Функционална депресија - нарушување на 21 век
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Функционалната депресија нема статус на официјална медицинска дијагноза, но претставува добар начин да се карактеризираат луѓето со лошо расположение, ниска животна енергија и анксиозност, велат експертите.
Во надворешниот свет сте продуктивна личност, некои би можеле да речат дека сте доста успешни. Но, кога ќе заврши денот, ви се трошат внатрешните ресурси. Попрво би сакале да останете дома отколку да одите на вечера со пријателите. Најлесно ви е да се вовлечете во кревет бидејќи утре е нов ден. Вака изгледа животот на личност со функционална депресија.
Тоа доаѓа и си оди, вам ви се чини дека работите добро стојат, а всушност патите.
Функционалната депресија нема статус на официјална медицинска дијагноза, но претставува добар начин да се карактеризираат луѓето со лошо расположение, ниска животна енергија и анксиозност, велат експертите. Тоа е корисен термин бидејќи е лесен за разбирање и опфаќа луѓе кои не мора нужно да се вклопуваат во традиционалните категории на дијагностика, вели д-р Џони Вилијамсон.
Фото: Ilustracija
Повеќето луѓе со функционална депресија имаат дистимија (познато како трајно депресивно нарушување), депресија од низок степен што се карактеризира со замор и недостиг на енергија. Овие луѓе генерално се несреќни во животот, но не ја исполнуваат дефиницијата за класична депресија, која е потешка.
Дистимијата главно трае две или повеќе години. Но, луѓето што ја имаат храбро се справуваат со неа и ретко зборуваат за тоа.
- Ова нарушување тешко се дијагностицира бидејќи е постепено и некако подмолно - вели д-р Вилијамсон.
Тој го изедначува со постепено покачување на температурата во собата, еден по еден степен. Честопати луѓето не препознаваат дека имаат проблем сè додека не им здодее од чувството на постојана тага или сè додека некој стресен настан во нивниот живот не ги доведе до емоционално исцрпување.
Дури и луѓето што страдаат од повисок степен на депресија - класична, епизодна депресија што предизвикува нерасположение или губење на интерес или задоволство, може да се сметаат за лица со функционална депресија.
Д-р Ентони Ротшилд, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Масачусетс, смета дека луѓето со тешка депресија се исто така „високо функционални“.
- Тие се лекари, адвокати и судии... но страдаат. Не го достигнуваат својот потенцијал - вели д-р Ротшилд.
Не постои клинички тест за тешка депресија. Но, лекарите и професионалците за ментално здравје користат разни алатки за скрининг, за процена на депресивните симптоми и функционирање на пациентот. На пример, вашиот лекар може да постави прашања како: Дали сте несреќни или тажни? Дали плачете многу? Дали имате ниско ниво на енергија? Дали имате проблеми со спиењето?
Како дел од новата процена на пациентите, д-р Ротшилд поставува едноставно прашање: „Како се забавувате?“
- Ако имаат прашален поглед: „За што зборуваш?“, тогаш знам дека постои можност да патат од депресија - вели тој.
- Луѓето често исполнуваат три или четири главни улоги во животот: професијата (што значи работата или училиштето), интимен партнер или сопружник, родител и пријател или член на заедницата - објаснува д-р Мајк Тејз, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Пенсилванија.
Процената колку се активни луѓето во своите животни улоги може да им помогне на професионалците кои се занимаваат со ментално здравје да го откријат нарушувањето.
Д-р Стивен Хаприч, професор по психологија на Универзитетот „Детроит Мерси“, вели дека може да постои нешто во нечија природа - одреден вид недостиг на доверба - што предизвикува хронична несреќа.
- Ако сте свесни дека не правите сè што треба и кога треба, може да доживеете и чувство на несигурност, вознемиреност и губење на довербата - додава д-р Вилијамсон. Тој смета дека луѓето со функционална депресија вешто ги кријат своите страдања, немаат поддршка и, за жал, стануваат осамени.
Иако станува збор за нарушување што доаѓа и си оди, не значи дека на човек не му е потребна помош. Третманот на депресија е индивидуализиран, режимот се разликува за секоја личност и може да вклучува промени во начинот на живот, терапија со разговор и/или лекови.
Експертите велат дека е многу важно да се побара
помош бидејќи ова нарушување се лекува. Најтешко е да се направи првиот чекор, лицето да си признае дека му е потребна помош.