ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Кој е основоположник на библиотекарството во Македонија?
Во оваа рубрика ви претставуваме интересни податоци за нашата земја
Епохалното дело на солунските браќа Кирил и Методиј е тесно поврзано со појавата на библиотекарството во Македонија. На словенскиот народ тие му ги дадоа првите книги и писменоста, а со тоа ги најавија и почетоците на библиотекарското дело на овие простори. Првите богослужбени книги што ги превеле од грчки на словенски јазик ги претставуваат првите словенски книги во книжевните фондови на црковните и на манастирските библиотеки.
Св. Климент Охридски (фото: Википедија)
Најистакнат продолжувач на нивното дело е нивниот најистакнат ученик Климент Охридски, кој по смртта на Кирил и Методиј (Кирил умрел во 869 г. во Рим, а Методиј во Моравија - во 885 година) развил богата културно-просветна и книжевна дејност во Македонија. За Климент Охридски може да се каже дека е првиот народен учител и основоположник на библиотекарското дело во Македонија, стои во прирачникот за подготовки за натпреварот „Млади библиотекари“ подготвен од авторот Миле Бошески, во издание на Народната и универзитетска библиотека на Македонија.
„Св. Пантелејмон“ (извор: Marcin Konsek/Wikimedia Commons)
Св. Климент Охридски во Охрид ја формирал првата манастирска библиотека во манастирот „Св. Пантелејмон“. За манастирските библиотеки во Македонија малку се знае, најмногу од разни забелешки на патописци. Од средината на 19 век овие манастири ги посетувал преродбенскиот учител и писател Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Тој кажува дека во манастирот „Св. Климент“ имало многу книги - „една полна соба“.
Училишните библиотеки одиграле голема улога во развојот на библиотекарството во Македонија. Тие претставуваат преодна фаза во прераснувањето на првите читалишта во народни библиотеки. Во 90-тите години на 19 век речиси во сите поголеми места во Македонија се отворени училишта. Повеќето од училиштата располагале со училишни библиотеки во кои имало книги за учителите и за учениците.
Старата зграда на Филозофскиот факултет (фото: Wikivand)
Првата факултетска библиотека, пак, е формирана на Филозофскиот факултет во Скопје, многу брзо откако бил основан во 1920 година. Биле набавени книги од неколку европски земји. Фондот на книги се зголемувал и со многуте подарени книги од институции и од поединци. Така, уште првата година овој фонд броел 10.500 наслови во околу 35.000 примероци. Библиотеката располагала со четири простории, од кои две за сместување на книгите, а две служеле како читалници. Во прво време таа била наменета само за професорите и студентите, а подоцна, во 1921 година, била отворена и за пошироката јавност. Така универзитетската библиотека станала прва јавна библиотека во Скопје по Првата светска војна. Библиотеката ја остварува својата дејност според упатства за работа што важеле за режимот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), во чии рамки била тогашна Македонија.
Библиотечниот фонд на оваа библиотека во 1944 година претставувал иницијален библиотечен фонд за формирање на Народната библиотека на Македонија, денес Нaционална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје (фото: Википедија)