Македонските студенти во Словенија се здружија во МСОС: „Ќе помагаме со пријавување за студии, наоѓање сместување, дозволи за престој...“

Македонските студенти во Словенија се здружија во МСОС: „Ќе помагаме со пријавување за студии, наоѓање сместување, дозволи за престој...“

Подготвил: Јована Трајковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонци што студираат во Словенија ја основаа организацијата МСОС – Македонска студентска организација во Словенија. Нивната цел е застапување на македонските студенти, како и подобрување и олеснување на животот на студентите за време на студиите. Засега во неа членуваат 20 студенти и 30 доброволци, кои помагаат во разработувањето на здружението.

МСОС неформално почна со работа во октомври, а била претставена во јавноста на почетокот од март. Според членовите на организацијата, дел од нивните планови е МСОС да се основа како правноформално непрофитно друштво на студенти од Македонија во Словенија.

- Во Словенија постоеле и постојат голем број здруженија што работат во интересот на иселениците, меѓутоа, потребата од здружение кое ќе ги здружува студентите од Македонија е сѐ поголема со оглед на тоа дека нашата држава  има склучено билатерален договор со Словенија, кој ги подобрува условите за живеење, студирање и работење таму. Како студенти од Македонија, рамноправни сме со студентите од Словенија и ни се овозможени истите услови како на Словенците. Овозможени ни се бесплатни студии, субвенционирани оброци, пристап до универзитетските ресурси, како и други поволности. Сето тоа придонесува Словенија да биде атрактивна држава за студии за студентите од Балканскиот Регион. Моментално во Словенија студираат повеќе од 1.400 студенти од Македонија кои имаат потреба од некакво здружување и заедништво. Од овие потреби и секојдневни предизвици со кои се среќаваме тука, се роди идејата да се организираме во друштво кое ќе ги застапува нашите цели и ќе нѐ претставува нас, нашата заедница и нашата култура и традиционално богатство кое го носиме со себе - велат од МСОС.

(Фото:Жан Рутар)

Мисијата на МСОС е давање поддршка на македонските студенти во Словенија, соработка, олеснување на животот и студирањето, како и промоција на државата и културата.

- Секојдневно работиме на развивање стратегија за зголемување на нашето членство, кое целиме до крајот на годината да брои неколку стотици нови членови, од кои стотина активно вклучени во работењето на МСОС. Нашата цел е да ги застапуваме студентите од Македонија во Словенија, како и да им го подобриме и олесниме животот и студирањето во Словенија. Сакаме да изградиме заедница на истомисленици и интелектуалци кои ќе го шират и претставуваат нашето национално богатство, ќе ја негуваат и познаваат својата култура и ќе се развиваат во рамките на својата кариера и својот личен живот. Сакаме да креираме чувство на припадност и заедништво кое ќе нѐ обединува, да градиме добри односи со нашите пријатели Словенци и да развиваме добри односи со бизнис-заедницата за креирање на кадарот од иднината и развивање на младите за својата држава - велат тие.

„Запознај ги твоите македонски пријатели“

На 24 март организацијата го имаше своето прво и официјално претставување во јавноста преку ноќната забава „Запознај ги твоите македонски пријатели“. Настанот бил поддржан од страна на македонски бренд од прехранбената индустрија и биле презентирани познати македонски грицки и пијалаци.

- Нашиот прв официјален настан се одржа на 24 март под името „Запознај ги своите македонски пријатели“, кој беше организиран во форма на ноќна студентска забава наменета за сите студенти во Словенија. Целта беше да ја претставиме нашата култура, храна и музика, а воедно и да понудиме супер дружење. Во првиот дел на настанот ја истакнавме нашата традиционална кујна каде што на присутните им овозможивме дегустација на македонски ајвар, сирење, чоколадо, грицки, ракија и други пијалаци. Вториот дел од настанот беше забава со музика. Планираме нашето работење да биде посветено на информирање на македонските студенти за придобивките од студирањето на високорангирани универзитети и правилно искористување на знаењето, организирање различни работилници од едукативен, забавен и културен карактер, организирање различни средби, пикници и екскурзии, учествување на студентски настани во Словенија и застапување на ставот и потребите на студентите од Македонија, организирање тркалезни маси и дебати за можностите за вработување и професионално надградување, како и многу други активности од забавен и едукативен карактер - велат членовите на организацијата.


(фото: Жан Рутар)

За време на студиите, голем број од студентите што се преселени во друга држава се соочуваат со предизвици од типот на адаптација на новиот живот, проблем со сместување, запознавање луѓе и слично. МСОС им стои на располагање на студентите за решавање на нивните академски предизвици и давање информации во областа на студирање во Словенија, на сегашните и идните студенти.

- Едни од целите на МСОС се предизвиците на студентите од Македонија во Словенија. Кога размислувавме за организацијата, како најчести предизвици ги наведовме: пријавувањето за студии во Словенија, проблемите кои доаѓаат со пристигнувањето и адаптацијата во новата средина, како и сместувањето, обезбедување на потребните документи и дозвола за престој во Словенија и инклузивноста во новата средина, далеку од дома. Покрај предизвиците на бруцошите, студентите наидуваат и на проблеми во текот на студирањето, самата адаптација на новиот и поразвиен, различен образовен систем и неговите правила. Како најголема можност ја гледаме онаа што студентите од Македонија немаат свое тело кое би ги претставувало нивните интереси и потреби пред другите организации, институции и општо во новата средина - велат членовите на МСОС.
 
 

Членовите на организацијата се оптимисти и велат дека можат да станат гласот на македонските студенти во Словенија

- Веруваме дека можеме да станеме гласот на студентите од Македонија во Словенија, а и повеќе. Веруваме дека ќе бидеме прибежиште за поддршка и помош каде што секој ќе може да се обрати и каде што секој ќе биде почитуван, сакан и најважно од сѐ - прифатен како дома. Веруваме дека за тоа ќе добиеме поддршка од Македонија и од дијаспората, остварувајќи дијалог и соработка со македонските и словенечките компании, организации и институции со цел заеднички да работиме за подобра иднина на нашата младина и нашата татковина. За тоа ни се потребни добра волја и отворен однос за соработка и пријателство, на што искрено се надеваме и секогаш се радуваме - додаваат од МСОС.

Фото: приватна архива