Прекрасен мурал во Варшава апсорбира смог, чистејќи го воздухот колку 720 дрвја

Прекрасен мурал во Варшава апсорбира смог, чистејќи го воздухот колку 720 дрвја

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Варшава стана најновиот град што има јавни уметнички проекти кои го чистат градскиот воздух. Имено, гигантски мурал направен од специјални пигменти за чистење на смогот кои се активираат со помош на сонцето беше насликан од локални уметници.

Проектот организиран од спортската компанија „Конверс“, како дел од кампањата „Градски шуми“, го создаде муралот со помош на фотокалитичка боја со титаниум диоксид што ги привлекува загадувачите на воздухот пред да ги претвори во безопасни нитрати преку хемиски процес што вклучува сончева светлина.

Преку овој процес наводно муралот го прочистува околниот воздух исто колку што би го исчистиле 720 дрвја. Откако кампањата ќе заврши, муралите што се наоѓаат во неколку држави би требало да ја извршуваат работата на 3.000 дрвја.

Муралот се наоѓа на зграда пред популарната метро-станица и се состои од збир на насмеани цвеќиња заплеткани меѓу високите згради. Муралот беше дизајниран од полските уметници Мациек Полак и Давид Риски, а го наслика локалниот уметнички центар „Гуд лукинг студио“.

Меѓу цвеќињата се наоѓа пораката „Создавајте заедно за утре“, позитивна порака за инспирирање промени, што официјалните лица на „Конверс“ чувствуваат дека ќе им помогне на луѓето кои се враќаат од работа по периодите на изолација поради Ковид-19.

мурал
Фото: Looking Good Studio

По Бангкок во Тајланд, Варшава е вториот град што завршил ваков мурал, меѓу 13-те што треба да ги создаде „Градски шуми“ во Белград, Лима, Сиднеј, Џакарта, Манила, Сао Пауло, Сантијаго, Јоханесбург, Мелбурн, Богота и Панама.

Но, „Конверс“ не е единствената компанија што ги користи овие специјални бои за чистење на воздухот. Холандското дизајнерско студио „Русегард“ подигна серија билборди во Монтереј, Мексико, кои користат иста фотокалитичка боја како уметничкото дело во Варшава. Секој билборд создава иста количина чист воздух како 30 дрвја на секои 6 часа и може да функционира до 5 години справувајќи се со дел од загадувањето во Мексико.

Извор: Good News Network
Фото: Looking Good Studio