Имам направено над 100 изложби, сум направил филмови и сум напишал над 20 книги, но тоа не значи ништо за мене бидејќи јас не признавам поделби. Нема литература, сликарство, филм итн. Има само уметност
Незаситната љубопитност и постојаниот апетит за истражување го прошетаа уметникот Киро Урдин низ пет континети, сликајќи на огромни платна, снимајќи филмови, пишувајќи книги. Сликарството и самата уметност е чувство, вели Урдин и додава: „На човек можеш да му пресадиш орган, но не можеш да му пресадиш чувство. Јас цел живот правам што ќе ми падне на памет. Немам компромис кон слободата на мојот живот.“
Обземен од неговото колоритно опкружување, античките култури, како и богатствата на светското наследство, Урдин во неговото движење наречено „Планетаризам“ прави една уметничка симбиоза на сликарство, танц, филм, литература, филозофија и дизајн. Тоа и ден-денес го прави со една невидена доза на елан, детска енергија и „дрскост“, која можеби и не би ја очекувале кај еден етаблиран уметник кој веќе петта деценија се занимава со уметност.
- Ако знам што ме инспирира, тоа не е инспирација. Уметноста е пат во непознатото. Тој што знае што прави и што ќе постигне, тој е техничар. Уметноста не е техника, не е создание. Таа е нешто непознато. Јас сум направил над 100 изложби,, сум направил филмови и сум напишал над 20 книги, но тоа ништо не значи за мене бидејќи јас не признавам поделби. Нема литература, сликарство, филм итн. Има само уметност. Сѐ е преплетено едно во друго. Музичкото искуство може да ти даде ритам во сликата, зборот може да ти даде мисла во сликата, сликата може да ти даде боја во душата итн.
Едноставно треба да се помирите со судбината дека животот е неуспех
Роден во Струмица, за Урдин адресата на живеење е само привремена ставка покрај името. Неговиот нескротлив дух го има одведено низ низа предизвици, локации и ситуации. Првин студирал право во Белград. Потоа се пробал како новинар. Во седумдесетите години на минатиот век импулсивно заминал за Париз, кога уметничката чивија веќе му била длабоко навлезена, а само ја потхранил со доградувањето на тамошните академии за уметност, а подоцна и за филм.
- Причината зошто се иселив е дека не знам што сакам. Бидејќи често не знам дали сум на небо или на земја, без никаква причина си кажав дека утре одам за Париз. Во тој момент бев новинар и седејќи во една кафеана, ми рекоа: „Ти само напиј се уште една мастика и ќе одиш и на Месечината, не само во Париз.“ Сепак, следниот ден веќе бев на возот за Париз. Кога студирав во Париз, тоа што ми остана од Академијата за филм е мислата од професорот по естетика: „Секој план треба да биде оправдан. Секој збор во една мисла треба да е оправдан.“ Но тоа е тешко остварливо. Едноставно треба да се помирите со судбината дека животот е неуспех. Во Париз живеев 25 години, а моментално живеам во Белгија. Но јас цело време сум во авиони. Во Јапонија бев 2 години, во Тајван бев одреден период, во Порторико малку итн.
Со „Табула раса“ излезе победнички од пандемијата
Во неговата последна изложба, инаку прва по пандемските заклучувања, Урдин на еден голем ѕид во галеријата „Црн пантер“ во Антверпен, која е и една од најстарите галерии и е мини-катедрала, го претстави делото „Табула раса“. Соочувајќи се со низа предизвици на површина од 10х3 метри да ги истури своите емоции, „Табула раса“ ја претставува чистината на човечката душа при самото раѓање, така што почнувајќи на целосно празна површина, Урдин во неговиот препознатлив стил ѝ дал карактер и живот на сликата. Креирањето на ова дело е проследено со документарен филм направен од Урдин, во кој ги дешифрира мистериите на креативниот процес и просторот во кој се одржувал енергичниот дијалог помеѓу него и платното.
- Овој пат изложив само слики, а не скулптури. Централниот настан е сликата која е насловена „Табула раса“. На еден виртуелен начин јас замислив еден астероид, на кој ставив знаци и фигури, кои можат да се компонираат и декомпонираат и кои ги втиснав во астероидот, замислувајќи го него како „табула раса“, односно чист простор.
Сметам дека јас го почнав мондијализмот во светот со мојата слика „Планетариум“. Тоа беше прва таква слика во светска историја. Како за споредба, „Таблуа раса“ е 10, а „Планетариум“ е 48 метри. За „Планетариум“, луѓето немаа претстава со какви предизвици се соочував за да ја направам, а ја правев 2 години. Правев и балет за тоа дело, пишував и афоризми, 15-20 години ми траеше тој проект.
Нонстоп се чувствувам глупаво, немам инспирација. Што е тоа инспирација?
Вели дека парите и славата никогаш не го интересирале, туку пријателствата и смета дека човек кога би имал можност, секогаш треба да остане дете. Според него, само децата се слободни и прават што сакаат, бидејќи ги краси слободата, односно спонтаноста. Урдин на денешниот статус на уметноста коментира со горчлив вкус во устата, алудирајќи на тоа дека комерцијалната доба во која живееме ги остави на маргините вистинските уметнички достигнувања.
- Уметноста доаѓа преку сетилата. За жал, таа стана еден продукт во оваа безмилосна доба. Ја фати за гуша уметноста и не ја пушта да диши. Ако доаѓа од голема држава со многу средства, само тогаш луѓето ја забележуваат, а тоа е перверзија на ова време во кое живееме. Уметник, според мене, не е тој што е познат и славен, туку тој што не знае дека е уметник. Јас цел живот се занимавам со уметност и сѐ уште не знам што е тоа, ниту сум дознал што е тоа уметност. Работам нешто што го чувствувам како непозната енергија која е околу мене и се обидувам да ја допрам, поместам, разберам и да направам некаква метаморфоза.
Јас нонстоп се чувствувам глупаво. Јас немам инспирација. Што е тоа инспирација? Тоа е една слободна, невидлива птица која живее во седлото на душата на човекот и се буди, пее, расте, се размножува. Јас не знам што значи инспирација. Кога сликаш, мора да имаш познавање во бои и техники, но нема правила. Има чувство. Нешто треба да заигра во твојата душа. На пример, слушаш музика која нема енергија и ја забораваш, а има таква музика која како подземна вода влегува во тебе. Најдобрите делови од моите слики се кога ќе направам грешка. Потоа гледам и си велам како го направив тоа, но во сликата сѐ можам да повторам само грешката не. Ама во грешката е уметноста, сѐ друго е лага.
фото: Од книгата „Табула раса„ на Киро Урдин