Какви се плановите на кандидатите за ректор на УКИМ: Биљана Ангелова, Атанас Кочов и Горан Ајдински

Какви се плановите на кандидатите за ректор на УКИМ: Биљана Ангелова, Атанас Кочов и Горан Ајдински

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во Македонија има над 30 високообразовни установи, а тоа е преголема бројка за постојниот број на матуранти, кој во последниве 5 години е околу 15.000, додека во Европа стандардот е еден универзитет на 2 милиона жители, вели Биљана Ангелова

Според Биљана Ангелова, македонското високо образование се соочува со низа системски слабости, некои од нив произлегуваат од Законот за високо образование, финансирањето на државните универзитети, нарушената автономија, нискиот буџет за наука, недоволно субвенциониран студентски стандард, ниски плати на универзитетските професори и можеби еден од најгорливите проблеми е системското регулирање на квалитетот на високото образование

Биљана Ангелова од Економскиот институт, Горан Ајдински од Филозофски факултет, Ратко Дуев од Филозофски факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од ФЕИТ и Димитар Ташковски од ФЕИТ се кандидатите за нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе учествуваат на изборите на 30 мај. Тие веќе имаат свои програми, приоритети и зацртани цели што ни ги споделија.

Биљана Ангелова: Трансформација на Универзитетот во модерен универзитет кој промовира европски вредности

УКИМ е исправен пред повеќе предизвици во различни сфери, од кои секоја на свој начин придонесува за ефикасно функционирање на Универзитетот и за неговиот просперитет. Обезбедувањето целосна финансиска и кадровска автономија во голема мера ќе го олесни ефикасното функционирање на Универзитетот и затоа приоритетно ќе се заложам за нивно решавање, истакнува Биљана Ангелова

- Ќе настојувам со целиот свој капацитет УКИМ да се наметне како еден од најзначајните двигатели на развојот на македонското општество и да се врати дигнитетот на професорите во општеството како фактор од кој зависи иднината на нашата држава. Сите активности што ќе се преземаат во иднина мора да рефлектираат вредности како поквалитетно образование за нашите студенти, поголем број објавени научноистражувачки трудови во реномирани списанија од индексациските бази на Scopus и Web of Sciense. Трансформацијата на Универзитетот во модерен универзитет кој промовира европски вредности ќе се реализира со промени и воведување низа активности во сите клучни домени на дејствување, но пред сѐ ќе создадам амбиент на отвореност и транспарентност и прифаќање на иницијативите од единиците и од секој член на нашата академска заедница – навестува професорката Биљана Ангелова.

Еден од приоритетите ѝ е воведување студиски програми акредитирани на англиски јазик поради привлекување студенти од странство, како и поголема примена на практичната настава.

- Студентите се во фокусот на мисијата на Универзитетот, тие се нашата иднина и стручњаци за новото време. Тие заслужуваат да добијат најквалитетно знаење. Покрај сите стручни компетенции, ќе се заложам и за обезбедување обуки за стекнување бихевиорални и други генерички вештини кои ќе им помогнат во критичкото размислување, склоност кон истражување, кои ќе поттикнуваат креативност и иновативност, а со тоа ќе им помогнат во развој на нивните кариери. Паралелно мора да се работи на инвестиции во научноистражувачката инфраструктура и вмрежување на Универзитетот, бидејќи тие се клучни за поголема научноистражувачка продуктивност и повисок ранг на угледните светски универзитетски ранг-листи. Со имплементацијата на реформите во сите три клучни сегменти на дејствување, а тоа се наставата, науката и меѓународната соработка, УКИМ ќе се трансформира и ќе се модернизира. Но, освен тоа, ќе воведам уште една нова активност која сѐ повеќе се применува во најдобрите универзитети во Европа и во светот, а тоа е развојот, трансферот и комерцијализација на иновации и развој на универзитетско претприемништво. Со своите досегашни активности поставени се темелите за оваа нова активност, а Универзитетот е веќе член на најзначајниот европски конзорциум на претприeмнички универзитети – Prometeus. Дигиталната трансформација и управување со квалитет ќе бидат новите процеси кои мора да се имплементираат за да се создаде поволна клима за реформи во наставата, науката и меѓународната мобилност и да се отвори патот за развој на универзитетското претприемништво базирано на проекти, наука и иновации – истакнува Биљана Ангелова.


