Постојат 5 различни типови мозок: Еве што вашиот тип кажува за вас

Постојат 5 различни типови мозок: Еве што вашиот тип кажува за вас

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали некогаш сте се запрашале зошто сте толку загрижени? Или зошто сте толку емотивни? Дали некој ви кажал дека сето тоа е во вашата глава?  И во право е, до одреден степен. Сè е всушност во вашиот мозок. Врз основа на најголемата база на податоци за скенирање на мозокот во врска со однесувањето, сега е познато дека начинот на размислување, дејствување и комуникација со другите зависи од начинот на функционирање на вашиот мозок.

Каков тип мозок имате?

По проучувањето на повеќе од 150.000 истражувања на СПЕКТ-скенови на мозок во клиниката „Ејмен“ јасно е дека не сите мозоци се исти. СПЕКТ е алатка за снимање мозок што ги мери протокот на крв и активност и прикажува области на мозокот со здрава активност, премногу активност или недоволна активност.

На снимките на мозокот научниците почнале да бараат обрасци што можат да помогнат во дијагностицирање и лекување состојби на менталното здравје, како што се АДХД, депресија, биполарно растројство и анксиозност. Но, како што проучувале сè повеќе скенови, научниците сфатиле дека одредени модели на мозок одговараат на типовите на личност.

Врз основа на истражувања, тие идентификувале пет примарни типови мозок кои влијаат врз тоа кој сте, како се однесувате генерално и како се однесувате кон другите. Ова е и причината зошто давањето ист третман на секој што има анксиозност, депресија или какви било други проблеми со менталното здравје никогаш нема да успее. Наоѓањето правилна исхрана, најдобри додатоци и најефикасно вежбање за вашите потреби зависи од видот на вашиот мозок.

Тип 1: Балансиран мозок

Балансираниот мозок покажува целосен, рамномерен, симетричен проток на крв во повеќето области.

Тип на личност: Ова е еден од најчестите типови мозок. Ако имате ваков тип мозок, вие најчесто сте фокусирани, флексибилни и емотивно стабилни. Вие сте од оние луѓе што навремено ги завршуваат работите, доаѓаат на закажаните средби, се држат до ветеното и добро се снаоѓаат со животните предизвици. Во суштина, не преземате ризици и претпочитате да ги следите правилата.

Кариерен пат: Личностите од тип 1 најчесто се добри работници, менаџери и проектни координатори во која било област од индустријата.

Стил на учење: Бидејќи сте фокусирани и организирани, обично добро ви оди на училиште и на обуките за работа.

Врски: Се стремите добро да се однесувате со другите и имате врски без драмa.

Потенцијални проблеми: Ако се храните со нездрава храна, пиете премногу, по цел ден се истегнувате в кревет, поминувате многу часови на социјалните медиуми, може да имате проблеми со менталното здравје.

Поддржете го вашиот балансиран мозок со здрава храна, редовно вежбање, земајте мултивитамини и омега-3 масни киселини и витамин Д.

1
Фото: Freepik

Тип 2: Спонтан мозок

Овој тип мозок обично има помала активност во предниот дел од мозокот, во областа наречена префронтален кортекс (PFC).

Тип на личност: Со овој тип мозок, сакате да испробувате нови работи, имате широк опсег на интереси и полесно ви е да ги правите нештата забрзано отколку да имате строг распоред. Размислувате надвор од рамката, не верувате во правилата што се однесуваат на вас и обично доцните на состаноците. Организацијата не е ваша јака страна и преземате ризици, а со тоа може да западнете во неволја.

Кариерен пат: Спонтаниот мозок е многу чест меѓу претприемачите, луѓето од шоу-бизнисот, политичарите и агентите за продажба на недвижности.

Стил на учење: Овој тип личности лесно се деконцентрираат, се борат со организирањето, па иако можеби се навистина паметни, тешко може да го покажат својот потенцијал.

Врски: Со оглед на тоа што сакате да внесете возбуда во вашиот живот, можеби имате склоност да драматизирате во вашите врски.

Потенцијални проблеми: Може да стекнете ризично однесување, како прекумерно пиење, земање наркотици или вонбрачни афери. Овој тип личности се склони кон АДХД, депресија и зависност.

