Село со уникатен дворец во Романија - како да излегло до бајките
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во подножјето на Карпатите, во срцето на Трансилванија, се крие малечко романско село што изгледа како да излегло од бајките. Сите куќички се направени од глина и песок, а селото има и дворец наречен „Глинен замок во долината на самовилите“.
Интересно е што овој туристички комплекс настанал среде срушеното село Порамбаку де Сус, 26 километри западно од Самбата.
Сакајќи да направат уникатна туристичка
дестинација и на гостите да им овозможат да се вратат во детството, сопствениците на комплексот одлучиле при изградбата на куќите да користат исклучиво еколошки материјал. Исто така, секоја соба од куќата во овој туристички комплекс има свој посебен влез, така што приватноста е загарантирана.
Идејата за изградбата на ова необично село се појавила во 2014 година кога Разван и Габриела, родители на тогаш шестгодишниот Себастијан, одлучиле да се тргнат од градската врева и да живеат на помирно место.
- Направивме голема промена и посакавме сонот да го претвориме во реалност. Страста кон патувањето и жедта за знаење ги концентриравме во концептот кој во тоа време се викаше „Куќа на природните приказни“, па постепено поставувавме темели на конечниот проект што го нарековме „Долина на вилите“ - велат Габриела и Разван.
Како што велат, магијата и трпеливоста се заслужни за она што ова
малечко туристичко село денес претставува - симбол на традиција и мир.
- Испишавме безброј страници во книгите на нашите животи и сакаме да
продолжиме со добри луѓе, љубители на природата, патувања и нови
предизвици - порачува овој брачен пар.
Фасадата на централниот замок претставува посебен предизвик;
сопствениците сакале ѕидовите да останат од гипс, но и да „дишат“ и
истовремено да бидат заштитени од вода. На крајот се одлучиле за варова боја со природни својства.
Свеченото отворање на селото се одржа во 2016 година, кога посетителите можеа да ги запознаат замокот и околните куќи, како и прекрасната „Самовилска градина“.
Масивните врати, дрвените прозорци, дрвените кревети, мебелот, каминот, па дури и садовите - сè е рачно изработено, а сопствениците на ова село ги ангажирале најдобрите романски мајстори.
Дворецот има две нивоа, 10 соби, 2 кули и 50 прозорци, а архитектонски е во целосна хармонија со природата. Волшебниот пејзаж е надополнет со прекрасна природа и прекрасен поглед на зелените пространства на Романија.
Извор: Biznis.telegraf.rs