Што значи да си наставник денес. Секој што не работи со деца, не знае. Во услови кога она што не чини со децении треба да се поправи, состави и сошие така што да не се гледаат кривите рабови и погрешните штепови, вшивувани еден врз друг за да личи привидот на реформирано руво, не е лесно
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Галопирачкиот, стравотен корона-налет, поради кој светот застана во својот од и остана затечен, неподготвен и со многу последици, навлезе и кај нас во сите сфери и ги преобликува во досега непрактикувани модели на сфаќање, на однесување, на (не)прифаќање - на живот, конечно. Образованието, пак, како посебен, специфичен општествен фундамент, се преоблече од класично во современо руво и веќе со месеци прави напор трансформирано во дигитализиран аутфит да држи чекор со времето и светот. Учебната година започна со еден месец одложување и тече онака како што налагаат условите по сите основи (растечкиот корона-тренд во комбинација со сезонските вироза-атаци, однесувањето на луѓето кои со нискиот степен на лична одговорност и плиткиот светоглед го поттикнуваат ужасот, техничката подготвеност на сите чинители, почнувајќи од врвот – надлежните институции, па надолу – училиштата, наставниците и учениците, ставовите и желбите на родителите). Општо земено, комплексна слика на животен и образовен вител во кој не е едноставно да се опстане, да се учи и да се научи.
Како би се опишала наставата на далечина, која полека и сосема оправдано добива статус на модел кој дефинира современие, модерна интеракција и неизбежен учебен формат во вакви услови, а останува секако и како модел кој би се применувал и понатаму, во услови на нормализација и крај на пандемијата, на што сите се надеваме? Пред сè, процесот на учење и поучување се одвива во вирално опкружување, со поддршка на дигиталната технологија. Кога сме во прашање ние, наставниците, она што мора да се нагласи е дека сме исправени пред низа предизвици, се соочуваме со низа проблеми и, за жал, покрај сите наши напори и очекувања, сепак сме изложени на осуда, неразбирање и критики. Особено од страна на родителите, кои секогаш, но особено во вакви услови, би требало да се нашата најголема поддршка и образовно-воспитен партнер. Зошто? Од една сосема едноставна причина, прекрасна во сета своја прецизност – со тоа си ги поддржуваат и децата. Тоа е она што го очекувавме, надополнето секако со посуштествената поддршка на надлежните, без веќе познатите стеги и ограничувања, но со инструменти за валидно, чесно и реално следење на нашата работа.
Нејсе. Не сакам сега да пишувам за сето она што некако се наметнува во месециве наназад, формулирано и мерено низ незадоволството и кукањето на наставниците, желботеките и атаците на родителите, талкањето на надлежните, квазизагриженоста на децата дека ќе останат неписмени и многу сакаат да се вратат во клупите, во кои инаку, кога се, со судни маки успеваме да ги задржиме. Она што сакам да го издвојам со писаниево е фокусот НАСТАВНИК и фактот дека за секој од нас наставата на далечина се постави како вистински предизвик и ги извади на површина сите наталожени, затскриени и потиснати лични и колективни деформации, од една страна, а од друга, ја манифестира потребата да се потсетиме зошто сме наставници и која е нашата улога. Секако, доколку сме свесни дека нашата исклучително комплексна улога, поради која се вели дека не може секој да биде наставник, е секогаш истата. Се менуваат само сцените во чии рамките треба да застанеме на „штиците што живот значат“ и да ја одиграме онака како што добриот наставник мора да умее.
Што треба да правиме ние, наставниците, во вакви услови? Кои се нашите предизвици? Пред сè, треба да сме свесни дека онлајн-атмосферата е сосема поинаков и образовен и воспитен образец на однесување. Од децата бара самодисциплина, организирање на времето, самостојност во работата и ред во задачите во услови кога не се со нас. Истовремено, треба да сме свесни и дека овие „вештини“ кај нашите ученици не сме успеале да ги развиеме до ниво кое би им овозможило со интерес и мотивираност да бидат со нас, а без нас, секој ден, врзани пред монитор во невидливи синџири 6-7 часа. За волја на вистината, не успевавме во тоа ниту кога беа со нас, а пандемијата само ги потврди нашите потфрлања.
Затоа сега приодот кон нив во едно вакво вонредие од секој од нас бара многу напор, мерен преку:
1. Осмислување интерактивни формати на учење, во кои, како на пример во „превртена училница“ учениците самостојно ќе се подготвуваат, а часот кој следува ќе биде простор за анализа и рефлексија;
2. Презентирање на новата материја на начин кој од учениците нема да подразбере вклучување како присутност, туку вклучување како активирање;
3. Изготвување распоред на активности за секој час, кој мора да го има предвид недостигот на физичкиот контакт, а поради кој сепак мора да биде флексибилен и ситуационо менлив според воочениот степен на заинтересираност на учениците,
4. Планирање на времето за подготовка и реализација на часот, но и на една порелаксирана комуникација со учениците, поради свесноста дека во основа повеќе им треба разговор и влевање на чувството дека со нас се на сигурно и дека сè ќе биде во ред;
5. Разработка на инструменти за следење на учениците, кои во вакви услови мора да бидат креирани така што нема да им се товар, туку предизвик, со напомена дека нееднаквоста на учениците повеќе доаѓа до израз во услови на вакво учење отколку при физичко присуство – не сите ученици имаат домашен работен простор, квалитетна опрема, поддршка од родителите и еднаква можност за активно учество. Поради тоа, инструментариумот за следење и вреднување мора да ги земе предвид и алтернативните облици на пристап;
6. Праќање јасни и навремени повратни информации за напредокот, со поттикнување ученичко самовреднување и врсничко вреднување;
7. Избегнување монотонија и ист приод низ виртуелните контакти, со напомена дека содржината треба да се приспособува кон алатките и методите, а во сооднос со очекуваните исходи;
8. Насочување на учениците за организирање на сопствениот простор и организирање на содржините по предмети.
Би можела уште многу да пишувам за тоа што значи да си наставник денес. Секој што не работи со деца, не знае. Во услови кога она што не чини со децении треба да се поправи, состави и сошие така што да не се гледаат кривите рабови и погрешните штепови, вшивувани еден врз друг за да личи привидот на реформирано руво, не е лесно. Имаме пред нас деца кои во нас треба да се видат себеси. Имаме пред нас родители кои тоа треба да го посакуваат за своите деца. Имаме пред себе колеги со кои треба да гледаме во ист правец и нашите разлики да станат истост. Имаме пред себе надлежни кои предолго нè држат на маргините, а очекуваат борци во првите редови. Конечно, се имаме самите себе пред нас. Фенероносачи, должни да го држат огинот жив. Оти инаку не би се викале така.
Можеме ние, да.