Вонредниот инспекциски надзор на Тетовски е неуставен - тврдат адвокати, вршен е според новиот Закон за високо образование

Вонредниот инспекциски надзор на Тетовски е неуставен - тврдат адвокати, вршен е според новиот Закон за високо образование

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Постапките за избор во наставно-научни звања морале да бидат спроведени согласно одредбите на Законот кој важел во моментот на распишување на конкурсот и изборот во наставно-научни звања


Вонредниот инспекциски надзор извршен од страна на Државниот просветен инспекторат на Тетовскиот универзитет во кој е утврдено дека функционерите Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули законски напредувале во наставно-научни звања, спротивно на претходниот инспекциски надзор на инспекторот Ѓорѓи Илиевски, е вршен согласно новиот Закон за високо образование, што е противуставно, тврдат адвокати. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, велат тие.

Факултети.мк ги побара записниците и решенијата од вонредниот инспекциски надзор од ДПИ според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а тие ни ги доставија само записниците. Овој надзор беше направен откако Државниот просветен инспекторат се огради од веќе донесените решенија на инспекторот Илиевски (во кои тој утврди незаконско напредување на тројцата функционери) и ги нарече негов личен став.

Во новите записници на ДПИ е утврдено дека тројцата функционери законски напредувале во наставно-научни звања. Надзорот е извршен врз основа на Законот за просветната инспекција, како и Законот за високо образование од 2018 година.



Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство

Одлуките од овие записници се во спротивност на членот 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, велат од адвокатското друштво „Наумов, Менкиноски и Партнери Скопје“, кои го застапуваат инспекторот Илиевски.
И тие, исто така, ги добиле записниците од ДПИ.
- Согласно членот 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Точни се наводите дека претходниот Закон за високо образование („Службен весник на Република Македонија“, бр. 35/08…127/16) престанал да важи на 8 мај 2018 година, кога бил донесен нов Закон за високо образование („Службен весник на Република Македонија“, бр. 82/2018). Меѓутоа, постапките за избор во наставно-научни звања на горенаведените политички функционери се спроведени во периодот во кој се применувал претходниот Закон. Поради тие причини, постапките за избор во наставно-научни звања морале да бидат спроведени согласно одредбите на Законот кој важел во моментот на распишување на конкурсот и изборот во наставно-научни звања - велат тие.

Нарушена е правната сигурност

Адвокатите сметаат дека ова е многу опасна ситуација бидејќи ваквата примена на одредбите и нивното ретроактивно дејство ја нарушуваат правната сигурност на граѓаните на земјава и не се во согласност со начелото на владеење на правото. Ова, според нив, претставува директно кршење на основните и темелните права загарантирани со Уставот, особено што дејноста на високото образование е од јавен интерес и има посебно значење за Македонија.
Тие, исто така, тврдат дека просветните инспектори при вршењето на вонредниот инспекциски надзор и при утврдување на фактичката состојба не го примениле членот 151 од Законот за работните односи.
- Односно, на работник кој е избран или именуван на државна или јавна функција, утврдена со закон, а чие вршење бара привремено да престане да работи кај работодавецот, му мирува работниот однос за време на вршење на функцијата и има право, во рок од 15 (петнаесет) дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа кај работодавецот за вршење работи што одговараат на неговиот степен на стручна подготовка.
И покрај тоа што на тројцата политички функционери им мируваат правата и обврските од работниот однос во Државниот универзитет - Тетово, истите се избираат во повисоки наставно-научни звања, спротивно на одредбите на Законот за високо образование - велат од адвокатското друштво.
Покрај ова, тие исто така напоменуваат дека вонредниот инспекциски надзор на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово бил извршен од страна на раководител на сектор за инспекциски надзор – главен инспектор, Африм Саљиу, кај кого постои судир на интереси.
- Неговата ќерка, Џемиле Саљиу, е ангажирана како асистент на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово, а што е спротивно на членот 17 став 2 од Етичкиот кодекс на инспекторите. Односно, кога инспекторите ќе дознаат за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси, должни се веднаш да побараат да бидат изземени и да запрат со своето постапување - велат адвокатите.



