Дали браќата Менендез ќе бидат ослободени по новите докази и популарноста на серијата на „Нетфликс“?

Дали браќата Менендез ќе бидат ослободени по новите докази и популарноста на серијата на „Нетфликс“?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Случајот со браќата Менендез повторно ѝ го привлече вниманието на јавноста откако се појавија нови докази кои би можеле да имаат значително влијание врз пресудите.

Лајл и Ерик Менендез, кои моментално отслужуваат доживотна казна без можност за условно ослободување во поправната установа „Ричард Џ. Донован“ во Сан Диего, Калифорнија, беа осудени во 1996 година за убиство на нивните родители Хозе и Кити Менендез во нивниот дом во Беверли Хилс.

Новите докази, вклучително и писмото што Ерик Менендез му го напишал на својот братучед Енди Кано, би можеле да ги поткрепат нивните претходни тврдења за долгата сексуална злоупотреба од страна на нивниот татко.

- Се обидував да го избегнам татко ми. Сè уште се случува, Енди, но сега е полошо - пишува во писмото, кое го обелодени окружниот обвинител на Лос Анџелес.

Писмото ги открива вознемиреноста и стравот на Ерик.

- Никогаш не знам кога ќе се случи и тоа ме полудува. Секоја ноќ останувам буден мислејќи дека може да влезе - напишал Ерик.

Овој доказ, заедно со другите елементи што допрва треба да бидат целосно обелоденети, би можеле да одиграат клучна улога на претстојното судско рочиште закажано за 29 ноември.

Тогаш ќе се одлучи дали постојат доволно основи за повторно отворање на случајот и можност за ново судење за браќата Менендез.

Доказите доаѓаат откако емисиите и документарните филмови кои го истражуваат нивниот случај повторно го разгореа јавниот интерес и ја обновија дебатата за сложеноста на ова злосторство и можната сексуална злоупотреба како причина за убиство на родителите на браќата Менендез.

 

Извор: Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube