Интервју со в.д. деканката на ТМФ, профeсор д-р Емилија Фиданчевски: Столбот на нашиот факултет се успешните дипломирани студенти

Интервју со в.д. деканката на ТМФ, профeсор д-р Емилија Фиданчевски: Столбот на нашиот факултет се успешните дипломирани студенти

Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) како наставно-образовна и научноистражувачка институција, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), 61 година активно продуцира кадри за стопанскиот развој на државата, но воедно успешно учествува во меѓународниот истражувачки простор. По повод јубилејот на факултетот, разговаравме со проф. д-р Емилија Фиданчевски, в.д. декан на факултетот.


Таа ни објасни што го прави овој факултет посебен, какви се можностите за работа по дипломирањето и каква настава им нуди на студентите.



Средба на проф. д-р Емилија Фиданчевски со најдобрите студенти за академската 2019 година


Кои се најзначајните достигнувања и успеси на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје? Покрај богатата историја и дејност, што го прави уникатен и атрактивен за студентите?


- Активностите во однос на историјата и дејноста на Технолошко-металуршкиот факултет ѝ се добро познати на пошироката јавност. Впрочем, шеесет и една година е голем период на влијание, едукација и голем придонес во македонското општество. Нашето присуство може да се види преку многу објави во медиумите. Но, накратко, нашиот факултет датира од веќе далечната 1959 година, со формирањето на техничкиот оддел во рамките на Техничкиот факултет во Скопје. Во изминатиот период факултетот ги следел реформите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), но следејќи ги и потребите на стопанството, континуирано се трансформирал преку своите наставни програми и дисциплини. За нашиот факултет главно обележје се инженерите, кои придонеле во стопанскиот развој на државата во изминатите години.

Технолошко-металуршкиот факултет (УКИМ) преку својата наставно-образовна, научноистражувачка и применувачка дејност, на своите студенти од трите циклуси на студии им овозможува стекнување на знаење кое е применливо во сите сфери на стопанството преку студиските програми: прехранбена технологија и биотехнологија, неорганско инженерство и заштита на животна средина, дизајн и инженеринг на облека, дизајн и менаџмент на технолошки процеси, инженерство на материјали и нанотехнологии, полимерни материјали и металургија - дизајн и менаџмент. Целта на наставниот кадар е студентите во текот на студиите да се образоваат во компетентни едуцирани кадри, кои ќе бидат способни да ги организираат и водат производните процеси, да ги пренесуваат резултатите од лабораториски услови во индустриски размери, да придонесат во оригиналните научни истражувања и да учествуваат во развојот на нови технологии.

Во аулата на Технолошко-металуршкиот факултет 


Преку хетерогеноста на институцијата, потенцијалот на наставниот кадар за мултидисциплинарен пристап е императив на нашиот факултет. Технолошко-металуршкиот факултет се стреми кон развој во високообразовна и научноистражувачка институција во областа на технолошкото и металуршкото инженерство, која по квалитет нема да заостане зад сличните установи, како во регионот така и во развиените европски земји.

Согласно постојаните промени, факултетот и во иднина ќе продолжи да ги осовременува и приспособува студиските програми, согласно потребите на развиеното општество, но притоа потенцирајќи го развојот на истражувачкиот дух, креативноста и иновативниот начин на размислување, односно поставувајќи повисоки стандарди како во областа на наставата така и во областа на науката. Преку потенцијалот и капацитетот на наставниот кадар и студентите, кои заедно свесно и одговорно работат, ќе се овозможи развој на нашиот факултет, а со тоа и на Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ како целина.

Проф. д-р Емилија Фиданчевски, в.д. Декан на Технолошко-металуршки факултет - УКИМ

Денес, кога славиме 61 година од постоењето на нашата високообразовна институција, во услови на актуелна состојба на пандемија, нашиот факултет, како еден од техничките факултети на УКИМ, успева успешно да одговори на сите предизвици поврзани со наставата по електронски пат. Но воедно дел од кадарот придонесе и за активно учество во меѓународниот научен простор преку своите научни трудови, книги и слично. Пред нас се уште многу предизвици (едукативни, научни, организациони...) на кои ќе треба заедно да одговориме, и тоа со цел факултетот да живее во духот на сегашноста.

