Дали Шведска е на пат кон создавање колективен имунитет?

Дали Шведска е на пат кон создавање колективен имунитет?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога зборуваме за шведскиот модел на контролирање на ширењето на Ковид-19, економијата не треба да се истакнува како причина што Шведска не воведе строги ограничувања како повеќето европски земји, но мора да се каже дека во вториот квартал економијата падна за 8,6 отсто, што е многу помалку од просекот на ЕУ (-11,9 отсто), и неспоредливо со земји како Шпанија (-18,5 отсто), Италија (-12,4 отсто) или Франција (-13,8 отсто).

Швеѓаните презедоа меки епидемиолошки мерки, пред сè, затоа што веруваат дека ова е најрационалниот начин да се спасат човечки животи или да се спречи пандемијата. Притоа, тие направија грешка бидејќи, поради недостиг на информации, предоцна ги затворија старските домови, во кои починаа повеќе од две третини од заразените. Шведските власти ѝ се извинија на нацијата за овој пропуст. Да не беше големиот број смртни случаи во старските домови, шведската смртност ќе изгледаше статистички подобро отколку западноевропските земји што презедоа радикални мерки. На милион жители значително поголем број на смртни случаи имаа Сан Марино, Белгија, Велика Британија, Андора, Перу, Шпанија и Италија.

Разликата помеѓу споменатите земји, како и позначителниот број на земји каде што сега гледаме зголемување на бројот на случаи проследено со зголемување на бројот на смртни случаи, е во тоа што во Шведска ширењето на инфекцијата е забавено и бројот на смртни случаи е намален. Тие пријавуваат само неколку смртни случаи на ден. Всушност, на почетокот од месецов беше јасно дека „шведскиот експеримент“ одеднаш доби меѓународна тежина. Во последните две недели од претходниот месец бројот на нови случаи во Шведска на 100.000 жители опадна за 54 отсто, а во истиот период Шпанија, Франција, Германија, Белгија, Холандија почнаа да бележат пораст од 40 до 200 отсто. Седумдневниот просек на случаи во Шведска опадна од крајот од јуни.

svedska
Фото: Freepik

Без носење маски, Швеѓаните успеаја да го намалат славниот Р број под 1 благодарение на специфичните мерки, а не преку занемарување на здравјето. Властите воопшто не наложија задолжително носење маски затоа што не нашле цврсти научни основи за ова, но ги забраниле сите посети на домови за стари лица и собири на повеќе од 50 лица по горчливото првично искуство.

Шведска и некои други земји покажуваат дека можеби се близу до колективен имунитет, иако многу експерти велат дека тоа е невозможно да се постигне без многу поголем број заразени и мртви. Новите математички модели што ја земаат предвид хетерогеноста, како и научното познавање за Т-клетките како имунолошки одговор на човекот кон инфекцијата, велат дека колективниот имунитет може да се постигне со околу 20 отсто инфекции.

Шведскиот број на заразени и мртви практично го потврдува ова ново знаење. Се чини дека главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел имал право кога проучувал дека епидемиолошките радикали кои ја поддржуваат борбата против вирусот едноставно грешат. Шведска е земја со голем број конкурентни извозници. Дури и шведските домашни банкари беа изненадени од најновите објавени резултати на големите шведски извозни компании, кои за возврат имаат многу подобар профит од очекуваниот.

- Никогаш не сум видел толку многу компании со подобар профит од очекуваниот - вели Есбјорн Лундевал, главен стратег во шведската банка СЕБ. Но, не е толку важно што компании како „Ериксон“, „Електролукс“, „Аса Аблој“ ги изненадија прогнозерите со резултатите. Важно е што Швеѓаните им овозможија на децата да продолжат со образование и што тие имаат нормализирани процедури во здравствениот систем.

Голем дел од Европа допрва треба да ги брои жртвите на одложените прегледи и интервенции, како резултат на исклучувањето на здравствениот систем.

Извор: Jutarnij.hr