Во секој закон е определено времето на негово стапување во сила

Дека при испитување на каква било незаконитост законите не смеат да важат ретроактивно, туку да се почитуваат законските начела што важеле во периодот кога се испитува незаконитоста, согласен е и адвокатот Никола Главинче. Тој објаснува дека во секој закон е определено времето на негово стапување во сила.
- Конкретниот, Закон за високото образование, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на ден 08.05.2018г. согласно чл.228 влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен весник“. Согласно чл.226 од цитираниот закон, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи претходниот - Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“, број 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/10, 17/11, 51/11, 123/12, 15/13, 24/13, 41/2014, 116/14, 130/14, 10/15, 20/15, 98/15, 145/15, 154/15, 30/16, 120/16 и 127/2016), освен оние одредби што, согласно овој закон, се применуваат и по влегувањето во сила на овој закон, а до истекот на роковите предвидени со овој закон - вели Главинче.
Тој објаснува дека ваквите одредби упатуваат на заклучок дека сите субјекти до денот на влегување во сила на Законот за високото образование („Сл. весник на РМ“, бр.82 од 08.05.2018) требало да го приспособат своето работење исклучиво на одредбите на претходниот закон кој бил дотогаш во сила.
- Сите свои одлуки требало да ги носат во согласност со тогаш важечкиот закон, бидејќи тој бил единствено релевантен извор на правото (позитивно право) во кој се содржани решенијата од делокругот на работење – објаснува Главинче.

Тој лично смета дека при оценување на тоа дали конкретен субјект постапувал согласно закон, потребно е да се земат предвид тогаш важечките решенија, бидејќи субјектите задолжени за примена на законот се обврзани со тие решенија и немаат објективно сознание за донесување иден и неизвесен нов правен извор (нов закон).
- Тоа е во согласност и со начелото на правна сигурност и правилната примена на материјалното право – вели Главинче.

Што пишува во записниците?

Во записниците од вонредниот инспекциски надзор за наставно-научните звања на Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули јасно стои дека истиот е направен според одредбите од новиот Закон за високо образование, кој стапи во сила во 2019 година.

Во записникот за актуелниот министер за образование и наука Арбер Адеми (целосно преземете го тука) се вели:
„Од увидот во документацијата се констатира дека според Законот за високо образование, кој веќе не е во сила, но во периодот во кој е извршен изборот бил во сила и според кој бил извршен изборот на д-р Арбер Адеми во доцент, како и според постојниот Закон за високо образование кој е во сила во време на вршење на надзорот, д-р Арбер Адеми можел да биде избран во звањето доцент“.



Во записникот за актуелниот заменик-министер за внатрешни работи Агим Нухиу (целосно преземете го тука) пишува:
„Со оглед на тоа дека на денот на извршениот вонреден инспекциски надзор не е веќе во сила претходниот Закон за високо образование, поради што не може да се применуваат одредбите од тој закон кој е вон сила, инспекцискиот надзор се изврши врз основа на постојниот Закон за високо образование кој е во сила, при што согледани се и одредбите од претходниот Закон за високо образование, но земени се предвид и примената и одредбите од новиот Закон“.


И во записникот за Сафет Емрули (целосно преземете го тука), инспекторите исто така констатирале дека надзорот е правен согласно новиот Закон за високо образование.

Во новиот Закон токму членот на кој се повикува инспекторот Илиевски и тврди дека додека работните места на функционерите им се во мирување не смеат да напредуваат во наставно-научни звања е изменет. Сега на барање на лицето (функционерите) рокот за распишување конкурс не мора да се продолжи. Тој сега гласи:

„Времето на распишување на конкурсот од ставот (1) на овој член се продолжува за времето кое е поминато на породилно отсуство, боледување подолго од три месеци, како и мирување на работниот однос во случаи определени со закон. На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“.

Во претходниот Закон за високо образование ја немаше последната реченица, односно немаше опција за продолжување на конкурсот.

Инспекторот Илиевски, кој беше деградиран на работното место бидејќи доби дисциплинска казна, сè уште тврди дека функционерите незаконски се стекнале со звањата, па поднесе и прекршочни пријави за одговорните лица на Тетовскиот универзитет. Во тек се повеќе постапки за утврдување на фактичката состојба на овој случај, а сè уште се чека одлуката и на Антикорупциската комисија.