Како изгледа денес школото на Петре М. Андреевски, Стив Наумов, Мирче Ацев...

Како изгледа денес школото на Петре М. Андреевски, Стив Наумов, Мирче Ацев...

Подготвил: Маја Богоевска, наш дописник од Битола

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова е релативно стар објект во кој треба многу да се вложува за одржување, дури и она што е едноставна и редовна активност во другите училишта - молерисувањето, кај нас е комплицирано, пред сè, поради висината на таваните, вели директорката на гимназијата, Фанија Наумовска

Осумнаесет академици, шест градоначалници, тројца ректори, тројца конзули и голем број успешни во своите професии – професори, лекари, правници, архитекти и многу други образовала гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола. Овие бројки зборуваат за квалитетот на една од најстарите воспитно-образовни институции во Македонија.

Кога се влегува во гимназијата, од десна страна се поставени портретите на академиците што излегле од овие клупи, меѓу кои Петре М. Андреевски, Анте Поповски, Владо Камбовски, Ѓорѓи Филиповски... Од левата страна се народните херои кои токму тука ги поминале училишните денови.
Отсекогаш сме важеле за најстрога гимназија со најстроги барања, ни објаснува директорката Фанија Наумовска.



- Сите генерации ученици и наставниот кадар што поминале досега имаат пресудна улога во градењето на имиџот како најреномирано и најпрестижно училиште и се трудиме да го задржиме низ сите овие години. Тука се запишуваат најдобрите ученици од градот и околината, а ние поставуваме и се трудиме да ги задржиме високите стандарди на квалитет, за на крај од тие ученици да изградиме личности кои максимално ќе го дадат својот придонес во општеството. Се случува да има различни мислења меѓу нас и учениците за некои стандарди што ги поставуваме, но правиме и отстапки, со текот на времето мора да се приспособуваме на промените што се случуваат во општеството и потребите на младите. Меѓутоа, секогаш се трудиме да се држиме до традицијата, да го зачуваме она што ни е оставено од минатите генерации - вели Наумовска.


Директорката Наумовска

148 години постоење – опстоjување во Османлиската Империја, Првата и Втората светска војна

Објектот каде што сега се наоѓа гимназијата „Јосип Броз Тито“ бил изграден во далечната 1892 година како куќа на богатиот битолски бег Сали-паша. Но, валијата Фахим-паша ја купил од него за 620 златни турски лири, за да може да се трансформира од голема куќа за живеење во училиште.



Биле потрошени уште 600 златни турски лири за реновирање и внатрешна адаптација на зградата. Во тоа време Битола бил еден од најзначајните центри на европскиот дел на Османлиската Империја и се истакнувал во развојот на образованието и отворањето различни училишта. Во гимназијата наставата се одвивала на турски јазик, а се образовале ученици од целиот Битолски вилает, па оние што не биле од градот престојувале во интернат кој бил во рамките на самото училиште.

Професорот по историја Иљо Трајковски ни раскажа дека од 1892 до 1896 година работела како нижа гимназија, а потоа се трансформира во полна гимназија која во тоа време траела седум години. Турскиот наставен јазик во гимназијата опстанал околу дваесет години, а со балканските војни и промената на власта во Битола се променил и јазикот на кој се предава во училиштето, на српски, а потоа на бугарски јазик.
- При бомбардирањата на Битола за време на Првата светска војна била оштетена и зградата на гимназијата, но во периодот од 1918 до 1921 година била обновена, а тогаш бил завршен и третиот кат, со што се добиле просторни услови за работа на осумгодишната гимназија, која многу брзо се стекнала со углед во Кралството Југославија. За време на бугарската власт, со почетокот на учебната 1941/1942 година таа станува значајно училиште во кое се школувале и голем број млади револуционери, подоцна и борци во Народноослободителната војна на македонскиот народ - раскажува професорот Трајковски.


До крајот на 1952 г. училиштето се викало „Гоце Делчев“

Токму во оваа гимназија пред 75 години се одржа првиот наставен ден на македонски јазик во училиштето, што го прави едно од првите во Македонија. Името на училиштето од 1945 до крајот на 1952 година било „Гоце Делчев“ , кога со одлука на Наставничкиот совет се преименува во гимназија „Јосип Броз Тито“, име кое го задржа до денес.

