Огромен сајбер-напад може да е смртоносен колку и нуклеарното оружје

Огромен сајбер-напад може да е смртоносен колку и нуклеарното оружје

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето низ целиот свет се загрижени за зголемувањето на тензиите околу нуклеарното оружје, но повеќето од нив не сфаќаат дека голем сајбер-напад може да биде исто толку штетен, а хакерите веќе ги поставуваат темелите за тоа.

Со повлекувањето на САД и Русија од клучниот пакт за нуклеарно оружје и со започнувањето на развојот на ново нуклеарно оружје, како и тензиите во Иран и Северна Кореја, повторно со тестирање проектили, глобалната закана за цивилизацијата е голема. Некои стравуваат дека ќе почне нова трка за нуклеарно вооружување.

Таа закана е сериозна - но и друга може да биде исто толку сериозна, а е помалку видлива за јавноста. Досега повеќето познати хакерски инциденти, дури и оние со поддршка од странските влади, направиле повеќе отколку само крадење податоци.

За жал, постојат знаци дека хакерите поставиле злонамерен софтвер во американските системи за електрична енергија и вода кој чека да биде активиран. Наводно американската армија навлегла во компјутерите што ги контролираат руските електрични системи.

Сајбер-нападите со широка распространетост, упад во една област што се шири кон другите или комбинација на многу помали напади, може да предизвикаат значителна штета, вклучително масовна повреда и смртни случаи исто како што би предизвикало нуклеарното оружје.

За разлика од нуклеарното оружје, бројот на жртвите од повеќето сајбер-напади би бил помал. Луѓето би можеле да умираат од недостиг на храна, електрична енергија или гас за топлина или во сообраќајки како резултат на оштетениот систем на семафори. Ова може да се случи на пошироко подрачје, што може да резултира со масовна повреда, па дури и смртни случаи.

Ова можеби звучи нереално, но погледнете што се случува последниве години во САД и низ целиот свет.

На почетокот од 2016 година хакерите ја презеле контролата врз пречистителната станица во САД за вода за пиење и ја смениле хемиската смеса што се користи за прочистување на водата. Ако промените не биле забележани, би можело да дојде до труење и недостиг на вода.

Во 2016 и 2017 година хакерите затвориле големи делови на електричната мрежа во Украина. Овој напад бил поблаг бидејќи не била уништена опремата. Официјалните лица сметаат дека нападот бил дизајниран за да се испрати порака.

Во 2018 година непознати сајбер-криминалци добиле пристап во целиот електричен систем на Обединетото Кралство; во 2019 година сличен упад се случил на мрежата на САД.

Во август 2017 година петрохемиска фабрика во Саудиска Арабија била погодена од хакери кои се обиделе да ја разнесат опремата со преземање на контролата врз истите видови електроника што се користат во сите индустриски објекти низ целиот свет.

Само неколку месеци подоцна хакерите ги затвориле системите за набљудување на нафтоводите и гасоводите низ САД. Ова првенствено предизвикало логистички проблеми и покажало дека системите на несигурни изведувачи можат да предизвикаат проблеми.

ФБИ дури и предупреди дека хакерите напаѓаат нуклеарни објекти. Оштетен нуклеарен објект може да резултира со испуштање радиоактивен материјал, хемикалии, па дури и евентуално топење на реакторот.

Сајбер-нападите може да предизвикаат настан сличен на инцидентот во Чернобил. Таа експлозија, предизвикана од ненамерна грешка, резултирала со 50 смртни случаи и евакуација на 120.000 лица.

Треба да се истакне дека не постои меѓународна заштита за напади преку интернет. На пример, идејата за „заемно уверено уништување“ сугерира дека ниту една земја не смее да лансира нуклеарно оружје кај друга нуклеарна вооружена нација: лансирањето најверојатно ќе биде откриено, а целната нација ќе лансира сопствено оружје како одговор, уништувајќи два народа.

Сајбер-напаѓачите имаат помалку инхибиции. Прво, полесно е да се маскира изворот на дигитален упад. Понатаму, сајбер-војувањето може да почне од минимално, таргетирајќи еден телефон или лаптоп. Поголемите напади може да бидат насочени кон бизниси, како банки и хотели или владини агенции. Но, тие не се доволни за ескалација на конфликт на нуклеарна скала.

Постојат три основни сценарија за тоа како може да се развие нуклеарен мрежен напад. Може да почне скромно, при што разузнавачките служби на една земја крадат, бришат или компромитираат воени податоци на друга нација.

Во друга ситуација, нацијата или терористичка организација би можела да изврши масивно деструктивен компјутерски напад, таргетирајќи неколку електрични објекти, објекти за прочистување вода или индустриски фабрики.

Можеби најзагрижувачката можност е да се случи по грешка. Во неколку наврати човечките и механичките грешки за малку не го уништија светот во текот на Студената војна.

Исто како што не постои начин за целосна заштита од нуклеарен напад, така не постојат начини да се намалат сајбер-нападите.

Владите, бизнисите и обичните луѓе треба да ги обезбедат своите системи за да ги спречат надворешните натрапници да го најдат патот до нив и да ги искористат нивните врски.

Критичните системи, како јавните претпријатија, компаниите за транспорт и фирмите што користат опасни хемикалии, треба да бидат многу побезбедни. Една анализа открила дека само околу една петтина од компаниите што користат компјутери за контрола на индустриската машинерија во САД ја следат нивната опрема за откривање потенцијални напади. Друго истражување покажа дека речиси три четвртини од енергетските компании доживеале некаков мрежен упад.

Но, сите тие системи не можат да бидат заштитени без квалификуван персонал за компјутерска безбедност. Ако светот сака да спречи големи напади на интернет, вклучувајќи и некои со потенцијал да бидат штетни како нуклеарен напад, тогаш секоја личност, секоја компанија, секоја владина агенција треба да работи самостојно, а и заедно за да ги обезбедат виталните системи од кои зависи животот на луѓето.