Елена Ртоска, македонска шампионка во скајранинг: „Им порачувам на младите да се поврзат со природата и редовно да вежбаат“
Ртоска го спои спортот со професијата, па за дипломска работа изработи веб-апликација за планински туризам.
На екстремните планински терени низ кои трча прилепчанката Елена Ртоска некои не би помислиле ни да се искачат. Тоа се предели што се издигаат над 2.000 метри надморска височина, поради што и не случајно оваа дисциплина на планинско трчање го носи називот скајранинг или трчање низ небо. Се трча по исклучително стрмни и каменести терени, поради што е потребна голема кондиција, издржливост, но и стабилност, моторичка координација и концентрација. Овој спорт почна да се развива во алпските земји пред 30-ина години, а денес доживува сѐ поголема популарност во светот и се прават обиди да стане и олимписки спорт.
Ртоска годинава беше осма на Светското првенство во скајранинг што во септември се одржа во Сорија, Шпанија, седма на Европското првенство 2023 во Проклетије, Црна Гора, а има освоено и многу други награди на домашни и интернационални трки.
- Планинското трчање носи многубројни физички и ментални придобивки, како подобрена кондиција, зголемена сила и издржливост, намалување на стресот и поврзаност со природата што дејствува како рекреативна терапија - вели Ртоска.
Трчала под глечери, крај мориња, кањони, шуми и средновековни градови
Љубовта кон планинското трчање произлегла од желбата повеќе време да поминува во природа. Во 2017 година почнала да трча рекреативно кратки дистанци и на рамен терен, додека пак од 2019 година почнала посериозно да тренира, насочувајќи се кон скајранингот.
Трчала низ прекрасните предели прекриени со вегетација и убави погледи кон морските плажи на Крф, Грција, низ средновековни градови, шуми, кањони во Истра, Хрватска, низ алпските патеки во Италија, Швајцарија и Франција, од каде што имало воодушевувачки поглед на долината и врвовите на источните краишта на Мон Блан, вистински природен спектакл. Понатаму, низ планински терени во повеќе европски држави и дома, во Македонија, која не заостанува по прекрасните предели и пејзажи.
- Јас сум апсолутен вљубеник во природата! Секој предел си има своја убавина, но најголем впечаток ми имаат оставено алпските патеки, каде што глетките кон врвовите и глечерите се неверојатни - вели Ртоска.
Добитничка на наградата „3 Ноември“ од родниот град Прилеп
Ртоска тренира шест до седум пати неделно на треил-патеки. Тренингот во работен ден не е повеќе од 10 километри, за што ѝ се потребни околу час до два, во зависност од тоа колкаво е искачувањето. Додека, пак, во викенд тренингот вообичаено е на подолги патеки со поголемо времетраење. По вакви напорни тренинзи, не е ни чудо што долга е листата со натпревари на кои учествувала, а добила и награди. Годинава е добитник на високото општинско признание, наградата „З Ноември“ која се доделува на Денот на ослободувањето на Прилеп, а Ртоска ја добива за особен придонес во развивање на екстремните спортови.
- Како поважни натпревари би ги издвоила европските и светските првенства во скајранинг, како и UTMB-OCC, Pirin Extreme, Istria by UTMB, Virgin forest trail, Crossing Riviera, SkySnow championships, Галичица ултра, Титов Врв скајрејс, Љуботен скајрејс, балкански првенства... Мојот најдобар резултат мислам дека го постигнав оваа година, со 8. место на Светско првенство во скајранинг во Шпанија, во комбинирана класификација на дисциплините скај класик и вертикален километар. Исто така, и рекордот на патеката на државното првенство во скајранинг на Титов Врв, како и подиумите во Швајцарија, Грција, Хрватска, Бугарија, па 7. комбинирано место на европското првенство во 2023 во Црна Гора и повеќе рекорди на локални и интернационални трки - додава таа.
Инаку, скајранинг е форма на планинско трчање на високи надморски височини, обично над 2.000 метри, каде што маршрутите вклучуваат искачување на стрмни делови и технички терен. Ртоска им порачува на младите да се поврзат со природата, повеќе да истражуваат и редовно да вежбаат.
- Планинското трчање е идеален начин за физичко и ментално зајакнување - вели Ртоска.
Работи како софтверски инженер
Таа дипломира компјутерски науки и инженерство на ФИНКИ и повеќе од четири години работи како софтверски инженер. Се обидува и професионалната и спортската кариера да ги развива напоредно. Дури и знаењата стекнати на факултет се обиде да ги искористи за развој на планинските спортови и туризам. За дипломска работа изработи веб-апликација за планински туризам.
- Таа е пример за апликација каде што туристите и спортистите би можеле да планираат маршрути, да добиваат информации за теренот, да пронајдат најблиско сместување и да прочитаат препораки. Се надевам дека спортот ќе достигне поголем развој, а со тоа и апликациите од ваков тип би имале поголема примена. За поголем развој на планинското трчање во Македонија, потребна е поголема институционална поддршка, поголема промоција за настаните и вклучување на млади луѓе во спортот - вели Ртоска.
Фото: приватна архива