Практикувајте животен стил за зголемување на активноста во префронталниот кортекс, вклучувајќи исхрана со доста протеини, земање додатоци во исхраната како зелен чај, како и кардио-вежби.

Тип 3: Постојан (перзистентен) мозок

Луѓето со овој тип мозок често имаат зголемена активност во предниот дел од мозокот, во областа наречена преден цингулатен гирус (ПЦГ).

Тип на личност: Сакате да ги завршувате работите. Имате силна волја, не сакате да ве одбиваат и сакате да биде по ваше. Напредувате кога следите рутина, но излегувате од колосек кога плановите ненадејно ќе се сменат и имате проблем да оставите работите едноставно да се одвиваат.

Кариерен пат: Постојаниот мозок е чест меѓу раководителите, проектните менаџери, и веб-инженерите.

Стил на учење: Најдобро го покажувате вашето знаење кога имате различни можности, па сакате да се држите до часовите и обуките кои ви даваат насоки како да го совладате материјалот.

Врски: Тврдоглави сте и се трудите да ја запомните секоја кавга што сте ја имале со партнерот.

Потенцијални проблеми: Може да се окупирате со негативни мисли, што пак може да биде поврзано со анксиозност, депресија и опсесивно-компулсивно нарушување.

Зголемете го нивото на серотонин во мозокот преку внесување здрави јаглехидрати (како сладок компир и хумус), лосос, мисиркино месо, јајца, јатки, семиња, суплементи како шафран и окситриптан, и преку вежби со брз интензитет.

mozok
Фото: Freepik

Тип 4: Чувствителен мозок

Овој тип мозок има зголемена активност во лимбичкиот систем, емотивните центри на мозокот.

Тип на личност: Да се има чувствителен тип мозок значи да се има голема емпатија кон пријателите, семејството, сограѓаните и секое животно. Може длабоко да ве погоди некоја музика, филмови и други уметнички форми. Насилните филмови, објавите што шират говор на омраза и вестите се претешки за вас, па често гледајќи и читајќи ги, ви се јавуваат негативни мисли.

Кариерен пат: Чувствителниот тип мозок е чест меѓу терапевтите, здравствените работници, социјалните работници и креативците.

Стил на учење: Бидејќи бучните места не ви одговараат, барајте места за учење надвор, каде што ќе можете да учите во тишина со слушалки на ушите. Барајте советници, ментори или професионалци кои ќе ве поддржуваат.

Врски: Поврзани сте со блиските, па лесно може да процените кога на партнерот му треба прегратка или простор. Бидејќи сте многу чувствителни на надворешни стимулации, понекогаш ви треба време за полнење на батериите, но вашиот партнер може тоа да го сфати лично.

Потенцијални проблеми: Тоа што сте премногу чувствителни може да ве направи подложни на депресија, зависност и нарушувања, на пр., биполарно нарушување.

Смирете ги емотивните центри во мозокот со здрави масти како авокадо, бадеми, лосос, земајте омега-3 масни киселини, витамин Д и практикувајте физичка активност како танцување или тимски спортови.

Тип 5: Внимателен мозок


Зголемената активност на центрите кои предизвикуваат вознемиреност, како базалната ганглија, инсуларниот кортекс, или амигдалата, се среќава кај овој тип мозоци.

Тип на личност: Ако имате внимателен тип мозок, вие често сте анксиозни, што вообичаено ве прави поподготвени. Луѓето со овој тип личност имаат толку зафатени мозоци, што дури тешко се релаксираат. Можеби сте склони да го очекувате најлошото и имате страв од неуспех, што ве спречува да ги остварите вашите соништа.

Кариерен пат: Сакате безбедност и имате аналитички мозок, па се насочувате кон професии како сметководство, истражување и анализа на податоци.

Стил на учење: Веројатно ќе посветите доста време на учење, но и покрај тоа што сте добро подготвени, на тестирањата може да не ги постигнете очекуваните резултати.

Врски: Имате страв од отфрлање и постојано барате уверување од партнерот за неговата љубов, па тоа може да го задушува.

Потенцијални проблеми: Овие личности може да се соочат со анксиозност и зависности.

Смирете се така што ќе избегнувате кофеин, алкохол и благи работи. Надополнете ја вашата исхрана со магнезиум и Б6 и практикувајте јога за смирување.

Извор: Mindbodygreen.com
Фото: Freepik