Средбите и разговорите со нови луѓе отсекогаш биле, а и сега се важен дел од социјалниот живот. Животот налага непрекинато да сретнуваме и да разговараме со нови луѓе. Нови луѓе сретнуваме во најразлични ситуации. Уште од најмала возраст, прво со тргнувањето во градинка, а потоа во прво одделение сретнуваме извесен број нови лица. Со поаѓање во средно училиште бројот на нови лица што ги запознаваме се зголемува (нови другари, нови наставници). При барање работа сретнуваме нови лица и остваруваме разговор со претставник на работната организација.
Понекогаш овие разговори се придружени со голема возбуда. Разговорот може да има важен исход, на пример: добивање работа. Затоа често се прашуваме што мисли нашиот соговорник за нас.
При разговор со ново лице кај нас постои голема неизвесност затоа што не знаеме што мисли нашиот соговорник за нас. Психолозите што ја проучувале комуникацијата помеѓу луѓето (на пример, Lumberg, 1972; Swwan et al., 1992) тврделе дека при овие разговори луѓето вo основа се многу учтиви и не ги откриваат нивните вистински чувства и мисли. Психолозите Бек и Кларк (2010) укажале на еден друг аспект од овие разговори. Тие тврделе дека учесниците во разговорот – соговорниците не се спремни да се изјаснат за соговорникот затоа што не знаат како тој ќе им возврати, односно се плашат од социјално отфрлање. Друга група автори, пак, сметаат дека овие разговори се придружени со силен когнитивен набој, па дури и тогаш кога разговорот оди во позитивна насока, тоа не можеме да го забележиме затоа што сме премногу фокусирани со размислување што следно да кажеме.
Динамиката на разговорот го отежнува нашето разбирање за тоа како тече разговорот и затоа си ги поставуваме прашањата: Што мисли мојот соговорник за мене? Дали премногу зборував? Дали кажав нешто што не требало да кажам и сл.
Без да имаме конкретно сознание колку им се допаѓаме на другите, ние, како што велат Кени и Пауло (1993), изнесуваме претпоставки за тоа што другите мислат за нас. Но и најдобрите претпоставки се пристрасни затоа што по социјалната интеракција ние сме преокупирани со сопствената интроспекција, при што сме самокритични и негативно расположени кон себе. Во ваква ситуација постои тенденција да се споредуваме со сопствената идеализирана слика за себе, при што се проценуваме неповолно.
Накратко, ние сме свои најголеми критичари, но она што понекогаш е тешко да го разбереме е дека луѓето со кои сме разговарале ја немаат истата перспектива кога нѐ проценуваат нас (Savitsky & Gilovich, 2003). Луѓето се премногу критични кон себе. Поинаку речено, тоа што ние мислиме дека другите лица го мислат за нас не се совпаѓа со тоа што тие навистина го мислат за нас. Значи, постои дискрепанција помеѓу она што ние мислиме дека другите го мислат за нас и тоа што тие навистина го мислат за нас. Оваа дискрепанција во психологијата се нарекува јаз на допаѓање.
Група истражувачи, предводени од Ерика Бутби од одделението за психологија при Универзитет во Корнел, сакале експериментално да ја проучат претпоставката дека постои дискрепанција помеѓу она што ние мислиме дека другите го мислат за нас и она што тие навистина го мислат за нас, односно јазот на допаѓање. Бутби извршила серија интересни експерименти, објавени во списанието Psychological Science, кои овде ќе бидат накратко опишани.
Во првото истражување Бутби спарила 34 студенти и од нив барала да учествуваат во контролиран разговор во траење од 5 минути. Прашањата биле однапред дефинирани и тие биле наменети ‘да се скрши мразот‘, односно да се создаде пријатна атмосфера за разговор. Испитаниците пополниле неколку психолошки инструменти за да се откријат некои карактеристики на нивната личност и требало да дадат оцени за разговорот, вклучително што мислат за нивниот партнер. но исто така, како – според нивно мислење – тие ќе бидат оценети од соговорникот. Истражувачите нашле дека испитаниците потцениле колку нивните соговорници биле позитивно насочени кон нив. Исто така, анализата на податоците за нивната личност открила дека колку што лицето е посрамежливо, толку е поголема дискрепанцијата.
Во втората студија се истражувала потенцијалната улога на негативните мисли во објаснувањето на јазот на допаѓање. Како што забележале истражувачите, откако сме разговарале со некој што не сме го познавале премногу добро, размислуваме за тоа дали сме биле премногу разговорливи или можеби здодевни. Многу луѓе покажуваат тенденција да бидат самокритични, фокусирајќи се на она што го направиле погрешно и остро се осудуваат себеси - мислејќи дека можеби премногу зборувале за себе или дека направиле лоша работа кога кажале шега.
