Колумна, академик Љупчо Коцарев: Просторниот и временски континуум на македонскиот јазик

Колумна, академик Љупчо Коцарев: Просторниот и временски континуум на македонскиот јазик

Она што денес се случува на релација Скопје – Софија е веќе видено. Според Хегел, сите факти и ликови во светската историја се случуваат двапати. Но, тој заборави да додаде: „Првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса“

Пишува: проф. д-р Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ

Во колумната за Факултети.мк, академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, ги коментира случувањата на релација Скопје – Софија. Според него, оваа колумна не е одговор на брошурата што неодамна ја подготви Институтот за бугарски јазик при БАН. Одговорот е познат повеќе од четириесет години, и е даден, со научни аргументи, од меѓународната лингвистика.

Проф. д-р Љупчо Коцарев

Интелектуалци во политика

Во потесна смисла на зборот, интелектуалец е „образована личност чии интереси се учење и други активности што вклучуваат размислување и ментален напор“. До средина на 20 век терминот интелектуалец во англиското говорно подрачје се користи најчесто во негативен контекст. Причината за тоа е тесно поврзана со терминот интелигенција. Во англискиот јазик постојат два термина кои се пишуваат и изговараат различно, intelligence и intelligentsia, а кај нас се преведуваат со еден збор: интелигенција. Првиот термин се дефинира на различен начин и означува способност за разбирање, самосвесност, учење, расудување, планирање, критичко размислување и решавање проблеми. Вториот термин означува статусна класа на луѓе – интелектуалци, организирани или по идеологија или по националност, која се појавува во царска Русија (околу 1860 - 1870). Со други зборови, тоа е социјален слој на граѓани обединети околу идеите на просветителството, кои се појавија во руското општество како противтежа на сличните слоеви во Германија и Франција познати како просветителска буржоазија.

Различните анализи на интелектуалците главно вклучуваат три прашања: кој може да биде интелектуалец, што претставува интелектуален живот и како се реализира интелектуалната активност. Грамши во неговите „Забелешки од затворот“ се залага интелектуалниот живот да „не може повеќе да се состои во зборување и/или пишување..., но во активно учество во практичниот живот“. Конфино во трудот со наслов „За интелектуалците и интелектуалните традиции во Русија од 18 и 19 век“, ги опиша карактеристиките на интелектуалците преку следните пет особини: „(1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес - социјални, економски, културни и политички; (2) чувство на вина и лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми; (3) склоност да се гледаат политички и социјални прашања како морални прашања; (4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци - во мислењето и во животот - по која било цена; (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто“. Фуко прави разлика помеѓу „специфичен“ и „универзален“ интелектуалец, првиот работи во специфични домени на науката, уметноста и политиката, додека вториот претставува прототип на сеопфатен и универзален мислител. Боурдју од жесток критичар на дејствувањето на Сартр како универзален или „тотален интелектуалец“ и употребата на социологијата во политички активизам, во неговата подоцнежна кариера се трансформира во јавен интелектуалец, отворајќи го прашањето за политичката одговорност на интелектуалецот.

За зборот интелигенција и интелектуалец / Фото: Pixabay

Односот на интелектуалците со воспоставениот општествен систем, а со тоа и за нивната релативна независност или вклопување во таков систем, треба да се гледа пошироко низ призмата на однос меѓу науката и уметноста со политиката. За тој однос пишувале и говореле многу мислители. Веројатно најистакнатиот социјален теоретичар на 20 век, Вебер, главен втемелител на модерната социологија, при крајот на својот живот се сврти кон прашањето за индивидуалната автономија и слобода во едно општество. Во 1917 и 1919 година Вебер држи две предавања на Минхенскиот универзитет, „Науката како вокација“ и „Политиката како вокација“.

Историјата се повторува (Déjà vu)

Во едно општество, науката и уметноста, од една страна, и политиката, од друга страна, се преплетени на сложен начин, факт кој некои од нас, научниците и уметниците, за жал, не сакаат да го признаат. Во демократиите, граѓаните формираат политички партии, кои, преку различни модели на финансирање, ги врамуваат научните и уметничките активности, при што, преку резултатите од активностите се влијае и врз граѓаните. Добар пример за тоа се САД. Во 2001 година претседателот Буш воведе забрана за финансирање на истражувања на ембрионските матични клетки. По неговиот избор, претседателот Трамп ги намали истражувањата поврзани со климатските промени, како и базичните медицински истражувања. Но, и во нашата земја политиката влијае и ги обликува творечките активности: добар пример за тоа е финансирањето во културата во изминатите 15 години.

Она што денес се случува на релација Скопје – Софија е веќе видено. Според Хегел, сите факти и ликови во светската историја се случуваат двапати. Но, тој заборави да додаде: „Првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса“.

Пресвртот во 1963 година - Тодор Живков / Фото: Wikimedia Commons

Да почнеме со ред. Во март 1963 година, Тодор Живков изјави дека македонскиот јазик претставува само „говор кој им припаѓа на нашите западни говори, еден дијалект“. Тоа предизвика целосен пресврт на официјалната бугарска лингвистика (ќе набројам само неколку факти), од повторно пишување и реинтерпретирање на бугарската дијалектологија (во која веќе се забранува да се пишува за „македонски говори што може да се развијат во посебен јазик“), до конфискување и повлекување од продажба, на денот на нејзино појавување, на книгата „Кратка споредбена и типолошка историска граматика на словенските јазици“, од Иван Леков, тогашен раководител на Катедрата за словенска лингвистика на Софискиот универзитет, само затоа што во монографијата се спомнува „македонски јазик“. Големиот број ненаучни тврдења резултираа во еден вид манифест насловен како „Единственоста на бугарскиот јазик во минатото и денеска“, објавен во 1978 година, од страна на Институтот за бугарски јазик при БАН, во кој македонскиот јазик се дефинира како „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик“.

