Марија Мешкова, професор, снима видеа за учење англиски јазик и има над 1,7 милион следбеници од цел свет
Марија вели дека се впуштила во инфлуенсерството без очекувања, само со желба и визија дека ќе успее. Кога си задавала цели, се стремела кон 10 илјади следбеници, а сега на „Инстаграм“ има 1,1 милион, на „Тик-ток“ над 560 илјади, а на „Јутјуб“ над 100 илјади следбеници, или над 1,7 милиони луѓе ги следат содржините што ги објавува
Марија Мешкова е едукатор, предавач, професор по англиски... Но она што ја разликува од другите се нејзините интересни видеа за презентација, пристапот што го користи, термините на кои укажува... Со нејзиниот пријателски и примамлив пристап на едукација, оригиналноста и природниот тон, успеа за многу кратко време да собере голем број следбеници на социјалните мрежи.
- На „Инстаграм“ имам 1,1 милион, на „Тик-ток“ над 560 илјади, а на „Јутјуб“ над 100 илјади следбеници, или над 1,7 милиони луѓе ги следат содржините што ги објавувам. Како што напоменав, многу сериозно го сфатив сето ова бидејќи знам што значат социјалните медиуми денес, особено во индустријата за е-учење. Првите 7-8 месеци не се случуваше ништо, не добивав никакви резултати, а имаше денови кога работев и по 16-17 часа. Истражување, планирање, пишување содржина, снимање, објавување, следење резултати, и така секој ден - без никаков видлив резултат. Но, на почетокот на 8. месец, за неколку дена почнаа да ме следат голем број луѓе и во рок од еден месец ги достигнав овие бројки на „Инстаграм“ и „Тик-ток“ - ни сподели Марија.
Бројките ги гледам како потврда и награда за трудот што го вложив
„5 words to stop using in email!“; „Stop using `I understand`“! „Don`t always say `stop it`; „Stop always say `me too`“... се само дел од нејзините едукативни содржини за течен англиски. На прашањето како почнало сѐ, таа ни раскажа:
- Сѐ почна со еден внатрешен повик за промена во мојот живот. Тоа чувство дека можам да направам многу повеќе од она што во тој момент го правев, како професионално така и лично, ме воведе кон еден пат на работа на себе и преземање акција кон идеите што ми доаѓаа. Колку повеќе истражував и учев, толку повеќе идеи доаѓаа, за на крај да се роди Zenfluent Maria. Одлуката да одам на сѐ или ништо и целосно да се посветам на градење персонален бренд доведе до огромен успех за нецела година, исклучително брз раст на бројот на луѓе заинтересирани за работа со мене и досега успешно реализирани три курса за течно зборување англиски јазик, кои доведоа до големи трансформации кај студентите - вели Марија.
Таа се впуштила во инфлуенсерството без очекувања, само со желба и визија дека знае дека ќе успее. Кога си задавала цели, се стремела кон 10 илјади следбеници.
- Во еден планер имам запишано дека огромен успех ќе биде ако имам 10 илјади следбеници до крајот на 2022. Секако, не можев ни да замислам вакви бројки за толку мал период. Бројките ги гледам како потврда и награда за трудот што го вложив. Сметам дека она по што се издвојувам од другите е тоа што сум своја и природна. Не се трудам да имитирам, ниту пак да објавувам содржина во која јас самата не се чувствувам природно. Публиката најмногу сака содржина во која или ќе се пронајде, поврзе или инспирира, или содржина која забавува - па моите содржини се околу тоа, нешто што и мене ми помогнало или ме инспирирало, или ме насмеало - вели Марија.
Клучното видео што ја лансира кон пошироката публика, или како што вели таа првото милионско видео, е ова
Најгледани се видеата со конверзациски грешки
Досегашното искуство покажало дека нејзините следбеници најмногу сакаат видеа каде што ги истакнува грешките во конверзациски англиски и потоа ги кажува точните варијанти. Исто така, содржина од вистински живот која на секој му треба, на пример, конверзација на аеродром, вокабулар за порачување храна на англиски, или фрази кои се користат во бизнис-ситуации на работа и слично.
- Сѐ што снимам е поврзано со вистински ситуации, не е извадено од учебник. Моето мото е луѓето да знаат да зборуваат и да се снајдат во вистински ситуации при конверзација со други луѓе, или луѓе на кои англискиот им е мајчин јазик. Секогаш истражувам што бараат луѓето онлајн, истражувам на форуми, „Гугл“, „Линкдин,“ со кои проблеми се соочуваат луѓето кои не можат течно да зборуваат, и секако студентите и моите курсеви се директен извор на тие информации, па така никнуваат многу идеи и одговори за видеа - споделува нашата соговорничка.
Нејзина цел е да ја доближи нејзината пасија кон течното зборување англиски до секој еден што ги гледа нејзините видеа или работи со неа. Како што вели таа, учењето јазик не треба да биде досадно, напротив, со вистинскиот начин може да биде едно преубаво искуство.
- Преку комбинација на техники и совети за конверзациски англиски, како и совети за надминување на стравот од блокада при зборување, или стравот од правење грешки, знам дека секој може целосно да го оствари својот потенцијал и да добие огромна самодоверба, а со тоа и да отвори врата на неограничени можности и надградување, како професионално така и лично – вели Марија.
Марија има следбеници од цел свет, најмногу од Америка, Бразил, Мексико, Индија. Има и од Македонија, ама тоа се околу 5-10 илјади луѓе. Бројките никогаш не ѝ биле главна цел, туку тие природно си доаѓаат.
-Предизвикот што си го зададов уште првиот ден е да придонесам што е можно поголема вредност за тие што ме гледаат. Да дадам една поинаква перспектива за тоа како се учи јазик и да инспирирам што повеќе луѓе да ги прошират своите хоризонти и да почнат да го учат јазикот со љубов, а не затоа што мора или треба - вели Марија.
Фото: приватна архива