Итните вработувања на Институтот за хемија низ лавиринтот на државната администрација

Итните вработувања на Институтот за хемија низ лавиринтот на државната администрација

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Барањето согласност за вработувања пристигна денеска, 17 декември, велат од Министерството за финансии

Дури вчера во Министерството за финансии пристигнало барањето за итните шест вработувања на Институтот за хемија, кои требаше да ги достави Министерството за образование и наука. Заплеткани во административните канали, шесте барања за вработувања веројатно ја изгубија трката со предизборното затишје, иако Институтот за хемија првпат ги побарало на 27 август. Пред десетина дена хемичарите при Природно-математичкиот факултет во Скопје повторно апелираа дека е неизвесен почетокот на вториот семестар без неопходните вработувања. Не помогна многу ниту протестот на 22 октомври, кога вработените на Институтот заедно со студентите јавно го изразија својот револт поради лошите услови за работа и за студирање.


Од протестот на Институтот за хемија на 22 октомври / Фото: Борче Поповски

- Истиот ден на протестот министерот за образование и наука даде изјава за една телевизија дека вработувањата ќе бидат одобрени - вели проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот.

Во моментот на Институтот за хемија има 20 наставници (15 редовни професори, 4 вонредни професори и 1 доцент), 4 лаборанти и 1 библиотекар, а 3 демонстратори се ангажирани со договор за оваа академска година. Од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти). Речиси половина година трае борбата за итни вработувања на два асистента и четири виши лаборанти. Во меѓувреме редовните професори повторно облекоа бели мантили и им држат лабораториски вежби на студентите заедно со асистентите и демонстраторите.

Пред десетина дена вработените во Институтот најавија дека со овој капацитет тешко дека ќе успеат да го истуркаат вториот семестар. Веднаш испративме прашања до МОН и до МФ за тоа каде е заплеткана процедурата. Првите одговорија дека барања од МОН се испратени минатата недела, додека од Финансии одговорија дека кај нив воопшто не е стигнато вакво барање.

- Барањето согласност за вработувања за кое прашувате пристигна денеска, 17 декември, до Министерството за финансии. По него ќе биде постапено согласно законските постапки - изјавија од службата за односи со јавноста при МФ.



Целата процедура со шесте вработувања на Институтот заглавува во повеќе институционални лавиринти. Барањата од Институтот за хемија првпат биле упатени на 27 август, до деканатот на ПМФ, преку Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, до МОН и до Министерството за финансии. Тогаш од Институтот биле побарани податоци како финансиски ќе се одразат овие вработувања врз буџетот (колку пари ќе бидат потребни на годишно ниво). Откако тоа било доставено, од Институтот биле побарани дополнителни податоци, пополнување табели и слично. Откако и тоа било доставено преку сите канали, ова е трет круг на повторување на процедурата.

Од Институтот се надеваат дека деновиве ќе добијат позитивен одговор на барањата за вработувања пред формирањето техничка влада и влегувањето во предизборен период.