Одговорот на македонските научници и лингвисти, и МАНУ, не изостана. Меѓутоа, уште поважно, ставовите на официјалната бугарска лингвистика не беа поддржани од меѓународниот лингвистички свет. Во период од дваесетина години бугарската лингвистичка наука доживеа фијаско. Така, на пример, во проектот Општословенски лингвистички атлас (ОЛА), сите меѓународни комисии на заседанието на Меѓународната комисија на ОЛА во Полска во 1982 година гласаа во корист на Македонија. Во знак на протест, таа година, Бугарија се откажа од учество во проектот.

Ниту една меѓународна комисија не го оспорила македонскиот јазик

Дваесет и три години, сѐ до 2005 година, бугарската лингвистичка наука, на Општословенски лингвистички атлас, е претставена со бела дамка. По 23 години од напуштањето на ОЛА, Бугарската национална комисија се враќа и ги прифаќа условите воспоставени, не од Македонија, туку од Меѓународната комисија на ОЛА, за самостојноста на македонскиот јазик и македонските дијалекти. Тоа се случи на заседанието на Меѓународната комисија на ОЛА во Краков, Полска, во 2005 година. Бугарската страна ја претставува директорот на Институтот за бугарски јазик при БАН, проф. Васил Рајнов, а претставник на Македонија е проф. Марјан Марковиќ.

Духот од ламбата излезе

Според зборовите на професор Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, оттогаш па сѐ до неодамна, (значи, скоро 15 години), ниту Бугарската национална комисија ниту БАН, никогаш, барем не официјално, не се спротивставија на самобитноста и местото на македонскиот јазик и неговите дијалекти во рамките на словенскиот јазичен свет. Така, меѓународната промоција на првиот том (пролегомена) на Македонскиот дијалектен атлас издаден од Институтот за македонски јазик во 2008 година се одржа во 2010 година на Институтот за бугарски јазик при БАН за време на годишното заседание на Меѓународната комисија на ОЛА. Уште повеќе, токму во томот што се подготвува во Бугарија, „Роднински односи“, е поместен македонскиот јазик и неговите дијалекти како рамноправен со другите словенски јазици. Истиот Институт за бугарски јазик при БАН наскоро ќе го објави лексичкиот том на ОЛА во кој е претставен македонскиот јазик и неговите дијалекти.

Потпишувањето на Преспанскиот договор / Фото: Wikipedia

Преспанскиот договор од јуни 2018 година како да ја протри ламбата, и духот, што ветува желби, излезе. Пустите желби го доведоа во прашање и веќе постигнатиот договор на македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашања во однос на периодот до 19 век. Според зборовите на професор Драги Ѓоргиев, дописен член на МАНУ, заедничко чествување на духовните личности од средниот век, важни и за Македонија и за Бугарија, е поставено на сесловенска и христијанска, а не на национална, основа, односно направена е денационализацијата на средниот век. Тие се прифатени како сесловенски и христијански просветители кои ги поставуваат основите на христијанска култура и духовност на словенските народи, а нивниот јазик нема етнички предзнак. Уште повеќе, нивниот културен и духовен придонес е ставен во контекст на европската цивилизација, што, од друга страна, за светите браќа Кирил и Методиј е признаено и од страна на Католичката црква, која ги прогласи за созаштитници – копатрони на Европа.

Враќањето на историјата по втор пат е фарса, непристојна, невкусна шега. Но, сепак, јас би сакал да сме внимателни. Ѓаволот е во деталите, понекогаш во текстот напишан со ситни букви, кој, за жал, или не го читаме или не знаеме да го прочитаме. Култната книга насловена како Catch-22 се користи за да се опише апсурдна ситуација. Приказната е поставена за време на Втората светска војна, од 1942 до 1944 година. Романот ја истражува апсурдноста на војната преку искуствата на неколку војници кои се обидуваат да ја задржат нивната смиреност за да можат да се вратат дома, додека ги исполнуваат нивните обврски. Но, кругот е затворен: за да престанат да учествуваат во борбени задачи, тие треба да покажат дека се луди. Тоа може, во принцип, да се направи со барање за изземање од задачите, при што, од друга страна, самиот чин на барање покажува дека барателите не се луди, и така, треба да продолжат да учествуваат во борбените задачи.


„За македонцките работи“ и авторот, Крсте Петков Мисирков/ Фото:Wikimedia Commons

„Шчо напраивме и шчо треба да праиме ние за однапред“? Што се однесува до првиот дел од прашањето, што направивме, допрва треба да се направи детална научна анализа на замките што ги носи Преспанскиот договор. Во однос на вториот дел од прашањето, однадвор никој не може да го смени нашиот македонски идентитет и да го одземе просторниот и временски континуум на македонскиот јазик („идентитетот не се наследува со гените“ и „јазикот не може да се одземе“). Но, однатре, хм. Одговорноста, на сите, но најмногу на (дел од) македонските политичари, произлегува од државноста. Во последниот дел од „Политиката како вокација“, Вебер се враќа на описот на политичарот, кој, според него, треба да балансира меѓу „етиката на убедување“ и „етиката на одговорност“. За идните генерации, тоа денес најмногу ни треба.