Приказната за 91-годишната бабичка од Русија што патувала низ светот сама
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Патувањето за време на пандемија е прилично незгодно, но тоа не значи дека не треба да се потсетиме на времињата кога луѓето можеа да патуваат, пред сите заклучувања, полициски часови и карантини.
Но, приказната во продолжение и не е баш вообичаена со оглед на тоа што нејзиниот протагонист е всушност 91-годишна жена од Русија, која и покрај нејзините години, продолжила да патува. И не само низ Русија, туку и надвор од нејзините граници, без оглед дали е локацијата егзотична или не.
Елена Ерхова, позната како баба Лена, од сибирскиот град Краснојарск, отпатувала на места каде што не би очекувале да оди 91-годишник.
За време на посетата во Република Тува
Во Тенерифе, Шпанија
За жал, баба Лена почина во 2019 година, но таа остави наследство од своите патувања на нејзиниот фејсбук-профил.
Се чини дека отсекогаш била страстен патник, а уште од времето на Советскиот Сојуз луѓето имале многу можности за патување, иако станувало збор за позатворена средина. Сепак, Советскиот Сојуз бил многу голем и во него имало доста држави.
Во 70-тите години Лена имала шанса да патува во Прага, Полска и во Источна Германија - некои од земјите што биле дозволени како дестинации за посета надвор од Советскиот Сојуз.
Во посета на Индијанците Таино
Во Германија
Но, патувањата не биле евтини, а патувањата на баба Лена постојано биле прекинувани поради фактот што немала време или пари, сè до моментот кога наполнила 83 години и кога страста за патување многу ѝ се разгорела, па одлучила да види повеќе од светот.
Во едно интервју баба Лена вели дека нејзините пријатели ја прашале зошто никогаш не патувала. Впрочем, има парите. Па во тој момент се запрашала: „Зошто да не?“
Лена штедела од својата пензија, како и од продажба на цвеќиња и плетени работи. Тоа ѝ помогнало да патува на различни места. Посетила многу места низ Русија, како на пример Република Тува, Новосибирск, планината Елбрус и Москва, но и места надвор од Русија, како Германија, Тајланд, Тенерифе (Шпанија), Италија, Виетнам и многу други.
На рафтинг на реката Енисеј, Монголија/Русија
За време на нејзините патувања, таа не се плашела да учествува во различни активности. Така, посетувала спектакуларни места, јавала камила во Израел и се возела со мотор во Виетнам, одела на рафтинг, учествувала во културни подвизи и прослави и други активности.
Во Истанбул, Турција
Во текот на едно од нејзините патувања таа се сретнала со Русинката Екатерина Папина. Папина споделила фотографија од нејзината средба со Лена и таа станала популарна на интернет со над 14.000 споделувања на „Фејсбук“.
Оттогаш, нејзиниот внук почнал да ги објавува патувањата на
баба Лена на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и на „Јутјуб“. За жал, кога баба Лена починала во 2019 година, нејзините профили биле празни. Единствено стои нејзиниот фејсбук-профил како спомен и наследство од нејзините патувања.
Во Рим, Италија
За оние што зборуваат руски, има видеодокументарец за баба Лена („Како да патувате на 90 години? - Баба Лена“) во кој детално се прикажани нејзините патувања и искуства.
Фото:
Facebook