И во овие тешки времиња, во кои општото функционирање и егзистирањето се отежнати од секојдневното влошување на состојбата со пандемијата, културата се бори да опстои и со своите програми да им понуди содржини на љубителите на уметноста, со цел да едуцира, анимира, продухови. Националната галерија месецов ги отвори изложбите: „Везење во камен“ на Моника Мотеска во Чифте амам и „Нови пејзажи-архив на реалноста“ на Роберт Јанкуловски во „Мала станица“.
Моника и Роберт, и двајцата уметници, секој во својата област, истовремено го делат и интимниот, или поконвенционално кажано брачниот простор. Освен што се извонредно креативни и активни, тие се и многу искрени и духовити кога станува збор за нивниот личен однос. Па така, на прашањето дали ги споила љубовта кон уметноста или тоа дошло отпосле, како дополнување, Моника вели дека ги споила уметноста, а подоцна дошла љубовта, а според Роберт, поточно е дека ги споила неговата упорност затоа што отсекогаш бил заљубен во Моника... И двајцата, како што велат, во уметноста допираат длабоко во најинтимните нивни делови. На пример, на актуелната изложба Роберт изложува и фотографии од нивните деца, а Моника во своите дела ја употребува нивната коса. Нивниот стан, пак, понекогаш не се разликува многу од ателјето, особено пред изложба.
Како успеавте да останете во „кондиција“ во вакви услови, во време на пандемија?
Моника: Јас сум друштвен човек, сакам да одам на концерти, изложби, сакам да се смеам. Но, сè што донесе оваа пандемија направи да се чувствувам тажна, полна со грижа за моите најблиски затоа што овој вирус како сенка лебди над нас. Моите деца се многу осамени, но сите ние строго ги почитуваме правилата. Од друга страна, во мојата работа не се смени ништо драстично, работам сама во ателје, а тоа е исто како во изолација.
Роберт: Можеби токму овие изложби нè одржаа во кондиција. Изложбата на Моника е дел од годишната програма на Националната галерија и таа беше планирана една година однапред, а мојата е резултат на конкурсот за „зрел уметник“ што го објави Националната галерија во јуни оваа година. Делата за мојата изложба „Нови пејзажи-архив на реалноста“ почнав да ги реализирам од септември. Терминот го одреди галеријата и ни се поклопија две обемни изложби во исто време.
Овој пат истовремено изложувате, но претпоставувам секогаш работите во исто време? Како се организирате?
Моника: Изложбата ја подготвував една година, но секогаш ми недостига уште некој ден. Пред изложби сме во тотален хаос, но секој од нас точно знае уште колку време му треба за подготовка. Работиме како мускетарите - еден за сите, сите за еден. Со список ги потцртувам работите што се спремни и така почнувам полека да се ослободувам. Целиот тој хаос на подготовка на мојата и на изложбата на Роберт, иако е напорен, за мене е најубав. Кога сè ќе заврши, се чувствувам празно.
Роберт: Уметничката работа е нашата главна преокупација, секојдневно работиме и во ателје и дома. Секој ја работи својата работа, понекогаш се консултираме еден со друг си раскажуваме до каде сме стигнале со реализацијата. Но, кога доаѓа времето за изложба (особено ако станува збор за две изложби што се отвораат со неколку дена разлика), станува густо. Во тој процес најчесто се вклучуваат и луѓе отстрана, излегуваат непредвидливи проблеми што мора брзо да се решат. Секогаш одбираме професионална екипа околу нас, а актуелниве изложби ги работевме со уживање затоа што тимот на Националната галерија се вистински професионалци и проблемите ги решававме многу брзо.
Некои сè уште го величаат митот за уметникот и музата, но други едноставно ги ценат забележителните уметнички и партнерски соработки од минатиот век (од Камиј Клодел и Огист Роден до Пикасо и Дора Маар)... Како е во вашиот случај, кој е уметникот а кој музата, или кој кого инспирира, кој кому му помага? Или не оди тоа така?
Моника: Каква интересна споредба. Јас сум музата (хахаха). Не, не оди тоа така. Ние сме партнери во животот, но и во уметноста. Знаеме да бидеме и жестоки. Секој секому му помага, Роберт е мојот филтер, кога се двоумам, го прашувам него. И кога не можам да направам дистанца, тогаш тој е тука. Понекогаш сака да ме разубеди во некои работи, но јас сум упорна и на крај ме поддржува. Кога се работи за него и неговата работа, мислам дека и најмала моја гестикулација и негодување знае да ги почувствува и види, се повлекува ако мислам дека нешто не е добро. По многу години поминати заедно знаеме да се разбереме, но тоа не значи дека сè оди многу мазно.
