Бил Гејтс неколку пати го предупреди светот за глобална пандемија

Бил Гејтс неколку пати го предупреди светот за глобална пандемија

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

За многумина пандемијата на коронавирусот се појави од никаде и претставува неочекувана криза за која не сме можеле доволно да се подготвиме. Но некои луѓе имаат предупредено за глобална пандемија која ќе трае со години и дека не сме подготвени да се соочиме со неа.

Заедно со многу епидемиолози, Бил Гејтс веќе една деценија ни вели дека светот не е подготвен за неизбежна пандемија. Ова се некои од препораките на кои не обрнувавме внимание.

2010

На својот блог во јануари 2010 г. Гејтс го споменуву вирусот Х1Н1, кој привлече големо внимание од медиумите таа година. Бил тогаш напишал дека вистинската приказна не е колку е лош овој вирус. Вистината е дека сме среќни што не е нешто пострашно бидејќи сме целосно неподготвени за тоа.


Фото: Facebook

Тој исто така додаде дека ова треба да биде повик за будење за да се инвестира во подобри услови за соочување со смртна епидемија бидејќи таа секако ќе дојде во децениите што следуваат и немаме гаранција дека ќе бидеме среќни како во 2010.

2015

На ТЕД-конференцијата во Ванкувер, Гејтс одржа говор на темата: „Следниот напад? Не сме подготвени“. Овој говор беше одржан во текот на епидемијата со ебола, но Гејтс мислел веќе на следната опасна болест.

- Доколку нешто убие повеќе од 10 милиони луѓе во следните неколку децении, тоа би бил некој заразен вирус, а не војна. Ако сега не се подготвиме, следната епидемија ќе биде полоша од еболата. Постојат вируси со кои се чувствувате толку добро, што влегувате во авион или во супермаркет.

2016

Во интервју за Би-би-си, Гејтс вели дека постојано се надева дека нема да се појави некоја епидемија како некој голем грип, бидејќи светот е многу ранлив. Кризите со епидемиите како еболата покажале дека глобалниот систем за реакција на итни случаи не е доволно силен.


Фото: Facebook

2017

Зборувајќи на конференција во Минхен, Гејтс го започнал својот говор велејќи дека нашите светови се многу потесно поврзани отколку што многу луѓе мислат и дека тоа значи дека здравствениот систем и меѓународната безбедност се поврзани. Тој вели дека епидемиолозите тврдат дека одреден патоген може да убие над 30 милиони луѓе за помалку од една година и дека е можно да се појави во следните 10 или 15 години.


- Гледам на пандемијата на ист начин како на нуклеарната војна или климатските промени. Подготвувањето за глобална пандемија е важно како да се подготвувате за одбрана од војна или одбегнување климатска катастрофа.

2018

Во април 2018 г. Гејтс споменал дека постои нешто за што воопшто не се размислува и не се развива, а тоа е подготвувањето за пандемија. Ова треба да загрижува бидејќи историски гледано, сигурно е дека ќе се случи уште една смртоносна глобална пандемија.

Тој, исто така, својата загриженост му ја има изразено и на претседателот Трамп. Освен своите говори за пандемиите, Гејтс и неговата фондација имаат инвестирано во многу истражувачки програми за развивање нови вакцини. Гејтс дури има и најавено план за да спречување на следната опасност. Тој не предупреди да бидеме подготвени, но кога дојде Ковид-19, не бевме.

Автор: Кристин Тусант
Извор: fastcompany.com