Согласно меѓународните искуства, кои се базираат на мултидисциплинарен пристап за решавање на одреден проблем, хетерогеноста на нашиот факултет е предноста што ја поседува и со право може да се рече дека сме еден ,,универзитет во мало“. На нашиот факултет постојат многу студии, експертизи, елаборати, домашни и меѓународни проекти, поврзани со проблематиката од областа на рециклирање, реупотреба и слично, а се во контекст на концептот на нулта емисија и циркуларна економија.

Од друга страна, постои наставен кадар кој активно работи на новите материјали и нанотехнологии со цел добивање материјали со однапред барани својства. Во овој дел може да споменеме многу видови материјали (микро и наноструктури), кои имаат иновативни примени во различни области од нашето секојдневно живеење, како што се медицината, фармацијата, прехранбената индустрија, текстилната индустрија, градежништвото, заштитата на животната средина и културното наследство... Иднината што ТМФ може да им ја понуди на студентите и индустријата е тесно поврзана со искуствата од минатото, но следејќи ги глобалните промени, факултетот во иднина ќе чекори со новите предизвици, кои ги носи времето во кое живееме.

Во однос на научноистражувачката работа, ТМФ се одликува со голема активност и на ова поле. Имено, на нашиот факултет се реализирани меѓународни научноистражувачки проекти од различни програми како EUREKA, DAAD, NATO, FP 5, 6 и 7, Horizon 2020, Европски институт за иновации и технологии (Суровини) – EIT (Raw materials), IAEA,TEMPUS, ERAZMUS, UNESCO, CEPUS, COST aкции, како и многу билатерални проекти. Преку овие проекти кадарот активно работи на вмрежување и трансфер на знаења и искуства, но воедно и придонесува во развојот на европскиот истражувачки простор (European Research Area). Покрај многубројните публикации во реномирани научни списанија со фактор на влијание, на факултетот се опремени и лаборатории со соодветна опрема, добиени во рамките на различни проекти. Студентите, исто така, придонесуваат во полето нa меѓународната aктивност преку нивното учество во студентските организации, како што се IAESTE и BEST. Сето ова претставува една солидна основа ТМФ да пристапи во иднина како дел од домашниот иновативен потенцијал, кој ќе биде основа за развој на start up и spin off компании, каде што младиот едуциран кадар од ТМФ ќе може активно да се вклучи во бизнис-секторот. 


Со оглед на тоа дека сте в.д. декан на факултетот кој дојде на оваа функција во услови на пандемија и вонредна состојба во државата, како успеавте да раководите со факултетот во овие услови?


- Морам да кажам дека прифаќањето на оваа функција беше голем предизвик за мене. Оваа функција ја реализирам со многу љубов и посветеност, а искуството што го стекнав во однос на „стрес-менаџментот“ е од голема важност за мене. Одлуката да ја преземам оваа одговорна функција во овие услови се темелеше на споредбата со нашите лекари, кои се на првите борбени линии, во насока на справување со пандемијата, а да се води ТМФ во овие услови треба да се разбере како „мала ноќна музика“. Сепак, ние, пред сè, сме наставно-образовна институција чија примарна дејност е едукацијата на студентите. Првиот предизвик од суштинско значење беше да се пристапи кон реализација на наставата по електронски пат. Така, со донесување на уредбите од страна на Владата и УКИМ, наставниот кадар на ТМФ целосно премина кон изведба на наставата по електронски пат. Радува фактот дека и пред воведувањето на вонредната состојба дел од кадарот самоиницијативно и свесно пристапи кон алтернативен начин на изведба на наставата, што за мене претставуваше еден позитивен знак.

