Во јавноста, од една страна, има многу критики зошто толку чекаме за вакцините против Ковид-19, но истовремено, од друга страна, голем дел од граѓаните се скептични кога станува збор вакцината од различни причини, па велат дека не е лошо да видиме што ќе се случува во земјите во кои веќе се вакцинира
Македонија може да биде последната држава во регионот, а можеби и во Европа, што ќе ја добие вакцината против Ковид-19, па со тоа и ќе го почне процесот на вакцинација на населението. Според најавите на здравствените власти, најоптимистичкиот период за кога се очекува да стасаат првите дози на „Фајзер“ е февруари годинава. Целта е 60 до 70 отсто од македонската популација да ја прими вакцината, што би било доволен процент за стекнување на имунитет во борбата против коронавирусот.
Во јавноста, од една страна, има многу критики зошто толку чекаме за вакцините против Ковид-19, но истовремено, од друга страна, голем дел од граѓаните се скептични кога станува збор вакцината од различни причини, па велат дека не е лошо да видиме што ќе се случува во земјите во кои веќе се вакцинира.
За оваа ситуација експертите коментираат од два аспекта. Едниот како можна придобивка, а другиот, пак, како пропуст. Според едниот аспект, самиот факт што се чека за имунизација е пропуст, зашто македонските граѓани ќе бидат последните во регионот кои ќе се вакцинираат против Ковид-19, а со тоа се изложени на ризик од вирусот, додека во Европа веќе добар дел од населението ќе биде вакцинирано. Од друг аспект, во овој период ќе има многу повеќе информации за вакцината и реакциите од неа, па граѓаните ќе можат подобро да се уверат и да стекнат доверба во нејзината ефикасност и безбедност, а научната фела ќе добие повеќе податоци од терен.
Инаку, досега во светот се вакцинирани околу 35 милиони луѓе.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека светот е на работ на „катастрофален морален неуспех“ во дистрибуцијата на вакцини за коронавирусот.
-Таквиот пристап „прв дојден, прв услужен“ го остава најсиромашниот и најранливиот свет во опасност. На крајот на краиштата, овие активности само ќе ја продолжат пандемијата - рече тој на почетокот на вчерашниот состанок на Извршниот одбор на организацијата.
Филипче: Вакцината на „Фајзер“ е безбедна
Министерот за здравство Венко Филипче веќе најави дека првите 5.850 дози вакцини од „Фајзер“ ќе ги имаме во февруари, а во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април. Според него, сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни.
- Во овој момент „Фајзер“ е единствената компанија што ги има добиено потребните дозволи за итна употреба на нејзината вакцина од двете најзначајни регулаторни тела, а тоа се Американската агенција за лекови и од Европската агенција за лекови. Веќе се резервирани дозите за нашата земја и очекуваме првите количини да пристигнат во февруари - посочи тој.
Вчера информираше дека по разговорот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кој е договорено Србија да ѝ даде 8.000 вакцини од „Фајзер“ на нашата земја, веднаш започнал разговори со српскиот колега Златибор Лончар за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.
Според протоколите, вакцината за сите ќе биде бесплатна, а први на листата за вакцинација се здравствените работници, повозрасните лица и хронично болните. Вакцината ќе се дава само на пациенти кои се во добра општа здравствена состојба. И оние кои го прележале коронавирусот ќе можат да се вакцинираат, но тие нема да бидат меѓу приоритетните групи.
Грозданова: Ако има план, вакцинацијата ќе оди брзо
Проф.д-р Александра Грозданова, претседателката на Националнниот комитет за имунизација, вели дека процесот на заштита на населението со вакцината против Ковид-19 е сериозен процес и треба да биде прецизно и детално реализиран.
За таа цел посочува дека овој период се следат искуствата на државите во Западна Европа и САД, како и проблемите на кои тие земји секојдневно наидуваат во процесот на вакцинација.
Токму тоа, според Грозданова, може да се смета за придобивка во целиот процес на спроведување на вакцинирањето на населението во земјата.
Фото: Архива
- Покрај тоа што ги следиме проблемите со кои се соочуваат другите земји, го следиме и безбедносниот профил на вакцината. Од друга страна, треба да имаме и предвид дека досега 35 милиони луѓе ја примиле вакцината, што ни дава многу поголема сигурност во безбедносниот профил на вакцините. Македонија е мала држава и временски процесот на вакцинација нема да биде долг ако се одвива плански и во континуитет, што е и наша заложба - објаснува таа.
Според Грозданова, точно е дека многу земји во соседство веќе обезбедиле вакцини и во овој процес се пред нас, но исто така вели дека мора да се потенцира дека и таму има проблеми, односно се работи за мал број на донесени вакцини и има прекин во имунизацијата на населението.
- И покрај тоа што одредени земји како Бугарија, Грција, Полска ни ветија испорака на вакцини, и тие не можат тоа да го оставарат, зашто и тие добија вакцини во мали количини - додава Грозданова.
Вели дека граѓаните и здравствените работници очекуваат што побрзо да почне вакцинацијата.
- Но, целта е да обезбедиме 800 илјади вакцини-преку КОВАКС механизмот и 800.000 директно од производителот „Фајзер“, кои ако почнат да пристигнуваат во февруари, ефектот до летото да го видат најголем дел од популацијата која ќе сака да ја прими вакцината - посочува професорката.
Таа додава дека веќе се направени анкети меѓу здравствените работници, кои се изјасниле дали веднаш или после шест месеци би ја примиле вакцината.
- Имаме точна бројка на граѓани со хронични болести, кои се исто така приоритет во вакцинирањето - додава Грозданова.
Малите и сиромашни земји се во втор план
Д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија, смета дека секое одложување на вакцинирањето е на штета на граѓаните.
- Но, исто така треба да разбереме дека во моментов има огромна побарувачка за вакцини во светот, само неколку вакцини ги поминале потребните фази на испитувања и се одобрени за масовна употреба, а компаниите немаат толку големи капацитети за производство. Со тој проблем се соочуваат сите земји, а посиромашните и помалите земји се помалку во можност да се натпреваруваат на пазарот - посочува тој.
Фото: Харис Бабачиќ
За жал, според него, тоа е суровата реалност.
- Ова не е прашање само на капитализам, туку и на тоа што секој првично се фокусира на заштита на својот народ, па потоа на другиот - додава Бабичиќ.
Сепак, се надева дека Министерството за здравство прави сè што е можно за да побрзо набави вакцини.
Докторката од Македонија меѓу првите вакцинирани во Англија
Посочи дека нејзините впечатоци и искуство може да им биде мотив и поттик на сите што се сомневаат во квалитетот на вакцината против Ковид-19, но и дека таа е единствениот начин да се справиме со овој вирус.
Неколку дена по вакцинирањето, освен очекуваната болка во рамото, таа немаше никакви други реакции. Одлуката за вакцинирање ја донела по опсежна анализа на се она што се случува во науката за овој вирус.
Посочи дека и во Англија, исто како и во Македонија, постојат поделени мислења меѓу граѓаните на оваа тема, односно дека има и такви кои веднаш би се вакцинирале, но има и такви со кои не може да се полемизира на оваа тема, односно имаат дециден негативен став за Ковид-19 вакцината.
- Имам и многу колеги од болницата кои не прифаќаат да се вакцинираат. И во моето потесно и пошироко опкружување би рекла дека поголем број со скепса гледаат на вакцината. Сепак, тоа е индивидуална одлука, но големо влијание имаат и различните текстови со сомнителна содржина кои се споделуваат на социјалните мрежи - истакна доктор Видак.