Биљана Ангелова
Недостигаат вработувања на наставен и ненаставен кадар

Според неа, македонското високо образование се соочува со низа системски слабости, некои од нив произлегуваат од Законот за високо образование, финансирањето на државните универзитети, нарушената автономија, нискиот буџет за наука, недоволно субвенциониран студентски стандард, ниски плати на универзитетските професори и можеби еден од најгорливите проблеми е системското регулирање на квалитетот на високото образование. Сите тие рефлектираат проблеми во функционирањето на универзитетите и високообразовните установи.

- Буџетот за високо образование што го обезбедува Министерството за образование и наука ги задоволува само елементарните потреби на универзитетите, како покривање на режиските трошоци и основните плати, кои се најниски во Европа. Финансиската автономија е постојано нарушена и отстапувањата на одобрените буџети и реалните потреби на Универзитетот се јаз кој постојано го обременува тековното работење. Недостигаат вработувања на наставен и ненаставен кадар кои, исто така, влијаат врз ефикасноста во работењето. На македонскиот високообразовен простор во моментов функционираат над 30 високообразовни установи. Тоа е преголема бројка за постојниот број на матуранти, кој во последниве 5 години се движи на ниво од околу 15.000 и има тенденција на опаѓање. Стандардот во Европа е еден универзитет на 2 милиона жители. Во практиката се соочуваме со нелојална конкуренција која Агенцијата одговорна за квалитетот на високото образование треба сериозно да ја разгледа и да креира мерки за надминување на таквите состојби. Во делот на науката потребни се сериозни заложби за поголеми издвојувања за наука. Без наука нема квалитетно високо образование. Науката и наставата се нераскинливо поврзани делови на една целина во високото образование. Последиците од таквиот однос на институциите се одразуваат и врз работата и продуктивноста на универзитетите. Просекот во Европа е 2,5 % за наука од буџетите на земјите членки, со тенденција до 2030 да се зголеми за дополнителни 2,5%. Само оние држави што вложуваат во наука и образование ќе го имаат приматот на глобалниот пазар. УКИМ ќе продолжи да презема мерки во насока на справување и надминување на овие системски слабости. Со децении чекаме да се смени таквиот однос на државата кон високото образование и науката – категорична е професорката.

Како што се надоврзува таа, потребно е обезбедување на дополнителни сопствени извори на финансирање од европските фондови и преку поинтензивна соработка со бизнис-секторот, односно со развој на универзитетското претприемништво.
-Во насока на идниот напредок на УКИМ и подигнување на научноистражувачката продуктивност, ќе се залагам за поддршка на универзитетските тимови за членство во Европските конзорциуми за истражувачка инфраструктура, како ERICs, и други истражувачки асоцијации фокусирани на одделни научни области, што ќе доведе до повеќе можности за учество на нашите единици на европските проекти и вмрежување во европската истражувачка инфраструктура. Во поглед на зголемена видливост на научноистражувачките резултати, ќе настојувам преку примена на дигитални и колаборативни технологии да дојдеме до поголемо користење на инфраструктурата на отворена наука Open Science, како и континуирано вклучување во европскиот облак на отворена наука European Open Science Cloud. Сакам да истакнам дека ќе формирам фонд за поддршка на млади истражувачи (асистенти, доценти) уште во раните фази на нивниот кариерен развој со цел да ги задржиме на УКИМ, бидејќи тие ќе бидат иднината на нашиот Универзитет.

Атанас Кочов: Подобрување на материјално-финансиската состојба

Да се биде ректор на УКИМ е голем предизвик затоа што станува збор за најстариот универзитет во земјата, кој претставува стожер на нашето општество и државотворноста на Македонија, создавајќи ја научната и академска елита во државата, двигател на стопанството и преку своите кадри - креатор на сите политики на државата на домашен и меѓународен план, истакнува Атанас Кочов.

-Имајќи ја предвид актуелната состојба на универзитетот, наспроти желбата, но и обврската не само моја, ами и на сите вработени да го одржиме и воздигнеме УКИМ како научна, културна ризница и традиција, се соочуваме со период во кој ќе треба да се зацртаат јасни приоритети.


