Ученици од Техничкото училиште во Битола преку проект со 3Д-печатачи ќе го намалуваат пластичниот отпад
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Развиваат мобилна апликација на која ќе може да се пријави каде има пластичен отпад, па тој ќе се собира, сортира и преработува за да се произведе нов материјал за 3Д-печатење
3Д-печатачите добиваат еколошка примена преку креативниот проект на група средношколци од Техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола. Тие придонесуваат за заштита на животната средина преку намалување на пластичниот отпад во природата. Тимот наречен „3D Factory“ е предводен од Христијан Николовски, а учествуваат и учениците Ана и Ева Ацевски и Бобан Бошевски.
- Идејата е да се развие мобилна апликација преку која клиентите ќе може да пријават локација каде што има пластичен отпад, пред сѐ, отпаден материјал кој го користат 3Д-печатачите, со цел да се собере. Понатаму идејата на тимот е таа пластика што ни одговара да ја сортираме и преработиме, односно од неа да се обидеме да произведеме нов филамент (материјал) за 3Д-печатење. Пластиката што нема да ни одговара планираме да им ја предадеме на нашите партнери за да ја реупотребат - вели Христијан Николовски, тим- лидер на проектот.
Учениците претходно имаа изработено прототип, а сега ќе се обидат да направат и свој 3Д-печатач кој ќе ги задоволува побарувањата на пазарот.
ПЛА и АБС пластиката повторно да се користи
- Сакаме да го собереме отпадот од продуктите што се печатени со 3Д-печатачи, а кои не се употребливи или нешто што ќе остане. Тоа би било пластичен отпад, најчесто ПЛА и АБС пластика што би ја користеле за повторно да произведеме нов филамент, нови продукти и да биде еден затворен круг, со што ќе се намали количината на генериран отпад, а и загадувањето на природата, што е голем еколошки проблем на денешницата - додава Николовски.
Моментално проектот е во завршна фаза. Се очекува да биде готов пред крајот на овој месец. Секој од учениците има различни задолженија, но си помагаат меѓу себе. Николовски и Бошевски работат на мобилната апликација за пријавување отпад. Одговорна за истражување и развој на 3Д-печатачот е Ева Ацевска, а за машината за рециклирање пластика - Ана Ацевска. Додека го реализираат проектот, учениците имаат голема поддршка од менторот, м-р Александар Филипоски, извршен директор на YES фондацијата, кој им беше доделен од страна на RCC (Regional Cooperation Council-RCC).
Победници на Балкатон 3.0 во категоријата подобра животна средина
Проектот се работи подолго време, а со дел од остварувањата во 2022 година постигнаа многу успеси. Најголемиот меѓу нив беше учеството на Балкатон 3.0, хекатон организиран од Регионалниот совет за соработка (RCC), кофинансиран од Европската Унија, каде што се пласираа меѓу шесте победници со проектот “Additive production, reuse of resources and product-life extension as a necessity for better environment” (Производство на материјали, повторна употреба на ресурси и продолжување на животниот век на производот како неопходност за подобра животна средина).
На натпреварот беа пријавени 60 тима кои работеа на научни проекти од различни области. Во финалето, кое се одржа во септември 2022 година во Приштина, во силна конкуренција тимот од Техничкото училиште во Битола беше прогласен за победник во областа заштита на животната средина.
- Целта на проектот беше да овозможиме еден затворен круг каде што ќе може со 3Д-печатачи да се произведуваат продукти и да се враќа потоа отпадот кај нас преку наша апликација што ја развиваме, и повторно од тој отпад да се создаде нов филамент што ќе се користи за нови продукти - велат учесниците во проектот.
Нивните досегашни резултати во неколку наврати беа презентирани на Техничкиот факултет во Битола. Овие креативни средношколци велат дека не би постигнале толкав успех и не би продолжиле да се соочуваат со предизвиците без поддршката од Мартин Ристески и Антонио Цветковски, студенти на ФИНКИ, и Техничкиот факултет Битола, деканот на ТФБ, Митко Костов, професорот и ментор, м-р Ацевски Илче од Техничкото училиште во Битола, Благојче Стојчевски, Горан Веловски и другите членови од Тримоде ТИМ и Димитар Велјановски од Cythero, кој им помага околу мобилната апликација.
Фото: приватна архива