Со што се соочуваат здравствените работници во Италија, раскажува Омер Асани од Велебрдо, вработен во поликлиниката во Падова

Со што се соочуваат здравствените работници во Италија, раскажува Омер Асани од Велебрдо, вработен во поликлиниката во Падова

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Мојот совет за македонските здравствени работници е да користат што е можно повеќе заштитна опрема, да бидат посветени на болните што имаат потреба од нега. Ова е многу тежок период за сите нас што сме на првата линија, во директен контакт со овој проклет вирус

- Италија се соочува со незапаметена трагедија. Оваа недела состојбата е многу тешка, местата на одделите за интензивна нега се сè помалку, а состојбата е многу критична во регионот Ломбардија, кој е најголемото жариште со најголем број инфицирани и починати лица, вели Омер Асани, медицински техничар кој работи во една од најголемите болници во Падова, во регионот Венето. Во интервјуто за Факултети.мк, Асани раскажува со какво зло се соочува Италија и колку се храбри медицинските лица, кои се борат за секој живот.

Поликлиниката во Падова

Тој потекнува од Велебрдо, Општина Маврово-Ростуше. Вработен е во Универзитетскиот поликлинички центар во Падова, во регионот Венето, Северна Италија. По професија е медицински техничар специјализиран по кардиореанимација во интензивна нега на кардиологија. 

- На ова место работам веќе 10 години, веднаш по моето дипломирање на Високата медицинска школа при Универзитетот во Падова - вели Омер.

Какви беа препораките за вас, медицинските лица, кога коронавирусот стигна во Италија?

- Кога се појавија првите пациенти позитивни на Ковид19, тоа беше некаде околу 20 февруари, секојдневно добивавме упатства, протоколи од страна на дирекцијата на клиничкиот центар со цел да бидеме физички и психички подготвени во случај на зголемен прилив на позитивни пациенти на кои им е неопходно лекување на интензивна нега.

Омер на работното место

Какви промени во протоколот за лекување, примање пациенти и слично има за болниците во Вашиот регион?

- Регионот Венето е еден од регионите што имаат најефикасно организиран здравствен систем во Италија. Како таков, ги стави на располагање сите материјални, финансиски и човечки ресурси за да се справи со оваа досега незапаметена епидемија. Се зголеми бројот на места во одделенијата за интензивна нега, се одреди во кои клинички центри ќе бидат згрижени позитивните пациенти, се потенцира до максимум медицинскиот персонал со нови вработувања по итна постапка, со помош на Телото за цивилна заштита на Италија. Во атарот на сите болници се монтирани шатори кои служат како примарни прифатни центри на пациентите со симптоми на инфекција од коронавирус, каде што им се зема брис од нос и од грло и се испраќаат на тестирање во микробиолошка лабораторија. Овие пунктови се отворени со цел да се растоварат службите за брза помош, кои примаат и пациенти со друг тип болести од итен карактер, од типот на политрауми и сл.

Заштитата на медицинските лица е клучна во борбата со вирусот. Каква опрема имате за работа со пациенти, по што се разликува од претходната што сте ја користеле кога немаше коронавирус?

- На почетокот кога бројот на заразени лица беше помал, користевме обични хируршки маски, во последнава недела состојбата е навистина многу критична, со голем прилив на пациенти на интензивна нега, при секое доаѓање на работа ни се мери температура, користиме маски со филтри ФФП2, ФФП3, заштитни водоотпорни мантили за еднократна употреба, континуирано миење на рацете и дезинфекција со алкохолен гел, посетите на пациентите се редуцирани до минимум.

Шатори за преглед на пациенти


Од Италија стигнуваат секакви информации, дека се избира на кој пациент ќе му се помогне, дека нема доволно апарати за вештачко дишење, како и медицински лица за да ги згрижат пациентите и сл. Каква е сликата во болниците во северниот дел на Италија?


- Како што споменав, оваа недела состојбата е многу тешка, бројот на местата во одделенијата за интензивна нега е сè помал, како и да е, нема разлика околу возраста или кој било друг критериум за згрижување на пациентите што се сомнителни или потврдени со коронавирус. Состојбата е многу критична во регионот Ломбардија, кој е најголемото жариште со најголем број инфицирани и починати лица. Владата на Италија со декрети по итна постапка овозможува набавка на апарати за механичко дишење и друга апаратура и материјали за интензивна нега, воспоставена е интеррегионална координација на местата во одделите за интензивна нега, со цел префрлување на критичните пациенти од регионите потешко погодени во регионите со помал број пациенти или со поголем капацитет на места.


Како деновиве изгледа еден Ваш работен ден во интензивната нега на кардиологија? 


