Данска пиварница има пет нови вработени - имаат имиња, лица и е-адреси, но не се реални
Имаат имиња, лица и е-пошта, но постојат само во виртуелниот свет - ова се петте нови колеги во данската пиварница „Ројал Јунибру“, кои раководството ги поздравува како пресвртница во ослободувањето на целосниот потенцијал на својот персонал.
- Она во што сме добри како луѓе се креативноста, емпатијата, познавањето на нашите клиенти - изјавила директорката за маркетинг Михала Сване.
Таа објаснила дека работејќи заедно со дигиталните колеги, нивните вработени „добиваат помош за рутинската работа и наоѓање информации“.
Со помош на данската компанија „Манифолд АИ“, таа го збогатила својот тим со пет „колеги“ со вештачка интелигенција: експерт за бренд Кондикаи, пазарен аналитичар Атена, Прометеј кој ги собира сите податоци за продажбата, Молер, сомелиер специјализиран за спарување на храна и пиво и експерт за трговија Ела.
Отпрвин работеле без имиња, но сега сите пет „колеги“ имаат историја и секојдневно комуницираат со другите вработени. Компанијата ги фотографирала и се работи за тројца мажи и две жени, сите се атрактивни, а луѓето комуницираат со нив преку разговори и е-пошта.
-Кога ставаме фотографија на агент за вештачка интелигенција, употребата и ангажираноста се зголемуваат четирикратно - вели Сване.
Таа додава дека не смета оти човечкиот персонал се плашел да прифати виртуелни соработници.
Јан Дамсгард, професор по дигитални трансформации на бизнис-школата во Копенхаген, објаснил дека вработените со вештачка интелигенција често се дизајнирани како „личности“ за подобро корисничко искуство за оние што комуницираат со нив.
- Тие беа создадени за да решат конкретни проблеми - објаснува Дамсгард.
Карин Јоргенсен, која го води тимот одговорен за собирање и анализа на податоци, секојдневно разговара со Атена, нејзиниот „партнер за спарување храна и пијалаци“.
Моментално е заинтересирана за пазарот на безалкохолно пиво, а во разговор преку „Мајкрософт тимс“, Атена ја води низ готови извештаи и преглед на пазарот.
- Порано доаѓаа многу е-пораки. Моравме да бараме стари извештаи и да ги поврзуваме работите. Сега сме дефинитивно поагилни и побрзи - изјавила Јоргенсен.
Критичко размислување
Друга предност е тоа што анализата и споредбата на податоците може да се чуваат во рамките на компанијата.
-Добиваме многу поголема вредност и стануваме многу поефикасни додека работиме - додава таа.
А што ако се скараат човекот и машината?
Но, секоја нова технологија носи ризик, според Дамсгард.
Во овој случај, она што е уште позагрижувачко се интеракциите помеѓу вработените и нивните колеги кои не се луѓе: што се случува кога вашиот најблизок колега е соработник со вештачка интелигенција, а не вистинска личност? Што да направите ако човечки колега се скара со таков колега?
- Тоа е нешто за што малку знаеме - истакнала Сване, додавајќи дека се надева оти таквите прашања ќе бидат одговорени како што ќе се развива технологијата.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik