Astraeus macedonicus – откриен нов вид габа од Македонија
Неколку примероци од Македонија анализирани на молекуларно ниво се издвоија како посебен, досега непознат вид, кој го именувавме според нашата држава, од која првпат е опишан, вели д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија
Astraeus macedonicus е новиот вид габа од Македонија што летово беше објавена во научното списание Fungal Planet. Видот не е смртоносно отровен, но не се користи во исхраната на човекот. Авторка на трудот е д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Станува збор за списание со импакт-фактор 6,86 во 2018/2019 година, наменето само за објавување нови видови габи за науката.
Д-р Катерина Русевска
Според Русевска, оваа габа ѝ припаѓа на групата пуфки (кои се дел од гастероидните габи), поточно пуфки со изглед на ѕвездичка, од родот Astraeus.
- До пред неколку години од овој род беше познат само еден вид, но со развојот и примената на молекуларните техники се издвоени повеќе видови. Сите се многу слични според морфолошкиот изглед и во вакви случаи е невозможно да се раздвојат според нивните макроскопски или микроскопски карактеристики. Со секвенционирање на ДНК се добиваат резултати кои во овој случај јасно укажуваат на постоење различни видови. Така, и неколку примероци од Македонија, анализирани на молекуларно ниво, се издвоија како посебен, досега непознат вид, кој го именувавме според нашата држава, од која првпат е опишан, Astraeus macedonicus. Кај нас се среќава на неколку локалитети - вели Русевска.
Имаме лаборатории, но тие треба да се одржуваат
Таа објаснува дека откривањето на новите видови зависи од повеќе фактори и услови - колку некое подрачје е истражувано, т.е. дали има податоци за конкретна група организми. Во одредени случаи зависи и од карактеристиките на видот, методите и техниките што се применуваат за анализа на организмите итн.
- Во развиените лаборатории примената на молекуларните техники во таксономски цели веќе е рутинска и вообичаена постапка. Миколошката лабораторија при Институтот за биологија на ПМФ, УКИМ има остварено соработка со повеќе развиени институции од Европа и од светот. На тој начин можеме да бидеме во тек со примената на современите техники во истражувањата. Една од тие институции е и Молекуларната лабораторија при Кралската ботаничка градина во Мадрид, Шпанија, предводена од д-р Марија Мартин, со која имаме остварено соработка и каде што изработив голем дел од анализите за докторатот, а потоа и анализи на претставници од ѕвездовидните пуфки, меѓу кои и новиот вид - вели Русевска.
Astraeus macedonicus
На прашањето како би ја опишала состојбата во науката во нашата земја, таа е децидна дека условите за научни истражувања кај нас на сите ни се добро познати. Русевска вели дека кога не би имале соработка со високо развиени институции од странство, не би можеле да напредуваме.
- Имаме лаборатории, но тие треба да се одржуваат и обновуваат, да има набавка на материјални средства за работа, а за тоа се потребни финансии. Кај нас тој дел е речиси невидлив. Благодарение на раководителот на Миколошката лабораторија кај нас, проф. д-р Митко Караделев, ние имаме остварено соработка со врвни научни институции и континуирано ја одржуваме, па на тој начин можеме да бидеме во тек со дел од најновите истражувања - вели Русевска.
Меѓу овие институции се Кралската ботаничка градина од Мадрид, Шпанија, Филипсовиот универзитет – Марбург, Германија, Институтот за шумарство – Љубљана, Словенија, Институтот Руѓер Бошковиќ – Загреб, Хрватска, Универзитетот за наука и уметност Селџук – Конја, Турција, Универзитет Боргон – Дижон, Франција, Инсбрук универзитетот, Австрија, Природно-математичкиот факултет – Загреб, Хрватска и др.
Кои печурки се опасни?
Русевска вели дека на европско ниво сме ценети и почитувани, за разлика од институциите во нашава држава кои речиси воопшто не се заинтересирани за напредокот на науката. Една од потврдите е што на Европскиот миколошки конгрес, кој се одржа минатиот месец во Полска, проф. Карделев е избран за заменик-претседател, а Русевска за генерален секретар на Европската миколошка асоцијација (ЕМА).
Според Русевска, објавувањето во висококвалитетни научни списанија за нашите научници е многу значајно, не само во поглед на напредување на личен план, туку пред сè за претставување на нашето биолошко богатство, кое е значајно во многу аспекти.
Фото: Fungal Planet
Бидејќи работи во Миколошката лабораторија при Институтот за биологија, не можеме да го одбегнеме прашањето кога се печурките во прашање, со оглед на тоа што има многу граѓани кои собираат печурки и ги употребуваат во исхраната. Може ли генерално да се оцени која печурка не треба да се чепка, дали постојат знаци кои печуркарите треба да ги следат? Според Русевска, не постои општо правило за препознавање на тоа дали некој вид може да се користи во исхраната на човекот или е отровен. Треба добро да се познаваат видовите габи за да може прво да се одреди видот, т.е. да знаеме за што се работи, а потоа да видиме дали тој вид може да се јаде или е отровен за човекот.
- Постојат правила за одредени групи габи, меѓутоа, тие не важат и за останатите. На пример, за вргањите важи правилото дека доколку печурката ја промени бојата кога ќе се пресече, т.е. посини/помодри, се работи за вид кој не се јаде, бидејќи дел од овие видови предизвикуваат гастроинтестинални проблеми. Но, едни од најотровните видови, смртоносната зелена пупавка или белата пупавка, се печурки со бледо зеленикава или бела боја, кои доколку се пресечат, нема да ја променат бојата на плодното тело. На собирачите на габи им препорачувам да внимаваат и да ги собираат само оние видови за кои се сигурни. Миколошката лабораторија е достапна, така што доколку некој е заинтересиран, може да ни донесе примероци на проверка. Исто така, имаме
група на Фејсбук, FUNGI MACEDONCI, каде што собирачи, аматери и други љубители на габите поставуваат слики на габи, за кои понекогаш бараме примероци. На тој начин ја збогатуваме не само збирката за габи, која е единствена национална колекција на габи кај нас, туку и бројот на видови габи познати за Македонија - вели Русевска.