Четврт век опкружен со охридските икони - Милчо Георгиевски, историчар на уметноста

Четврт век опкружен со охридските икони - Милчо Георгиевски, историчар на уметноста

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Интервјуто со Георгиевски го објавуваме денеска, на празникот Свети Никола, а најстарата икона во охридската збирка е иконата со претстава на св. Василиј Велики и св. Никола, насликана во средината на 11 век, околу 1040/45 година

Се наоѓам на крајот од мојот работен век и сѐ уште не можам да сфатам зошто нема организирани посети на музеите на деца уште од најраната возраст бидејќи културата и навиката да се оди по музеи се гради и негува уште кога дечињата се учат да ги мијат рачињата или забите, вели Милчо Георгиевски, историчар на уметноста, кустос-советник во Галеријата на икони при Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид.


Влезот на Галеријата на икони во Охрид

Тој веќе четврт век ја работи професијата од своите соништа, секојдневно опкружен со ремек-делата на средновековната уметност создавана на овие простори. И тоа ремек-дела од рангот на Ботичели, Да Винчи, Микеланџело. Интервјуто со Георгиевски го објавуваме денеска, на празникот Свети Никола, а најстарата икона во охридската збирка е иконата со претстава на св. Василиј Велики и св. Никола, насликана во средината на 11 век, околу 1040/45 година.

Кога ќе се навратите наназад, која беше најсилната причина поради која решивте да студирате историја на уметност?

- Oткако знам за себе постоел тој афинитет, таа силна врска помеѓу мене и ликовната уметност. Уште како мал сакав да цртам бидејќи таа склоност, или дарба, како што велеа моите наставници по ликовно воспитување, сум ја носел во себе уште од раѓање. Бев еден од најредовните членови на ликовната секција и во основно, а подоцна и во средно училиште. Кога сакавме да насликаме нешто посериозно за некаква училишна приредба или изложба, се обидувавме да репродуцираме некоја слика од познатите сликари. Мене ме фасцинираше, а тоа трае и ден-денес, Винсент ван Гог, со неговите силни бои и уметнички израз, уште повеќе со неговата животна судбина. Паралелно со цртањето и сликањето се будеше и развиваше и мојот интерес за уметниците, уметничките правци и историјата на уметноста воопшто.

Милчо Георгиевски, историчар на уметноста

Со текот на времето, тоа прерасна и во некој вид опсесија. И уште кога на сето тоа ќе се додадат природните убавини на мојот град Охрид, и изобилството на споменици и артефакти од сите културни епохи на неговата долга историја, веројатно единствен логичен чекор беше да се запишам на катедрата за историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тоа во што се изградив, и што проучувањето на средновековната уметност стана моја потесна специјалност, е заслуга на мојот омилен професор, покојниот д-р Петар Миљковиќ-Пепек, кој со специфичниот начин на презентирање, непосредниот и пријателски однос со студентите, беше единствениот чии предавања и вежби не ги пропуштав по никоја цена.

Какво е чувството да се работи во Галеријата на икони, постојано опкружени со сите тие дела, некои од нив ремек-дела?

- Секогаш кога ќе добијам вакво или слично прашање, мојот одговор е ист - привилегија. И навистина сум горд што во моментов, а и долги години наназад, сум единствениот што ја има таа привилегија и чест речиси секојдневно да биде опкружен со ваква ненадмината убавина што ја поседуваат иконите од охридската збирка и едновремено да биде духовно неизмерно богат покрај овие икони со непроценлива вредност. Кога велам непроценлива вредност, не мислам на материјалната вредност на иконите која нас, историчарите на уметноста, најмалку, а најчесто и воопшто не нѐ интересира, туку на нивната историска, културолошка и духовна вредност.

Внатрешноста на Галеријата на икони

Чувството е навистина прекрасно кога само ќе помислам дека јас сум тој, привилегираниот, избраниот, кому му е доверена грижата за оваа единствена збирка кај нас и една од само неколкуте во светот, во која одредени примероци се стари по неколку века, а една икона без малку цел милениум. Но, истовремено и одговорноста околу грижата за состојбата на иконите, микроклиматските услови во кои тие опстојуваат и, особено, подготовките, транспортот и нивниот, честопати повеќемесечен престој на некаква меѓународна изложба во некој од светските музеи е огромна. Меѓутоа, сето тоа бргу се заборава кога ќе се погледне во смирениот лик на Богородица, строгиот поглед на Седржителот или кротките и воздржани ликови на нашите патрони, светите Климент и Наум Охридски.