Испитаниците во оваа студија биле замолени да разговараат пет минути со својот партнер за што и да посакаат. Потоа, кога размислувале за разговорот, тие соопштиле дека додека разговарале, нивните мисли за тоа како другата личност ги гледа биле понегативни отколку нивните мисли за партнерот - и оваа разлика била поврзана со тоа колку веруваат дека ѝ се допаѓаат на другата личност.
Првенствена цел на третата студија била да се одговори на прашањето дали јазот на допаѓањето постои и при подолги разговори.
За да го истражат ова прашање, истражувачите ја зголемиле мострата со лица од различен пол што претходно не се знаеле. Понатаму, испитаниците можеле да разговараат колку што сакале, но не подолго од 45 минути.
Во оваа студија истражувачите го прошириле обемот на истражувањето со тоа што покрај мерењето на јазот на допаѓање, мереле колку испитаниците уживале во разговорот. Покрај другите, на испитаниците им биле поставени и овие прашања: Колку уживавте во разговорот? Колку мислите дека вашиот партнер уживаше во разговорот?
Всушност, овие дополнителни прашања претставуваат природно проширување на јазот на допаѓање. Истата методологија што истражувачите ја примениле при испитување на јазот на допаѓање ја примениле и при испитување на степенот на уживање во разговорот. Констатирале дека испитаниците го потцениле степенот на уживање на партнерот, па во таа смисла истражувачите зборуваат и за јаз на уживање.
Од оваа студија истражувачите заклучиле две работи: а) без оглед на тоа колку траел нивниот разговор, 2 или 45 минути, јазот на допаѓање опстанал; б) без оглед на траењето на разговорот, испитаниците потцениле колку нивните партнери уживале во разговорот.
Значи, јазот на допаѓање се јавува и при подолги разговори.
Испитаниците систематски го потценувале степенот до кој тие им се допаѓале на нивните партнери и степенот колку нивните партнери уживале во разговорот.
Во студија 4 истражувачите сакале да утврдат дали јазот на допаѓање постои надвор од лабораторија, односно во реалниот свет, во секојдневните контакти. За да го обработат ова прашање, истражувачите одбрале субјекти што претходно поминале низ неколку работилници на тема Како да се зборува со странец? Во овој дел од истражувањето допаѓањето било операционализирано како Колку бил интересен вашиот соговорник во разговорот и колку интересни сте биле вие за соговорникот? Интересно, испитаниците предвиделе дека тие и нивниот партнер во разговорот ќе бидат помалку интересни отколку што биле, но резултатите покажале дека разговорот со непознати лица бил попријатен отколку што предвидувале.
Со студија 5 истражувачите сакале да истражат дали јазот на допаѓање опстојува како функција на времето. Истражувањето е спроведено врз студенти од прва година што живееле во студентските домови на Универзитетот „Јејл“. Испитаниците најнапред биле тестирани во септември и потоа уште во други четири временски точки сѐ до месец јуни. Што покажале резултатите? Накратко, како и во претходните студии така и во оваа студија се покажало дека испитаниците потцениле колку нивните колеги - соговорници им се допаѓале во сите временски точки освен во последната. Во меѓувреме, помеѓу испитаниците можеле да се формираат и да се развијат нови врски, што можело да влијае врз резултатите.
Значи, студијата 5 покажала дека јазот на допаѓање опстојувал неколку месеци и исчезнал при самиот крај на истражувањето.
Во пет студии истражувачите нашле дека при вербална комуникација со непознати лица на луѓето им се допаѓаме повеќе отколку што мислиме. Овој наод е интересен затоа што тој не е во согласност со некои претходни наоди. Така, психолозите Кругер и Данинг (1990) покажале дека постои тенденција луѓето да се натценуваат себеси речиси во сè (на пример, кој рибар уловил поголема риба; кој е подобар возач; кој се разбира повеќе во политика итн.). Сепак, новите истражувања покажуваат дека процените на луѓето можат да бидат помалку розови кога размислуваат за нивните социјални интеракции. Се чини дека разговорот е домен во кој луѓето покажуваат нетипичен песимизам за нивната перформанса, односно го потценуваат својот учинок во разговорот.
Анализата на податоците сугерира дека поради тоа што честопати сме толку преокупирани во размислувањето за нашето претставување во текот на разговорот, за тоа што да кажеме следно, притиснати од нашата сопствена несигурност, не забележуваме сигнали од другата личност што укажуваат дека разговорот добро тече и дека таа личност навистина пријатно се чувствува во разговорот.
Што може да се заклучи од ова истражување? Очекуван разговор со непознато или со малку познато лице може, во почетокот, да ни изгледа непријатен. Но моќта на разговорот е голема. Пријатен разговор со едно лице, кој на почетокот не ветувал многу, по извесно време може да има за последица ново пријателство, емоционална врска, добивање работа.
Разговорите се извор на среќа во нашите животи. Затоа не плашете се да запознаете нови лица и да поразговарате со нив. Сетете се дека науката вели дека ним им се допаѓате повеќе отколку што мислите.
Автор: Томе Николоски, психолог во пензија