Што би се случило со светот ако исчезнат само три вида инсекти?

Што би се случило со светот ако исчезнат само три вида инсекти?

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Предвидувањата се дека во следните неколку децении ќе исчезнат дури 40 отсто од видовите инсекти. Можеби не ги сакате инсектите и мислите дека на светот би му било подобро без нив, но вистината е дека нивното исчезнување би предизвикало еколошки хаос и исчезнување на храната за луѓето и животните. Какво влијание би имало врз нашиот живот целосното исчезнување на само три вида инсекти што им се познати на сите?

Без пчелите ќе исчезнат цвеќињата, овошјето и зеленчукот

Непрофитната организација за заштита на животната средина „Ертвоч“ ги прогласи пчелите за најважни живи суштества на планетата. Освен што произведуваат мед, тие се и главни запрашувачи на билниот свет и камен-темелник на природните ресурси кои овозможуваат создавање семе кај билките. Без транспортот на цветниот прав, кој го вршат пчелите, производството на земјоделските култури би се намалило за неверојатни 30 отсто, а би исчезнале дури 90 отсто од видовите цвеќиња.

Бубашвабите играат клучна улога во кружењето на азотот во природата

Бубашвабите се инсекти што сите ги мразат и има многу причини за тоа. Освен што не изгледаат убаво, тие исто така и пренесуваат бактерии, предизвикуваат алергии и оставаат измет на местата низ кои поминуваат. Меѓутоа, се проценува дека луѓето ги нервираат само 20 од вкупно 3.500 вида бубашваби, колку што има во светот.

Далеку од градовите, бубашвабите се извор на храна за малите цицачи, птици и влекачи. Покрај тоа, тие ги трошат нештата што се распаѓаат во природата, а изметот кој го оставаат е полн со азот, клучен елемент за раст на билките. Значи, без овие инсекти би се создала нерамнотежа во екосистемот, како во животинскиот така и во растителниот свет.

Светот без муви е свет без чоколади

Мувите се инсекти со лоша репутација. Тие се поврзани исклучително со нечистотијата, пренесувањето болести и непријатното брмчење. Сите тие карактеристики се вистинити, но мувите имаат и позитивна улога за која речиси никогаш не се зборува, а која го олеснува нашиот опстанок на Земјата.

Кога би исчезнале мувите, елиминацијата на разен органски отпад би останала само на бактериите и габичките, а процесот би траел многу подолго. Освен што се неопходен фактор за рециклирање разни видови отпад, некои видови муви се и активни запрашувачи на билки.

Некои видови муви се важни запрашувачи на тропските култури, како што е какаото, од кое се прави чоколадата.

Ова се само три инсекти што сите ги знаеме и без кои оваа планета не би била гостопримлив дом, а има и многу што не сме ги запознале иако работат во наша полза. Според суровите статистики, има и многу такви што никогаш нема да ги запознаеме.