Велат, иконата не е како обична слика, таа го маѓепсува гледачот. Како Вие го објаснувате тоа тргнувајќи од сопственото искуство и гледајќи како се однесуваат посетителите кога ќе влезат во Галеријата на икони?

- Иако самиот збор „икона“ значи слика, таа е многу повеќе од тоа. Таа е не само извонредно уметничко дело, во ликовна смисла, туку и предмет на почитување на ликот или собитието насликано на неа, предмет преполн со симболика, кој предизвикува длабока контемплација кај гледачите, а особено кај верниците и на некој начин дури и ги маѓепсува. Неретко се случувало и се случува сѐ уште одредени посетители-верници да се прекрстуваат кога влегуваат во Галеријата. Некои застануваат и се помолуваат пред одредена икона, кажувајќи си ја маката и молејќи го светецот за помош, повторно прекрстувајќи се, а понекогаш наоѓаме дури и понекоја оставена паричка, за здравје и среќа.

Раскажете ни некоја анегдота со посетител што Ви оставил силен впечаток.

- Во текот на изминатите 24 години, период во кој ми е дадена честа да се грижам за оваа непроценлива збирка, имало секакви ситуации, анегдоти и случки со посетителите на Галеријата. Една од омилените, а која се повторува повеќе пати, ми е онаа кога при обиколката на иконите и раскажувајќи ја нивната приказна, застанувам пред иконата „Св. Богородица Епискепсис“. Истакнувајќи ја нејзината убавина, историјат и значење, божем случајно, им велам оти се обложувам дека повеќето од нив, ако не и сите, ја имаат во нивните џебови. Тие зачудено ме гледаат, се погледнуваат меѓу себе, а кога од џебот ќе ја извадам банкнотата од 1.000 денари на чија аверсна страна е репродуциран токму ликот на Богородица од оваа икона, сите од ред почнуваат да пребаруваат по своите џебови и паричници, победнички вадејќи ја банкнотата, а на лицата им се чита некаква радост и гордост што барем за одредено време имаат кај себе дел од оваа непроценлива збирка, па макар да е тоа и на банкнота.

Од изложбата во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“ во Рим, 2016 год.

Една од најсвежите случки е при посетата на државниот секретар на САД, Мајк Помпео. Од протоколот ми беше кажано дека би било убаво да му се даде некаков подарок, не мора да биде нешто големо и вредно, туку да биде тоа нешто симболично, повеќе како некакво изненадување. Јас набавив едно пригодно шишенце украсено со христијански мотиви и го наполнив со света вода од езерото што ја чувам од минатогодишната прослава на Богојавление, кога митрополитот на денот на Христовото крштавање ја осветува езерската вода. Секако дека немаше шанси лично да му го предадам на господинот Помпео, протоколот го зеде уште пред да ја почнеме обиколката на иконите. Но, при објаснувањето за литиските икони и нивната намена, дека такви процесии и денес се практикуваат во Охрид, особено за Водици или Богојавление, му кажав дека на луѓето од протоколот им дадов малку од светата езерска вода за него, па кога во текот на неговата напорна работа, или при носењето тешки одлуки, ќе почувствува потреба од дополнителна сила, слободно нека ги исплакне лицето и челото со неколку капки од таа вода и ќе ги надмине сите проблеми и тешкотии. Ова навистина остави мошне силен впечаток на господинот Помпео и особено на неговата сопруга Сузан. Ете, се паметат вакви работи...

Во каква кондиција/состојба се иконите од колекцијата? Има ли некоја во критична состојба?

- Генерално здравствената состојба на иконите, велам здравствената бидејќи иконите навистина ги третираме како живи организми, во моментов е прилично добра и стабилна. Особено во одлична состојба се деветте икони што беа подложени на конзерваторско-реставраторски третман во рамките на четирите проекти што се подготвија и реализираа од 2009 до 2017 година.

