Интервју со проф. д-р Дарко Лазаров, добитник на наградата за најдобар млад истражувач од НБРМ и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија

Интервју со проф. д-р Дарко Лазаров, добитник на наградата за најдобар млад истражувач од НБРМ и член на Собранието на Стопанската комора на Македонија

Проф. д-р Дарко Лазаров, вонреден професор и раководител на Катедрата за економија на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, говори за наставните и научноистражувачките капацитети на Економскиот факултет, како и за потребата од промени во академските програми согласно барањата и потребите на бизнис-секторот.


Често се говори дека студиските програми на нашите факултети не се во согласност со барањата на бизнис-секторот? Какви се Вашите согледувања и како може тоа да се надмине?

Видете, јас лично работејќи непосредно со бизнис-секторот, многу често во минатото ги слушав тие критики што доаѓаа од нив и можам да ви кажам дека се целосно оправдани. Претставниците на бизнисот сакаат изградени кадри кои ќе бидат спремни и подготвени многу брзо да влезат во решавање конкретни проблеми. Од друга страна, долг период образовните институции кај нас беа целосно изолирани од реалните потреби на бизнисот, при што наставните програми во голем дел ги креираа согласно перцепцијата и сопствените убедувања на наставниот кадар, а не согласно потребите на оние за кои треба да бидат вистински наменети. Тоа беше една од главните причини за создавање на тој јаз помеѓу формалното образование и стопанството. Дополнително, денес во бизнисот сè повеќе се бараат практични вештини и компетенции отколку формално теоретско знаење, што претставува уште еден дополнителен проблем.
Сепак, универзалното теоретското знаење останува највредното знаење затоа што денешниот бизнис е прилично комплексен и практично не постои иста ситуација која се повторува и која може лесно да се научи. Оттука, потребно е теоретски фундирано знаење кое ќе има своја практична примена, знаење базирано на познавање модерни квантитативни техники и методи кои се користат во донесување бизнис-одлуки со цел поефикасно менаџирање на компаниите, и знаење кое може лесно да се аплицира во различни ситуации.



Осознавајќи ги овие потреби за промени, Економскиот факултет – Штип пред неколку години започна со креирање сосема нови наставни програми базирани на атрактивни и современи предметни содржини. Многу поважно, факултетот воспостави еден нов концепт во имплементирање на наставниот процес кој се базира на комбинација помеѓу теорија и пракса. За таа цел, денес многу поголемо внимание во наставата се посветува на третирање практични аспекти од различни области преку реализирање активности како што се предавања на гости-предавачи од бизнис-секторот, организирање тематски посети на компании, конференции за студенти, учество на студентски натпревари, партиципација на студентите во апликативни проекти кои ги водат професорите, други проекти активности како обврски кои ги имаат студентите во текот на студирањето.


Можете ли да ни посочите некои конкретни активности на факултетот во насока на стекнување практично знаење за студентите?

Како што посочив, факултетот и професорскиот кадар во изминатиот период беа многу посветени во овој сегмент затоа што веруваме дека само преку примена на еден таков пристап може да изградиме млади кадри кои ќе бидат способни да одговорат на барањата на бизнис-секторот.
Во продолжение ќе нотирам некои од поважните активности и успеси на факултетот. Неодамна, факултетот организира научно-стручна конференција на која покрај научен дел, во програмата имаше сегмент посветен на студентите и претставниците на бизнис-секторот кои дискутираа на теми од практиката. Свое излагања на настанот имаа гувернерката на НБРМ, извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, директорот на Институтот за ревизија и многу истакнати претставници на бизнисот од различни сектори. Претходно, Економскиот факултет во соработка со реномираниот институт CERGE од Чешка, НБРМ и Универзитетот „Јауме“ од Шпанија организира семинар за квантитативна економија и симулации на макроекономски политики.



Во делот на проектни активности кои се значаен сегмент од научноистражувачката работа, професори на факултетот беа дел од проекти поврзани со анализа на ефектите од кризата врз македонската економија, при што една група студенти беа вклучени во спроведување анкетни истражувања и статистичка обработка на податоците. Дополнително, можам да кажам дека во моментот координирам проектен тим во реализација на еден многу значаен ЕУ-проект што го имплементира Коморскиот инвестициски форум (КИФ) поврзан со градење пазарна платформа за поврзување на компании од Западен Балкан со компании од ЕУ, во кој тим учествуваат и студенти од нашиот факултет. Се разбира, има уште многу проектни активности во кои се вклучени наши професори и студенти.



Во делот за учество на натпревари, вредно е да се издвојат наградите што наши студенти ги добија на меѓународен натпревар за бизнис-планови организиран во соседна Србија и европскиот натпревар за симулации на берзанско работење кој се одржа во Рим, Италија. Истовремено, студентите во рамките на своите наставни активности се обврзани да изработат студии на случај за конкретни компании или анализа на одредени реални економски случувања.

Кои се основните цели на Вашиот факултет и кон што се стреми факултетот?

Економскиот факултет како дел од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип во изминатиот период со сите заложби и напори на целиот колектив успеа да изгради една респектабилна институција чии основни цели се квалитетен образовен процес усогласен со барањата на пазарот на труд и градење силни научноистражувачки капацитети.
Всушност, градењето научноистражувачки капацитети е есенција на секоја академска институција, но многу поважно е прашањето како тие капацитети да се поврзат со реалните потреби на бизнис-секторот и како да се стават во апликативна функција. Таквото поврзување овозможува да креирате употребна вредност за бизнисот и економијата преку примена на научните сознанија во решавање конкретни бизнис-проблеми, носење вистински одлуки на компаниите и креирање предлог-економски политики за побрз економски развој на земјата.
Учеството на наши професори во голем број меѓународни и домашни проекти, публикувањето на научни трудови во реномирани меѓународни списанија, членството во реномирани институции, активното учество во изготвување национални стратегии и секаков тип стручно-апликативни анализи за потребите на бизнисот, обезбедување консултантски услуги во областа на финансии, инвестиции, сметководство, ревизија, менаџмент, маркетинг, бизнис-економија и други области, активна партиципација во креирање економски политики е потврда дека Економски факултет – Штип не само што успеа да изгради научноистражувачки капацитети, туку дека истите тие капацитети успешно ги става во практична и апликативна функција. Сето тоа овозможува студентите во текот на своето студирање да се стекнат не само со теоретски, туку многу повеќе со практични знаења.



Се разбира дека тоа треба понатаму да се надградува и во таа насока една од моите заложби како професор во иднина ќе се однесува на реализирање на идејата за градење лабораторија за квантитативна и експериментална економија. Преку една таква лабораторија ќе се овозможи воведување и примена на нови и модерни квантитативни техники на истражување во различни области од економските и организациските науки, како и можност за професорите и студентите да работат на економски експерименти и сознанијата од тие истражувања да ги аплицираат подоцна во реални бизнис и економски околности.

Дополнително, она што е одлика на УГД за целосен фокус кон студентите останува и во иднина еден од врвните приоритети и цели на нашиот факултет. Само преку посветен пристап кон студентите и менторирањето на нивниот кариерен развој може да изградиме успешна приказна како модерна образовна институција.

Тргнувајќи од силните наставни и научноистражувачки капацитети на Економскиот факултет - Штип, за дел од кои веќе говорев, ќе ја искористам оваа пригода да ги повикам сите идни студенти што сакаат својата професионална кариера да ја градат во областа на економијата и бизнисот да се запишат на Економски факултет – Штип, затоа што професорите знаат како да им помогнат во остварувањето на нивните животни желби и амбиции.