Германија објави хумористични реклами за борба против коронавирусот

Германија објави хумористични реклами за борба против коронавирусот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Германската влада објави видеа во кои ги фали граѓаните што го поминуваат поголемиот дел од слободното време на каучот додека земјата се бори со вториот бран на коронавирусот.

Во првата реклама гледаме постар човек кој се сеќава на зимата 2020.

- Судбината на оваа земја беше во наши раце. Затоа, ја собравме целата храброст и го направивме она што се очекуваше од нас, единствената правилна работа. Не правевме ништо. Апсолутно ништо - вели старецот во рекламата.


Германската влада изјавила дека хумористичните видеа треба да испратат јасна порака до јавноста дека намалувањето на контактите со другите е од витално значење за спречување на ширењето на коронавирусот.

Во второто видео се прикажува девојката на човекот од првата реклама, додека во третата реклама гледаме маж кој се потсетува на деновите кога играл видеоигри додека бил изолиран во својот дом.


Видеата предизвикаа реакции на социјалните мрежи и многумина ги пофалија. Сепак, некои ги критикуваа поради споредбата со Втората светска војна.

- Не само што ги исмеваат загинатите во Втората светска војна, туку и луѓето што го преживеаја фронтот и можеа да зборуваат за него - напишал еден корисник.


Ова не се првите хумористични видеа за коронавирусот што се објавени во Германија. Минатиот месец агенцијата за промоција на туризмот во Берлин почна видеокампања во која постара жена им го покажува средниот прст на луѓето што одбиваат да носат маски за лице.

Засега во Германија 12.547 лица починаа како последица на коронавирусот. Рестораните, кафулињата и други јавни места се затворени.

Извор: bbc.com
Насловна фотографија: Screenshot/Youtube