Доделување на дипломите на најдобрите студенти во академската 2019 година




Во текот на претходниот период сметам дека ТМФ добро одговори на предизвикот во однос на изведбата на наставата, земајќи го предвид фактот дека кадарот не беше претходно подготвен за ваков вид настава. Како наше ново искуство во овој период на пандемија на Ковид-19, покрај наставата, беше и првата онлајн-одбрана на докторска теза, како и неколку онлајн-одбрани на дипломски работи. Како технички факултет, голем дел од кадарот активно пристапи кон користење на различните онлајн-платформи како Зум, Скајп Мајкрософт тимс и други, и во текот на целиот претходен период се надградуваше и подобруваше со цел да понуди знаење и поддршка на студентите. Морам да ја потенцирам соработката и поддршката што ја имавме од поискусните колеги во однос на онлајн-наставата од другите технички факултети при УКИМ и нашите соработници од повеќе универзитети во странство. Вмрежувањето и дисеминацијата на искуствата, како и желбата на наставниот кадар да го прифати предизвикот за онлајн-настава, беше пресудно за да се формира работна група на ТМФ која во иднина ќе ја развива онлајн-наставата на нашиот факултет.

Во овој период, со почеток од 8 јуни 2020, непречено тече испитната сесија (онлајн или со физичко присуство) каде што наставниот кадар и студентите заедно ги дефинираат термините и начинот на изведба на испитот. Согласно фактот дека на нашиот факултет има помал број студенти, во овие услови тоа е еден позитивен аспект кој овозможува воспоставување на поквалитетен однос помеѓу наставниот кадар и студентите, а со тоа и поквалитетно завршување на обврските. Во овие услови од големо значење е односот наставен кадар-студент, а поттикнувачкиот однос од еден професор кон студентот е од пресудно значење за иднината на еден млад човек. Денес кадарот на ТМФ поседува солидно искуство (во однос на предавањата, пресметковните и лабораториските вежби), кое верувам во иднина ќе се надградува и усовршува со цел да се понуди поквалитетна онлајн-настава во следниот период, доколку тоа биде потребно.


* Денеска е всушност роденденот на Технолошко-металуршкиот факултет. Како ќе го одбележите во овие услови на пандемија?


- Технолошко-металуршкиот факултет традиционално го одбележува Денот на факултетот - 19 јуни со повеќе активности, како доделување дипломи на дипломираните студенти и магистранди, прогласување на најдобрите студенти, организирање студентска модна ревија. Поради актуелната состојба, со почитување на сите протоколи и дистанца, организиравме скромна средба со најдобрите дипломирани студенти за академската 2019 год. Се потсетивме на нивните студентски денови, колку стекнатото знаење на ТМФ им помогнало во почетокот на нивното вработување, нивните погледи за понатамошна едукација и професионално усовршување, можна идна соработка и слично.

По повод 61-годишнината од постоењето на Технолошко-металуршкиот факултет, би сакала да им го честитам Денот на ТМФ на сите досега дипломирани технолози и металурзи, како и на актуелните студенти. Воедно, благодарност до наставниот кадар кој во претходниот период активно се ангажираше за квалитетна реализација на наставата во услови на пандемија, како и на административниот и техничкиот кадар, кои со цела своја активност придонесоа ТМФ успешно да функционира во овој период.

в.д. Деканот на ТМФ, проф. др. Емилија Фиданчевски, в.д. продекан за настава, доц. др. Јана Симоновска и дипломираните инженери, Ива Димитриевска, Ајра Синанова и Сара Грбевска (вработени во АЛКАЛОИД АД, Скопје), во Клубот на пријатели на ТМФ.


Шеесет и едногодишното постоење на ТМФ постојано се докажува преку нашите дипломирани студенти. Стекнатото знаење на ТМФ, постојаната едукација и надградување, како и личната способност за лидерство докажа дека многу наши дипломирани студенти се успешни менаџери и на раководни функции во реномирани фирми и компании во стопанството, кое е столб на нашата држава. Може слободно да се констатира дека технолозите и металурзите претставуваат движечка сила и фактор за успех на секое поле. Оваа пригода ја користам да им се обратам и на идните студенти, сега завршени средношколци, ТМФ може да биде дел од вашата животна определба. Нека ни е честит Денот на ТМФ!