Атанас Кочов

Моите приоритети се следните:
1.Подобрување на материјално-финансиската состојба на Универзитетот преку посебни државни и интерни политики на финансирање со тоа што мора да се реши законски статусот на УКИМ, да се изработи Стратегија на УКИМ 2030 со која ќе се обезбеди улогата на УКИМ-моторна сила за одржлив развој на земјата. Да се зајакнат инфраструктурата и капацитетите на универзитетот со подобро искористување на целокупниот имот на УКИМ, и секоја единица да има услови за непречена реализација на наставно-образовната, научноистражувачка и апликативна дејност и како простор и од аспект на опременост на лаборатории. Дел од ова ќе се постигне и преку отворање канцеларија за меѓународна соработка задолжена за помош во подготовка на меѓународни проекти. Преку јавно-приватно партнерство да се изградат студентски домови за подобри услови за домување на студентите. Мораме да ја обезбедиме функционалноста на Универзитетскиот совет, кој од донесување на ЗВО во 2018 година сѐ уште не е конституиран, да го вратиме внатрешниот ревизор како функција и контролор на финансиското работење на УКИМ.

2.Подобрување на наставно-образовниот процес и зајакнување на соработката и поврзување со стопанството и бизнис-заедницата. Осовременување на постојните и воведување нови мултидисциплинарни студиски програми согласно европски и светски стандарди. Креирање веб-портал со електронска верзија од предавања и вежби. Зголемување на бројот на гостувачки реномирани професори од земјата и од странство. Посебен акцент на поддршка на единиците за акредитација на студиски програми за стекнување двојна диплома во партнерство со странски универзитети. Обезбедување библиотечен фонд и пристап до светски реномирани списанија.

3.Консолидирање и целосна автономна независност на единиците на УКИМ во донесувањето на интерните политики за наука, развој, истражување и соработка со стопанството и бизнис-заедницата. Соработката со стопанството и бизнис-заедницата, чии потреби од специфични знаења, вештини ќе влијаат врз креирањето на студиските програми во соодветните области. Креирање стручни студии за стручен назив во соработка со стопанските комори, а во насока на подготовка на кадар спремен да се соочи со предизвиците на новите технологии.

4.Стимулирање на меѓународната соработка и научноистражувачката дејност, уметноста и спортот преку стручна поддршка за апликација и подготовка на меѓународни проекти, и целосна автономија на предлагачите со нивно управување, целосна децентрализација на финансиското водење на научноистражувачките проекти финансирани од ЕУ. Креирање единствена база на научни трудови, публикации и книги од вработените на УКИМ. Поддршка во организирање и учество на уметнички настани (изложби, концерти) и спортски настани.

5.Студентите-партнери, целосна вклученост на студентите во наставната, научната и апликативна дејност на Универзитетот.

6.Нов современ модел на претприемачки Универзитет за остварување на агендата 2030 и 2050 за реализација на Стратегија за паметна специјализација. Со вака поставените приоритети имам цел да се подобри моментално најнискиот стандард на вработените на УКИМ, споредено не само со универзитетите во соседството, но и локално. Мора да се подобрат условите за сите што се припадници на академската заедница на УКИМ.

Промена на принципот на акредитација на студиските програми

Сите заедно да го издигнеме УКИМ над сите други универзитети во Македонија, да не дозволиме да биде третиран на ист начин како сите други универзитети. УКИМ мора да има посебен третман бидејќи бил и секогаш ќе биде стожерот на нашата Македонија, ќе биде стожер на сите политики, на културата, традицијата, ризница на знаење, кадар, наука, истражувања, партнер на македонското стопанство, полн со иновативност, креативност, уметност, претприемачки дух, смета професорот Атанас Кочов.

