Промовирана страницата за рано предупредување за исчезнати деца „Најди ме“
Веб-страницата за рано предупредување за исчезнати деца najdime.org.mk, која ќе биде достапна на македонски, албански и на ромски јазик и е поддржана од Министерството за внатрешни работи, беше презентирана денеска на завршната конференција на „Пилот-проект за систем за рано предупредување за исчезнати деца“.
Главна цел на проектот е да се подобрат постојните пристапи и да се изнајдат нови методи за превенција, истрага и ублажување на трговијата со луѓе и деца, како и заштита или зајакнување на правата на засегнатите преку размена на искуства и стекнување нови знаења. Проектот го спроведуваше Граѓанската организација „Новинари за човекови права“, во соработка со партнер-организацијата ЕКПАТ - Австрија во периодот од 1 јули 2021 година со финансиска поддршка од австриското сојузно Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите.
Министерот за образование Јетон Шаќири на конференцијата потенцира дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и дека Министерството за образование и наука го става на располагање сиот свој капацитет во развојот на овој систем.
Тој најави дека во крајна фаза е изработката на новиот електронски дневник со кој е предвидено родителите веднаш по внесувањето на податоците од страна на професорите да имаат евиденција за присуството на учениците на час.
На Конференцијата беше истакнато дека исчезнувањето, ризиците за исчезнување на децата како тренд во модерното општество, насилството, дали се работи за онлајн насилство, физичко насилство, психичка злоупотреба, се предизвици кои широко ги засегаат сите чинители, меѓутоа, најмногу децата како најранлива категорија.
Еден сегмент од проектот е посветен и на маргинализираните групи, односно децата Роми и децата кои доаѓаат од семејства во социо-економски ризик, односно за зајакнување на капацитетите и препознавање на предизвиците кај овие ранливи категории.
Организаторите појаснија дека секој и од секаде може да пријави исчезнато лице. Пријавата не се гледа во јавност, ИТ-лицата кои стојат зад веб-страницата ги разгледуваат податоците и ги пријавуваат во МВР. Потоа се чека повратна информација од МВР и се објавува исчезнатото лице.
Извор: МИА