Тхе Мичо е единствен претставник од Македонија на „Лука комикс енд гејмс“, најголемиот фестивал на поп-културата во Европа

Тхе Мичо е единствен претставник од Македонија на „Лука комикс енд гејмс“, најголемиот фестивал на поп-културата во Европа

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ваквите фестивали се од голема важност зашто иако технологијата напредна, сепак ние луѓето имаме потреба од личен контакт, од муабет и едноставно да се запознаеш и да размениш информации со некој што го почитуваш, што ти е колега или може да ти даде совет или да те научи нешто, вели Тхе Мичо

Еден од нашите најплодни и најкреативни илустратори и стрип-уметници, Михајло Димитриевски - Тхе Мичо е дел од најголемиот фестивал на поп-културата во Европа „Лука комикс енд гејмс“. Фестивалот има традиција од 30 години и на него учествуваат многу афирмирани и реномирани имиња од стрип-културата. Тхе Мичо е единствен претставник од Македонија годинава, но и воопшто досега.

- Мора да признам дека имав слушнато за Лука, но се немав премногу заинтересирано до пред извесно време. Знам дека е сврталиште на стрип и гејминг-елитата, ама немав повеќе информации. Всушност, тоа е најголем фестивал на поп-културата во Европа, а под поп-култура спаѓа делот со стрипови, игри, играчки и сѐ поврзано со нив. Имав забележано дека голем дел од светските и балканските ѕвезди се редовни, но не очекував дека е врвен настан. Се одржува 30 години, што е навистина за почит - ни сподели Михајло Димитриевски.



Во исто време на исто место со луѓе на кои им се восхитува

Лука е град во Италија, Тоскана, што живее за стрип, филмови и игри, а според бројот на продадени карти, фестивалот дневно го посетуваат по 50.000 гости.

- Според истражувањата што ги направив, тоа е град во кој секој милиметар е како излезен од стриповите и игрите. Со нетрпение чекам да го посетам и да го видам со сопствени очи сето тоа. Со оглед на тоа дека дневно има (според бројот на продадени карти) над 50.000 гости, а и според уметниците што присуствуваат, Лука е еден од најголемите поп-фестивали во светот. Според имињата на уметниците што ќе бидат таму и компаниите, ова е важен фестивал занаетски, а претпоставувам дека многу придонесува за развојот на регионот - дополнува Тхе Мичо.

Тој додава дека имал желба да го посети овој фестивал, а сега таа му се оствари.



- Гостите (заедно со мене) се фантастични: Френк Милер - авторот на „Син Сити“, „Ронин“, 300 и уште небројни класики, Џим Ли – легендарен американски илустратор и моментално главен уредник на ДиСи комикс, Пол Бонер - генијален илустратор, Џорџо Кавацано еден од моите омилени илустратори на Капетан Роџерс и Дизни продукција, Ц.Б. Цебулски - уредник во Марвел. Хауард Чајкин - легендарен стрип-илустратор, Марко Џурџевич, Тони ди Тирлизи илустратор и автор на „The Spiderwick Chronichles“, Гарт Енис - сценаристот на Причер, Бојс, Панишер, Сара Фрезета - внука на легендарниот Френк Фрезета, Мило Манара - жива легенда на европскиот стрип, актерот Џое Манганиело - страстен играч на днд, актерот Франко Неро, Хозе Муњоз, Дон Роса - легендарен цртач на Пајо Паторот стриповите, Луис Ројо, Жан Лук Сала, арт-директор на „Асасинс Крид Мираж“ и уште милион други - илустратори, филмаџии, дизајнери, косплејери. Дизни, Марвел, Диси, CMON, Нетфликс, Панини комикс, Бонели комикс, Нинтендо, Magic the Gathering, Dungeons and Dragons - се само дел од излагачите. Самата помисла да сум со овие луѓе на иста географска одредница е доста инспиративна и застрашувачка - бидејќи сум пораснал и сѐ уште ги следам нивните дела и сега ќе бидеме на исто место во исто време. Огромниот број гости - нивниот калибар и наслови на кои работат кажува доволно за големината и сериозноста на фестивалот - нѐ информира нашиот соговорник Тхе Мичо.



