Среќни капиталисти - што знаат Швајцарците, а не го сфаќа остатокот од светот?

Среќни капиталисти - што знаат Швајцарците, а не го сфаќа остатокот од светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Како и многу други прогресивни интелектуалци, Берни Сандерс, повторно обидувајќи се да ја освои Белата куќа, не ја поврзува својата визија за економски рај со социјалните диктатури како Венецуела, туку со Скандинавците. Тие се еднакво богати, ако не и побогати од граѓаните на САД, но имаат поголема правична распределба на богатството, како и поприфатлива здравствена заштита, образование и други државни инструменти на социјална држава.

Но, постои друга, уште побогата и поправедна земја од скандинавската тројка - Шведска, Данска и Норвешка, а никој не зборува за тоа.

Оваа европска економија од 700 милијарди американски долари е меѓу 20. најбогати економии во светот, има сеопфатни социјални придобивки како Скандинавија - но поблаги даноци, помала влада и постабилна и отворена економија.

Стабилната економија на Швајцарија неодамна ја направи втора најбогата земја во светот по Луксембург, со БДП од 83,833 долари по глава на жител. Тоа е околу 20.000 долари повеќе од скандинавскиот просек. И иако парите не се мерка за успех, анкетите исто така ја рангираат оваа земја меѓу 10. најсреќни во светот.

Малку социјалистичка, но за многумина утопија

Иако ги зголеми своите приходи во однос на Скандинавија во последната деценија, уште поважно е што успеа да се справи со нивната мерка за еднаквост. Богатството и приходот се дистрибуираат во населението речиси исто колку и во Скандинавија, при што средната класа има околу 70 проценти од националните средства.

Голема разлика е секако податокот дека просечното семејство во Швајцарија има нето-вредност од 540.000 долари, што е двојно повеќе од просекот во Скандинавија.

1
Фото: Getty Images


Интелектуалците се тие што ја игнорираат Швајцарија, можеби поради нејзиниот претеран имиџ на мрачен даночен рај, што крие нацистичко злато и друго недозволено богатство зад строгите закони за тајноста на банките.

Многу повеќе од банки


Швајцарија, под притисок, во 2015 година се согласи да ги сподели банкарските записи со странските даночни органи, но тоа воопшто не ја забави економијата. Швајцарија отсекогаш била повеќе од тајни банки. Капиталистичка во својата основа, Швајцарија им наметнува полесни даноци на поединци, потрошувачи и корпорации отколку во скандинавските земји. Швајцарија е и поотворена за трговија, со удел во глобалниот извоз што е двојно поголем од секоја скандинавска економија.

Рационализираната влада и отворените граници помогнаа оваа неразвиена, планинска земја да биде инкубатор за глобално конкурентни компании. Швајцарците се одлични во речиси секои главни индустрии освен нафтата, која ја немаат. Таа е дом на 13 од првите 100 европски компании, што е двојно повеќе од сите три скандинавски држави заедно. На пример, „Нестле“, чија вредност на берзата е со вредност од 320 милијарди долари, е 15 пати поголема од најблискиот скандинавски ривал.

Децентрализацијата е клуч за сè

Иако главните мултинационални компании се концентрирани во големите градови, швајцарската економија е децентрализирана како и нејзиниот политички систем. Неверојатно е колку врвни производи доаѓаат од нејзините провинции - швајцарски армиски ножеви од Швиц, часовници од Берн, сирење и чоколадо од Фрибург итн.

Малите компани се сидро на швајцарската економија, обезбедувајќи две третини од работните места во земјата. Само еден од седум Швајцарци работи за владата, што е исто така исклучително важно и многу малку во споредба со другите европски земји.

Ниту една друга државна валута не пораснала побрзо во однос на своите трговски партнери. А нормално, франкот во раст би требало да го намали извозот на Швајцарија и да го поскапи. Но, тоа не се случи.

2
Фото: Getty Images


Наместо тоа, додека повеќето богати земји доживеаја пад на нивниот удел во глобалниот извоз во последната деценија, Швајцарија продолжи да расте. Секако, тоа е благодарение на нејзината репутација - нејзините инженери и чоколади и останатите швајцарски производи.

Швајцарија пречекала повеќе имигранти од која било скандинавска земја. На пат е да прифати повеќе од 250.000 имигранти помеѓу 2015 и 2020 година, проширувајќи го населението за 3 отсто.

Стапката на имиграција е речиси двојно повеќе од скандинавскиот просек и една од највисоките помеѓу големите развиени земји. Имигрантите имаат значително поголема веројатност да ја задржат работата во Швајцарија, делумно затоа што повеќето од нив мора да пронајдат работа во земјата пред да стигнат во неа.

Швајцарската работна сила добива дополнителен поттик од училишниот систем, кој веќе 12 години ги насочува учениците земајќи ги предвид нивните знаења и професии.

Вистинската лекција за швајцарскиот успех е дека крутиот избор што го нудат многу политичари - помеѓу приватно претпријатие и социјална заштита - е лажен. Прагматична земја може да има и деловно опкружување со социјална еднаквост, доколку постигне рамнотежа. Швајцарците станаа најбогата нација во светот, но нивниот модел, за жал, сè уште е непознат за многумина.