 - Работиме нормално како и досега, со оглед дека нашите пациенти се секогаш во животна опасност, неопходен им е итен третман. Најчесто се работи за пациенти со акутен миокарден инфаркт, па треба што побрзо да се воспостави крвотокот на срцевиот мускул и така да се спаси животот на тие пациенти. Во овој период имаме посебни протоколи и одреден дел од нашиот персонал е одговорен за прием и третман на евентуалните сомнителни или позитивни пациенти со коронавирус.

Споменавте дека пред секоја болница има шатори за пациентите. Објаснете ни каков е протоколот за пациентите, дали прво се прегледуваат во домашни услови, па се носат во шаторите...

- Во тие шатори се примаат пациентите што сами доаѓаат за преглед, совет или тестирање, исто така, таму се врши тестирање и на медицинскиот персонал. За другите лица што имаат некој од симптомите на коронавирус се препорачува да не одат во службите за итна помош, се врши телефонски мониторинг од страна на матичните лекари. Во случај на влошување на состојбата, се испраќаат екипи на брзата помош дома кај пациентот со цел со максимална сигурност да биде транспортиран и згрижен на инфективните клиники.

Во овие шатори се примаат пациентите што сами доаѓаат за преглед


Кои се Вашите совети за медицинските лица во Македонија, што може да примениме од искуството на Италија?

 

- Најпрво би сакал упатам еден голем поздрав до сите колеги од Македонија, мојот совет е во случај на прилив на позитивни пациенти со коронавирус да користат што е можно повеќе заштитна опрема, да бидат што е можно попосветени на болните што имаат потреба од нега. Ова е многу тежок период за здравствените работници, кои се на првата линија, во директен контакт со овој проклет вирус. Од друга страна, пак, тоа е нашата професија, која сме ја одбрале и сме обврзани да ја извршуваме и во вакви услови кои никој не би сакал да се доживеат.


Што би ги советувале граѓаните на Македонија, како најдобро може да се заштитат од вирусот?

-Со оглед дека се работи за еден нов вирус со голема брзина на преносливост, сè уште нема вакцина или специфична терапија, единствен начин да се запре или ограничи ширењето на овој вирус е сите да се стават во самоизолација во период од две недели. Да не се излегува од дома ако се нема неодложна потреба и да се почитуваат сите мерки на претпазливост што ги препорачуваат здравствените власти преку сите комуникациски канали во овој период. Голема поддршка изразувам на моите сограѓани од Дебар и Центар Жупа кои се веќе во изолација и гледам дека покажуваат голема одговорност во почитувањето на овие мерки.


Какви мерки и препораки има за жителите во Падова
во моментов?

- Што се однесува до мерките за изолација, со декрет на Владата се ограничува секаков вид движење надвор и во рамките на општината на живеење. Сите продавници и угостителски објекти се затворени. Работат само супермаркетите и аптеките. Може да се излезе од дома само за неодложни работни обврски, за купување неопходни намирници, лекарски прегледи и за враќање на местото на живеење во случај некој да се нашол надвор во периодот кога стапи во сила законот. Има многу полициски контроли на патиштата. Во случај на контрола, мора да се пополни изјава во која се наведува мотивот за непочитување на забраната. Вистинитоста на таа изјава се проверува од страна на надлежните органи, па во случај на невистина, следува кривична пријава за кршење на Законот за јавна сигурност.


Сите се надеваме дека со потоплото време ширењето на вирусот ќе се намали. Колку се оправдани овие тврдења, што велат епидемиолозите во Италија?


 - Епидемиолозите и инфектолозите велат дека респираторните вируси се ранливи на топлото време, да се надеваме дека
и овој нов вирус ќе почне да ослабнува со покачувањето на температурата. Мислам дека сепак ќе треба да почекаме уште најмалку еден месец во најдобра процена, дотогаш уште еднаш советувам сите граѓани да ги почитуваат максимално сите хигиенски и социјални мерки на претпазливост.

 

Ова е веројатно најболното прашање. Зошто во Италија има толку многу смртни случаи?


 - Италијанците се едни од најдолговечните луѓе во светот, тоа се должи на квалитетниот начин на исхрана и физичката активност. Ова значи дека има голем број стари лица, од кои многумина се со повеќе хронични болести, па мислам дека големиот број смртни случаи се должи баш на оваа причина. Средната возраст на умрените лица се движи околу 80 години. Треба да се напомене и фактот дека во последниве денови се примаат на лекување и млади луѓе под 40-годишна возраст. Ова уште еднаш ни ги потврдува подмолноста и брзината на ширење на овој вирус.