Пониски стапки на смртност од Алцхајмерова болест кај возачите на такси и на брза помош
Една нова студија посочува дека работните места за кои е потребна просторна обработка на информации, како што е пронаоѓањето најдобра маршрута со такси или најдобриот начин за навигација до болница, може да доведат до пониски стапки на смртност од Алцхајмерова болест.
Истражувачите од „Мас џенерал Бригам“ ја истражувале оваа можност користејќи национални податоци за да го проценат ризикот од смрт од Алцхајмерова болест во 443 професии.
Тие откриле дека возењето такси и возењето возило за итна помош се поврзани со помала стапка на смртност од Алцхајмерова болест во споредба со другите професии.
- Истиот дел од мозокот кој е вклучен во креирањето когнитивни просторни мапи - кои ги користиме за да се движиме низ светот - е вклучен во развојот на Алцхајмерова болест. Претпоставивме дека возењето такси и возењето амбулантно возило, кои бараат просторна и навигациска обработка во реално време, може да бидат поврзани со намалена стапка на смртност предизвикана од Алцхајмерова болест, во споредба со другите професии - вели м-р Вишал Пател, лекар во одделот за хирургија во „Бригам“.
Пател и неговите колеги ја анализирале смртта на возрасни луѓе од 443 различни професии помеѓу 1 јануари 2020 година и 31 декември 2022 година. Тимот ги разгледал социо-демографските информации, вклучително и возраста, полот, расата, етничката припадност и образовното достигнување, како дополнување на занимањето со кое лицето се занимавало во поголемиот дел од својот работен век.
Од речиси 9 милиони луѓе вклучени во студијата, 3,88% (348.328) починале од Алцхајмерова болест. Кај таксистите, 1,03% (171/16.658) починале од Алцхајмерова болест, додека кај возачите на амбулантно возило стапката била 0,74% (10/1348).
Возачите на брза помош (0,91%) и таксистите (1,03%) имале најнизок процент на смртни случаи поради Алцхајмерова болест од сите испитани професии. Овој тренд не бил забележан кај другите работни места поврзани со транспортот што користат однапред одредени маршрути, како што се возачи на автобуси (3,11%) или пилоти на авиони (4,57%), кои помалку се потпираат на просторна и навигациска обработка во реално време. Трендот не бил забележан за други видови деменција.
- Нашите резултати ја нагласуваат можноста дека невролошките промени во хипокампусот или на друго место кај возачите на такси и на брза помош може да се причина за пониските стапки на Алцхајмерова болест - вели Анупам Б. Јена, д-р во Општата болница во Масачусетс.
Авторите забележуваат дека ова е набљудувачка студија, така што не може да се извлечат цврсти заклучоци за причината и последицата. Тие додаваат и дека симптомите на Алцхајмерова болест обично се развиваат по работоспособната возраст.
- Ние ги гледаме овие наоди не како убедливи, туку како генерирање хипотези. Но, тие посочуваат дека е важно да се разгледа како можат да влијаат занимањата врз ризикот од смрт од Алцхајмерова болест и дали некои когнитивни активности можат да бидат потенцијално превентивни - заклучил Јена.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik