Оние што се солидни учат од 7 сабајле до полноќ и пак не стигнуваат да совладаат сè за следниот ден. Сите професори оценуваат и усно и писмено, наеднаш, раскажува средношколка
По две писмени на ден и уште по толку испитувања, плус есеи, проекти, презентации, домашни... Вакво стресно секојдневие овие две недели минуваат средношколците во земјава. Со барањето од надлежните оценките за првото тромесечје да бидат запишани до 20 ноември, рокот на оценување се сведе на две недели. Учениците одговараат на материјал по одредени предмети и по педесетина страници предадени во еден месец, наместо во двата вообичаени месеци кога училишната година почнуваше на 1 септември. Исцрпени се, под стрес, под притисок, имаат главоболки. Во успехот потфрлаат и солидни ученици, време за поправки нема, а препишувачи успеваат да добијат понекоја добра оценка.
Петките стануваат тројки, а тројките петки
- Оние што се солидни учат од 7 сабајле до полноќ и пак не стигнуваат да совладаат сè за следниот ден. Сите професори оценуваат и усно и писмено, не во десет работни дена, туку во девет зашто во петок, на 20 ноември, оценките треба да бидат заклучени. Во еден ден правите писмена по физика, а ве испитуваат по македонски јазик и географија, сите предмети со материјал по 50 страници како за колоквиум. Следниот ден писмена по историја, испитуваат по хемија и англиски - вели Весна Николовска, средношколка од Битола.
Има и ученици што не учат доволно, користат ливчиња за препишување, компјутерски програми за допишување за време на писмените. Некои ги решаваат тестовите, а откако од компјутер повратно ќе ги добијат точните одговори, им ги препраќаат на соучениците. Професорите, свесни за сето ова, стануваат поригорозни во тестовите.
- Ни даваат тестови со препознавање, навидум лесни. Но се случува да бидат прашања за не толку значајни работи од материјалот или, пак, од делови насловени како „дознај повеќе“. Наместо да знаеме кои се реките во одредена област, одговараме колку се на број. Додека одговараме постојано добиваме предупредувања: не гледајте лево, не десно, читате... - раскажува средношколец од Велес.
Скратените рокови предизвикуваат стрес и кај професорите. Тие сметаат дека треба малку да се забави имајќи предвид дека има болни професори, ученици, родители. Предлагаат измени во оценувањето, по можност само една полугодишна оценка.
Да се забави со оценувањето, предлагаат професорите
- За многу краток рок успешно се вклопивме во наставата од далечина. Сепак, кога сме исправени пред обврската да ги оцениме учениците до 20 ноември, наидуваме на проблем. Учениците добиваат задолженија да изработат презентации, есеи, квизови, тестови, да се научат лекции, а со цел да се испочитува дадениот рок. Кое дете реално може сето ова да го постигне без страв и паника?! Има ученици што секое утро се будат со главоболки, постојано чувствуваат страв и голем притисок. Од друга страна, тука се наставниците кои брзаат да ја реализираат наставната програма и оценувањето во дадениот рок, што предизвикува големо оптоварување. Сметам дека треба малку да забавиме. Можеби идеално решение ќе беше во првото полугодие од оваа учебна година да се оди само со една, полугодишна оценка - вели Валентина Богојовска, професор по англиски јазик и книжевност во СОУ „Таки Даскало“ во Битола.
Мајка на средношколка во втора година во скопска гимназија вели дека „е неиздржливо“, иако нејзината ќерка е примерна ученичка, трудољубива и лани и на полугодие и на крај на година имала одличен успех.
- Притисокот врз децата е огромен. Иако е дете што не се жали, гледам дека ѝ е многу тешко. Особено кога е втора смена. Завршува доцна, некогаш учи до полноќ за да стигне наутро да заврши сè. Мора да се најде поинакво решение. Не се виновни учениците што учебната година почна еден месец подоцна - вели загрижената мајка.
Во вакви услови во некои од училиштата психолошките служби имаат полни раце работа. Марија Младеновска-Димитровска, психолог од СОУ„ Таки Даскало“ од Битола, вели дека нејзиниот телефон прегрева во текот на денот и по неколку пати ја полни батеријата за да ги ислуша сите ситуации со кои се соочуваат учениците и професорите.
- Не направив сабмит на тестот (не го потврдив) навреме! Ми падна интернетот, не ми работи камерата, мјутнат сум, ме кикна од часот. Ова се само дел од лошите искуства со онлајн-наставата. Решаваат задачи, а во кадар му влетува братчето и го деконцентрира. Друг ученик слуша настава, а во заднина офка неговата болна неподвижна баба оти во болница никој не сака да ја прими. Родители доцнат на работа бидејќи не можат да се подготват зашто во дневниот престој детето одговара усно и не смеат да шушнат за да не го деконцентрираат, или не дај Боже да го обвини наставникот дека некој му дошепнува. Учениците што одговараат втренчено в камера се како пред обвинителна клупа - вели Младеновска-Димитровска.
Да бидеме разумни и да поставиме разумни рокови
Интересен час, а не извор на стрес, советува психологот Младеновска-Димитровска.
Има ученици што не сакаат да ја вклучат камерата за нивните другарчиња да не ја видат сиромаштијата во која живеат. Деца што одат во близина на кафулињата низ градот за да фатат бесплатна мрежа за да се вклучат на час зашто дома немаат интернет, ниту компјутер.
Но, има и обратни случаи кога некои ученици добро се забавуваат, па ги „мјутнуваат“ наставниците, „ги кикнуваат“ (исфрлаат од час), препишуваат, си шеруваат тестови со решени одговори, се вклучуваат на настава, па си легнуваат да поспијат. Слушаат групно часови или по кафулиња или на домашни собиранки, правејќи си забава со наставниците.
Марија Младеновска-Димитровска, психолог
- Со право некои наставници ги издава трпението и подлегнуваат под стресот, па нетрпеливо и нервозно врескаат на микрофоните чии гласови се испрекинати зашто е слаб интернетот и викаат по децата дека не внимаваат доволно, дека не запомниле ништо од лекцијата, иако половина од тоа што го зборуваат децата не се слуша поради разните брумови и шумови кои се слушаат во заднина поради слабиот интернет или лошиот микрофон - вели психологот.
Токму поради овие ситуации, таа предлага да се олабави притисокот врз наставниот кадар во поглед на роковите за оценување, а со тоа ќе се намали и притисокот врз учениците.
- Да бидеме разумни и да поставиме разумни рокови. Да се бара само најнеопходното што е важно од лекциите, сè може да се надомести. Да ги оставиме наставниците релаксирано да си ја вршат работата, да имаат доволно време да направат процена на знаењето на учениците, да им ги направат интересни часовите, а не извор на стрес - вели Младеновска-Димитровска.