секого, или со отворен код, но би сакала да го направи тоа и на комерцијални модели од „Гугл“ или „Опен АИ“ креаторот на „Чет-ГПТ“, но тие не сакале да се согласат. Иако „Мајкрософт“ и „Гугл“ се обврзале да постигнат јаглеродна неутралност до крајот на деценијата, американските технолошки гиганти забележале зголемени емисии на стакленички гасови во 2023 година поради вештачката интелигенција: зголемени за 48 отсто за „Гугл“, во споредба со 2019 година и 29 отсто за „Мајкрософт“ во споредба со 2020 година.

- Ја забрзуваме климатската криза - вели Лучиони, повикувајќи на поголема транспарентност од технолошките компании.

Решението би можело да дојде од владите кои во моментов „одат на слепо“, без да знаат што има во збирките податоци или како се обучуваат алгоритмите, вели таа.

- Кога ќе имаме транспарентност, ќе можеме да почнеме да донесуваме закони. Исто така, неопходно е да им се објасни на луѓето што може и што не може да направи генеративната вештачка интелигенција, и по која цена - истакнува Лучиони.

Во нејзината последна студија покажала дека создавањето слика со висока дефиниција со помош на вештачка интелигенција троши енергија колку и целосното полнење на батеријата на вашиот мобилен телефон.

Во време кога сè повеќе компании сакаат да ја интегрираат технологијата во нашите животи - со чет-ботови и поврзани уреди или во онлајн пребарувањата - Лучиони се залага за „енергетска трезвеност“.

- Идејата овде не е да се спротивставиме на вештачката интелигенција, туку да ги избереме вистинските алатки - и да ги користиме разумно - нагласува таа.

Извор: techxplore.com

Фото: Freepik