Ова се трите средни училишта во кои ќе има квалификациски тестирања
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Поради големиот број пријавени ученици со просек 5.00 во три училишта во Македонија ќе има квалификациски тестирања, одлучи Министерството за образование и наука. Сите се за насоката медицинска сестра во средните медицински училишта и тоа: во „Панче Караѓозов“ во Скопје, за настава на албански јазик, „Димитар Влахов“ во Струмица и „Ѓорче Петров“ во Прилеп.
Маја Салиу, директорка на „Панче Караѓозов“ вели дека до вечерва чекале одлука од МОН дали ќе биде проширена квотата или ќе се оди на квалификациско тестирање.
- Тестирање ќе има само за медицински сестри на албански наставен јазик, бидејќи за 102 места се пријабија 164 ученици, сите со просек 5.00. Тестирањата ќе се одржат во понеделник, а учениците ќе полагаат хемија и биологија. Прашањата ќе бидат од материјалот што го учеле во рамките на основното образование. Секој ученик ќе полага на јазикот на којшто ја следел наставата во основно – објаснува Салиу.
Таа вели дека имаат услови за полагање. Учениците ќе бидат распоредени по 10 во просторија, со почитување на сите протоколи за дезинфекција и физичко дистанцирање.
За вкупно 646 места во прва година се пријавиле 811 кандидати. Тие што не се примени, заедно со тие што нема да влезат на листата на 102 кандидати во понеделник ќе си ги подигнат документите за да може да конкурираат во друго училиште во вториот уписен рок кој ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни. Третото пријавување и запишување е на 29 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 30 јуни.