-Мораме да ја истакнеме националната важност на УКИМ како научна, културна ризница и богатство на Македонија, УКИМ не може и не смее да се дозволи да биде деградиран и третиран согласно сегашниот Закон за високото образование заедно со сите други државни и приватни универзитети. Високото образование во Македонија мора да биде по европски стандард. Како држава, сите заедно мораме да ја донесеме Европа во нашиот образовен систем преку решен систем на финансирање на високото образование, со точно определена цена на чинење на студиите од различни подрачја. Финансирањето на националните научноистражувачки проекти мора да почне повторно за да се обезбедат научни потенцијали и истражувања, објава на научни трудови, набавка на материјали за лабораториски истражувања. Мораме да го промениме принципот на акредитација на студиските програми и да преминеме кон модуларни студиски програми, да ги намалиме трошоците на универзитетите. Потребно е да се стимулира примена на принципите на мултидисциплинарен пристап во дефинирање на студиските програми – смета професорот Кочов.

Неопходно е да отпочне да функционира и Одборот за евалуација кој совесно ќе пристапи кон реален процес на евалуација на многубројните студиски програми и високообразовни установи кои предизвикуваат нелојална конкуренција во Македонија, додава тој.

УКИМ бил и секогаш ќе биде стожерот на нашата Македонија

-Отвореноста на високото образование мора да се обезбеди со меѓународни акредитации на студиските програми за да се обезбедат услови за поголем број склучени договори со странски универзитети за двојни дипломи. Македонија дозволува да ги изгуби своите најдобри млади кадри и тие да не бидат ангажирани како научни или стручни соработници во високото образование поради неправилната политика на државата за вработување млади научни кадри. Ние мора да го сопреме процесот на одлив на мозоци и да отпочнеме нов процес на привлекување и враќање на успешните млади кадри од странство назад во Македонија преку олеснување на начинот за вработување на млади кадри – посочува Кочов.

Според него, решавањето на начинот на финансирање на високото образование мора да биде примат на државата.
-Недозволиво е сѐ уште да не функционира нов современ модел на финансирање на високото образование и да дозволиме научните работници да чекаат колективни договори со кои платата би се зголемила за 5-10% како резултат на нечија желба или политичка заложба. Високото образование, не само за плати, туку и за нови вработувања, финансирање на материјално-технички средства за лаборатории, мора да има трајно решен алгоритам преку современ начин на пресметување на цената на чинење, односно трошок за реализација на квалитетна студиска програма. Недозволиво е да има големи диспропорции во финансиските средства кои државата им ги дели на јавните универзитети, без да земе предвид дека УКИМ е лулката и столбот на високото образование, како најстар, најдобар и најквалитетен универзитет. УКИМ бил и секогаш ќе биде стожерот на нашата Македонија, ќе биде стожер на сите политики, на културата, традицијата, ризница на знаење, кадар, наука, истражувања, партнер на македонското стопанство, полн со иновативност, креативност, уметност, претприемачки дух – смета Кочов, за чија програма повеќе може да се прочита овде https://www.atanaskochov.com.

Горан Ајдински: Покачување на платите на наставниот кадар


На приоритетната листа на професорот Горан Ајдински од Филозофски факултет е вработување млад академски кадар со асистенти и зајакнување на кадровскиот потенцијал.

-Најдобрите да бидат примени (тие ќе останат во Македонија, што е добро за државата), да го подигнат научниот потенцијал со научни истражувања и пишување трудови. Зајакнување на компетентноста за аплицирање на меѓународни проекти. При УКИМ во Ректоратот ќе се формира тело кое ќе биде одговорно за сите проектни активности, од професори и обучен персонал, експерти кои ќе ја синхронизираат целата работа и со другите тела на факултетите.


Горан Ајдински

Исто така, потребно е покачување на платите на наставниот кадар и администрацијата. Платите на професорите и администрацијата се убедливо најниски во целиот регион. Слична состојба е и во нашата држава. Ќе настојуваме, ќе вршиме притисок, ќе разговараме со надлежните органи. Во тој контекст значајно ќе биде настојувањето за обединување на двата синдикати при УКИМ.

Како и постојан развој на студиските програми во текот на целиот период додека дојде следната акредитација. Во програмата наведов дека наставниот кадар ќе може да направи интервенција во наставните програми во обем не повеќе од 30% со Одлука од ННС без повторна акредитација на програмата. Студентите, студентскиот живот и стандард. Соработка и стопанство. Постојан развој на дигитализацијата и унапредување на информатичкиот систем – се само дел од компонентите од програмата на Горан Ајдински.