„Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог не е ремек-дело кога станува збор за физиката на флуиди, велат истражувачите

„Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог не е ремек-дело кога станува збор за физиката на флуиди, велат истражувачите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Холандскиот гениј Винсент ван Гог можеби насликал едно од најтрајните и највредни дела во западната историја, но „Ѕвездената ноќ“ не е ремек-дело на физиката за флуиди (динамика на течности) - според истражувачите од Универзитетот „Вирџинија Комонвелт“ и Универзитетот во Вашингтон.

Постимпресионистичкиот уметник го насликал делото (често нарекувано едноставно како „Ѕвездена ноќ“) во јуни 1889 година, а неговиот приказ на небото и селото пред изгрејсонце бил делумно инспириран од погледот од неговата соба за азил, во Јужна Франција. Сликата е дел од постојаната колекција на Музејот на модерна уметност во Њујорк.

Трудот објавен во септемвриското издание на „Физика на флуидите“ - Скриени турбуленции во „Ѕвездената ноќ“ на Ван Гог - добил значително внимание со тоа што се воспоставило дека вителите насликани од Ван Гог се придржуваат до Колмогоровата теорија за турбулентен проток, која објаснува како воздухот и водата се движат во хаотичен образец.

- Ван Гог можеше да ја репродуцира не само големината на вителите, туку и нивната релативна оддалеченост и интензитет во неговото сликарство - пишува во трудот.

Сепак, тие заклучоци се неосновани, според д-р Мохамед Гад-ел-Хак, професорот Инез Каудил од Катедрата за механичко и нуклеарно инженерство на „Вирџинија Комонвелт“ и Џејмс Џ. Рајли, професор по механичко инженерство на Универзитетот во Вашингтон. Нивниот извештај „Дали има скриени турбуленции во Ѕвездената ноќ на Винсент ван Гог?“ се појавува во најновото издание на „Журналот за турбуленции“.

- Колмогоровата теорија, која е именувана по советскиот математичар од 20 век Андреј Колмогоров, е можеби најпознатата теорија во истражувањето на турбуленциите. Таа теорија се применува на полето на брзината во тековите на течностите - истакнал Гад-ел-Хак.

Теоријата независно била проширена од д-р Александар Обухов и д-р Стенли Корсин на скаларни полиња (во математиката и физиката скаларно поле е функција која поврзува единечен број на секоја точка во регионот на просторот) во турбулентен тек, како што се густината на течноста, температурата, притисокот и сродните количини. Како докторанди на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Гад-ел-Хак и Рајли студирале под водство на Корсин и биле добро упатени во теоријата.

Токму ова проширување на теоријата било употребено од авторите на трудот во „Физика на течности“, но Гад-ел-Хак и Рајли истакнале дека тоа е погрешно.

- Нашиот основен приговор е дека нема препознатливо, мерливо својство на скаларна течност во сликата што би можело да се користи за примена на теоријата на Обухов и Корсин. Понатаму, претпоставеното поле на атмосферски тек не ги задоволува ни приближно претпоставките што се бараат од теоријата - истакнал Рајли.

Затоа, Гад-ел-Хак и Рајли сметаат дека заклучоците во трудот „Физика на течности“, за жал, се целосно погрешни и дека сликата е фасцинантна и многу апстрактна, а всушност тоа е елементот што ја прави култно уметничко дело.

Извор: phys.org

Фото: Wikipedia