Предизвиците да се учи и да се предава во објект стар 1,5 век  - дотраена дограма и високи тавани

Во моментот во гимназијата учат 751 ученик. Последните години бројката е слична затоа што просторните услови не дозволуваат да се запишат повеќе ученици. Во редовната настава има 12 училници во кои можат да се распоредат ученици од две генерации, но кога станува збор за изборната настава, кога учениците се делат на групи, училиштето нема простор каде да ги смести. Уште поголем проблем претставува одржувањето на зградата.

- Тоа е релативно стар објект во кој треба многу да се вложува за одржување, дури и она што е едноставна и редовна активност во другите училишта – молерисувањето, кај нас е комплицирано, пред сè, поради висината на таваните, но и големиот број слоеви што со текот на годините се нанесувале ни создаваат проблеми. Посебен проблем кој се трудиме да го решиме во последниот период е дограмата. Таа е стара и дотраена, времето си го направило своето, имаме проблеми со обезбедувањето довод на воздух во училниците. Дотраената дограма сè потешко ја извршува својата функција, таа е оштетена од различните временски услови и од црвојадина. Имаме изработени проекти за нејзина замена и имаме поднесено апликации до одредени донатори, но сè уште немаме добиено поддршка. Се надеваме дека ќе наидеме на разбирање и дека некој ќе ни излезе во пресрет бидејќи несоодветната дограма во голема мера влијае врз воспитно-образовниот процес - бучавата што доаѓа од булеварот, бидејќи станува збор за фреквентна улица, но и загадениот воздух кој влегува во училниците поради големата фреквенција на возила - вели директорката Наумовска.


Поглед од училница


Oштетени рамки на прозорците

Таа објаснува дека истиот проблем го имаат и со внатрешната дограма, односно со вратите кои се поставени откако било изградено училиштето. Не се затвораат добро, а делот каде што се кваките е оштетен кај поголемиот број од вратите. Ги санирале согласно можностите, но целосната промена и на внатрешната дограма ќе им значи многу за квалитетот на наставата.


Несоодветни клупи - крив 'рбет на децата

Бидејќи училниците се тесни, клупите во нив се многу непогодни за седење, особено затоа што учениците треба да седат на нив седум часа.

- Во двата последни извештаи од интегралната евалуација што беше направена во училиштето имавме забелешка дека клупите не се ергономски и дека треба да бидат заменети бидејќи предизвикуваат искривување на 'рбетниот столб кај учениците. Од тие причини ги интензивираме активностите за замена на клупите. Неодамна ЕСМ опреми една училница со нови клупи и ергономски столчиња и затоа упатуваме апел до бизнис-секторот, но и до институциите надлежни за образованието да вложат за да се замени целокупниот училиштен инвентар и учениците да добијат училници какви што заслужуваат. Ако ние тука ги развиваме најдобрите кадри што ги добива стопанството, не само во Битола туку и пошироко, тогаш мислам дека е во ред тие ученици да ги добијат вистинските улови што ги заслужуваат, како место каде што ќе го развиваат своето знаење и ќе се развиваат како личности кои ќе го подобрат општеството - вели директорката.


Не можат да запишат помалку од 34 ученици во клас

Од причина што не можат да постават доволен број клупи во училиштето, побарале да се намали бројот на ученици во паралелка, но Законот тоа не го дозволува во моментот. Сè додека не се направат измени во Законот за средното образование, не можат да запишат помалку од 34 ученици во клас.

Условите не влијаат врз нивните успеси

Во годините наназад признанијата што ги добива гимназијата се многубројни. Учениците секогаш се пласираат на државните натпревари, а често освојуваат и едно од првите три места. Има и меѓународни успеси. Нивни ученик учествувал на Математичка олимпијада, додека нивна ученичка освои бронзен медал на Олимпијада по природни науки. Ги имаат најдобрите резултати и во сите спортови. Веќе 15 години се севкупен победник во сите спортови, додека во 2014 година училиштето ја доби наградата „Најуспешен училиштен спортски клуб од средните училишта за 2014 година“, која секоја година ја доделува Владата.





И како што велат од битолската гимназија „Јосип Броз Тито“, ова училиште секојдневно дава силен придонес во развојот на градот и е место каде што образованието се преплетува со воспитанието, учењето со креативноста, стравот со радоста. Училиште кое со своите ученици и вработени се радува на успесите и ги слави не само историјата и минатото на училиштето, туку и неговата иднина.