Пет дена ќе биде дел од фестивалот

На прашањето како се најде на листа со најуспешните стрип-уметници, илустратори, дизајнери, тој ни одговори:

- Минатата година работев на редизајн на една италијанска игра по име „Lupus in Tabula”, која ја издава „ДВ Гејмс“ од Италија. Тие се и едни од организаторите на фестивалот, како и фанови на дел од игрите на кои досега имам работено, па ме поканија да бидам нивни гостин во Лука и, нормално, јас прифатив. Веќе извесен период сум во бизнисов со игри, ама досега не сакав или немав можност да одам во големи светски настани - но кога човек има можност, зошто да не ја искористи. Ова е шанса да ги видам соработниците и авторите кои ми влијаеја, а секако и публиката која ги купува работите што ги создавам. Играта ќе има промоција на самиот фестивал, а специјално за фестивалот изработив и картичка (која ќе може да се користи во играта) која ќе биде ексклузива - достапна само во Лука. Ова е и традиција на видните фестивали - секогаш има додадена вредност кога си присутен таму, ексклузивен стрип, беџ, цртеж или што и да е. Поканет сум на сите пет дена од фестивалот, како и дополнителни неколку дена да го запознам регионот (за возврат планирам да им однесам македонска ракија). Програмата за моите активности моментално се пишува и не е финализирана, но начелно еден ден има трибина на која зборувам за моите цртежи, претежно во игрите и стриповите, цртање за фановите на играта и публиката, интервјуа за стримови и поткасти и еден настан што посебно ме заинтересира бидејќи таму ќе бидеме поголем дел илустратори/гости – Area Performance charity. Значи цртаме, ќе илустрираме со публика околу нас – и на крајот сликите се продаваат за добротворни цели (детски болници и слично). Верувам дека интеракцијата меѓу колегите и публиката ќе биде супер, а секако важна е и благородната цел - детално ни  објасни Тхе Мичо.



Вмрежувањата се важни ако има напредок од нив


Тој е единствен претставник од Македонија и ова е прво учество на македонски илустратор на настан од ваков карактер.

- Би сакал во иднина да има повеќе домашни илустратори кои ќе творат и успешно ќе работат надвор од границите на нашата држава. Поканата ја сфаќам како еден вид признание за мојата досегашна работа - барем во светски рамки. Во Лука ќе бидам изложен јас зашто сум повикан врз основа на мојот досегашен труд - а тоа се еден куп игри и цртежи - од „Game of throne“, „Lord of the rings“, „Valeria“, „Merchants Cove“ (игра дизајнирана од домашна екипа), „Endless Winter“ и уште многу други. Претпоставувам дека организаторот ќе се погрижи за ревијалниот дел бидејќи навистина организацијата е на високо ниво и авторите и уметниците се чувствуваат како ѕвезди во тој момент. Би рекол заслужено. Нормално, ќе има и италијански игри на кои сум работел, така што ќе има доста потпишување и посвети. (Линк од мојата фејсбук-страница) - подвлекува Тхе Мичо.



Ваквите саеми се од голема важност зашто иако технологијата напредна, ние луѓето имаме потреба од личен контакт, од муабет и едноставно да се запознаеш и да размениш информации со некој што го почитуваш, што ти е колега, или може да ти даде совет или да те научи нешто, вели тој.

- Супер е технологијата, социјалните мрежи, Фејсбук, Инстаграм, но сепак животот не е само тоа (само да посочам дека поголемиот дел од времето го поминувам пред компјутер) -треба малку и да се прошета и да се проживее. Бенефициите, искуствата и вмрежувањата се лични. Ако си паметен, правилно ќе ги искористиш. Ако не си претерано паметен, ќе се сликаш за лајкови. Вмрежувањето е многу убава работа, ама во последно време луѓето почнаа да се доста вмрежени и само се вмрежуваат и нема нешто плус. Само објавување, сликање, тагнување, а ретко вистинска работа. Како еден круг на правење ништо за никој. Еве баш за стриповите кај нас, убаво е сето тоа блогови, страници, вести, вмрежување, наградувања и слично, но дури некој не седне на маса да го исцрта стрипот/илустрацијата/текстот и слично, џабе е сето тоа. Нема технологија што ќе ја замени мрзливоста, па колку и да сака нека биде напредна. Вмрежување да - ако има напредок од тоа. Вмрежување само заради лајкување, не -мислам дека повеќе би сакал да цртам! И навистина би сакал во иднина повеќе македонски автори да земат учество на вакви настани отколку да кликаме лајкови на репостирани објави и да сме задоволни само од тоа. Јас ќе се потрудам прво да си поминам преубаво, да научам нешто и дел од моето искуство да му го пренесам на тој што го интересира. Се надевам дека ќе донесам еден тон стрипови и игри - вели Тхе Мичо.




Фото: приватна архива