Роберт: Не постојат музи, тоа се романтичарски приказни. Ние и двајцата создаваме, се инспирираме еден од друг, но не се натпреваруваме меѓу себе. Јас доаѓам од светот на фотографијата и филмот и сум попрактичен и поподготвен за компромиси при реализација на моите идеи. Моника е таа што не дозволува да правиме компромиси при изведбата на делата. А тоа значи повеќе вложени средства и време. Честопати знам да избувнам велејќи ѝ дека е нереална, некогаш со повишен тон, но набрзо увидувам дека е во право и одиме докрај. Кога ќе размислам, всушност, си се лутам сам на себе затоа што сум помислил на некаков компромис. Толку многу се познаваме, што понекогаш реализираме делови од проектот на другиот онака како што самиот тој би ги направил. Можеби во иднина и ќе направиме некое заедничко дело, иако и во досегашниве несвесно има понекој заеднички елемент.
Дали ве спои љубовта кон уметноста или тоа дојде отпосле, како дополнување?
Моника: Мислам дека нè спои уметноста, а подоцна дојде љубовта. Се познаваме од средношколските денови во Прилеп. И двајцата имавме исти интереси, Роберт беше поупорниот, а јас на крајот се предадов.
Роберт: Ова прашање има два одговори. Првиот е дека нè спои љубовта кон уметноста или сличните ставови кон животот воопшто, а вториот одговор, кој е поискрен и поточен според мене, е тоа дека нè спои мојата упорност затоа што отсекогаш бев заљубен во Моника. А, сè друго дојде подоцна.
Имате два различни уметнички концепти, посебности и специфики на личните дискурси, но дали и каде тие се допираат и се испреплетуваат?
Моника: Имаме различни медиуми на изразување, кои некогаш се допираат, а некогаш се разидуваат. Ако нешто ми се случи и бидам спречена да поставам изложба, знам дека Роберт може да го направи истото како јас да сум тука, но и обратно. Кога треба да се одлучи кои фотографии или цртежи да се изложат, двајцата одбираме исти. Може да не се совпаѓаат едно или две дела. Изложбата „Везење во камен“ ја гледам како дијалог со неговата. Ако тој зборува за просторот и времето каде што, од една страна, владее убавина, а од друга, пустош, во моите дела зборувам за животот и смртта, но на поинаков визуелен начин. Двајцата допираме длабоко во најинтимните наши делови. На изложбата Роберт изложува и фотографии од нашите деца, а јас во моите дела ја употребувам косата од децата.
Роберт: Иако сме имале неколку заеднички изложби, секогаш сме изложувале различни дела. Но, секако дека и во моите и во делата на Моника има по нешто од другиот. Некаква прифатена сугестија, некое надополнување на идејата. Тргнуваме со сопствени идеи, сопствени концепти, а во текот на реализацијата низ разговор, сугестии, мислења примаме енергија еден од друг.
Си разговарате ли по дома за уметноста или повеќе за тоа кој ќе оди да пазари, кој ќе учи со детето, кој ќе зготви...?
Моника: Постојано разговараме за уметноста, дури и нашите деца се смеат и постојано ни кажуваат кои нови уметници ги научиле. Јас готвам и чистам, Роберт и Адам пазарат. Слушам музика со Лука, јас сум „лошата“, а Роберт е „добриот“. Роберт учи со Адам математика, а јас сум одговорна за природни науки и ликовно. Целиот наш живот е во знакот на уметноста, дишеме и живееме за неа. Сега и нашиот син Лука тргна по тој пат, само што тој избра да биде музичар. Тој е нашиот иден композитор.
Роберт: Не знам дали е тоа случај само во уметноста кога партнерите се од иста област или е тоа случај и во други професии, но ние постојано разговараме за уметноста каде и да сме. Често пати и двајцата работиме дома или ја пренесуваме работата од ателје и навечер продолжуваме до доцна во ноќта. Нашиот стан понекогаш не се разликува многу од ателјето, особено пред изложба. Но, секојдневните „неуметнички“ обврски редовно ги исполнуваме. По сите овие години поминати заедно, домашните обврски некако сами се поделија, иако да бидам искрен колку и да се трудам да ги делиме обврските, сепак поголемиот дел сè уште се во рацете на Моника. Пред сè, тука мислам на воспитувањето на децата затоа што јас многу често минативе години бев на пат надвор од Македонија, а таа беше сама со нив. Иако не често, но знаеме да подготвиме заеднички ручек и мислам дека во тие моменти и децата се најсреќни.
Чии дела зафаќаат повеќе простор во вашиот дом?
Моника: Освен делата на Роберт и моите, на нашите ѕидови висат слики и од наши колеги. Цртежите на нашите деца за кои јас сум посебно емотивно поврзана, фотографии на Роберт од нашите деца и неколку мои портрети, кои Роберт ми ги подари кога бевме дечко и девојка. Не можам да живеам без бои и без полни ѕидови.
Роберт: Нашиот стан е целосно исполнет со наши дела, како на ѕидовите така и насекаде низ собите. Некои се поставени на вистинското место, а другите, чекајќи да бидат поставени, останале на подот, потпрени на некој ѕид, понекогаш преклопувајќи се едни со други. Никогаш не сме размислувале и не сме го делеле просторот рамноправно. Но, одговарајќи на ова прашање, увидов дека еднакво има и мои и дела на Моника. Имаме премногу работи и секогаш ни недостига простор.