Икона во процес на конзервација во лабораторијата на Националниот конзерваторски центар во Скопје

Со тоа иконите „Св. Василиј Велики и св. Никола“, „Св. Богородица Епискепсис“, литиската икона „Св. Наум и Архангел Михаил“, „Св. Марина со житие“, „Св. Марина“, литиската икона „Богородица Одигитрија и Распетие Христово“, „Св. Јован Крстител“, Царските Двери од црквата „Св. Константин и Елена“ и левото крило од Царски Двери од црквата „Св. Богородица Болничка“, барем во наредните триесетина години нема да имаат потреба од некоја посериозна конзерваторска интервенција. За жал, оваа веќе воспоставена практика и ритам на конзервација на 2-3 икони во еден циклус од нејасни меѓуинституционални недоразбирања и, би рекол, можеби повеќе субјективни причини, од 2017 година наваму е прекината, со што се пропушти можноста уште неколку икони да ја добијат потребната конзерваторска нега.

Отсекогаш биле поделени мислењата дали иконите треба да патуваат на светски изложби во странство или треба да бидат исклучиво дома изложени, бидејќи тие се нашите „Мона Лиза“, „Ноќна стража“... Каков е Вашиот став?

- Мојот став отсекогаш бил дека иконите од охридската збирка мора да патуваат на големи меѓународни изложби по светот. Никој од нас не оди во музеј за да гледа копии или репродукции, туку оригинални артефакти, впрочем, за тоа и постојат музеите. Од гледна точка на развој на туризмот, убаво би било што повеќе посетители да доаѓаат и да ги погледнат иконите во нивната матична галерија, но дали сите љубители на овој вид уметност се во можност да дојдат во Галеријата во Охрид? Дали сите ние имаме финансиска можност да одиме во „Лувр“, во „Ермитаж“, „Метрополитен“ итн.? Па зошто тогаш и на луѓето со поскромни можности да не им овозможиме барем за одредено време да уживаат во убавината на нашите икони во нивниот град или држава. Со стриктно почитување на сите конзерваторски и музеолошки норми, користење природни и соодветни материјали за конзервација, како и правилно пакување и транспорт, иконите може сосема безбедно да патуваат по светот и неоштетени да се вратат дома.

Музеј „Метрополитен“ во Њујорк на отворањето на изложбата „Византија, вера и моќ, 1261-1557“ во 2004 година

Мислам дека приказните за „Мона Лиза“ или „Ноќна стража“ се пласирани намерно од одредени луѓе во минатото со цел да се прикријат одредени нестручни конзерваторски интервенции врз иконите, па еве сега, божем патувањето по изложби им штети на иконите, а не поранешните површни интервенции врз нив и употребата на несоодветни методи и техники, како и некомпатибилни конзерваторски материјали. Но, сепак, и тоа како треба да им бидеме благодарни и да им оддадеме должна почит на првите, пионерски генерации конзерватори без чие залагање и напорна работа, иако со скромни познавања, во несоодветни услови и со минимум технички средства и материјали, ние денес веројатно немаше да уживаме во убавината на барем половината од овие прекрасни икони.
И уште еднаш, да, секако дека иконите треба да бидат присутни на што повеќе меѓународни изложби бидејќи тие се нашиот најголем адут за промоција на културното наследство на нашата земја на вакви собири, нашиот ексклузивен, културен продукт за извоз.

Комплицирана е процедурата кога патува некоја икона. Со оглед на тоа што е изработена од органски материјали, како се одразува транспортот врз еден примерок? Дали тоа ја „разболува“ иконата, по вакво патување колку време ѝ е потребно за да се стабилизира?

- Навистина се чини комплицирана процедурата при подготовка на иконите за транспорт, особено кога се работи за патување во странство на некоја изложба. Тоа вклучува, пред сѐ, проверка и санирање на нивната здравствена состојба, се разбира, доколку има потреба за тоа, потоа подготовка на целокупната документација-списоци, одредување осигурителни суми, дозволи за привремен извоз, профактури, пакинг-листи, формулари за примопредавање итн.

Охридските икони спремни за транспорт на големата изложба во Музејот „Катарајнеконвент“ во Утрехт, во 2011 година

Потоа следува пакувањето на иконите со користење на најсоодветните материјали, техники и методи, сѐ според највисоките музеолошки стандарди и принципи, потоа одредување на начинот и средствата за транспорт и, конечно, самото патување. Вака можеби изгледа доста комплицирано, но верувајте, со текот на времето и повеќекратното повторување оваа процедура станува еден вид рутина.
А во однос на „разболувањето“, ве уверувам дека со доследно почитување и примена на конзерваторските и музеолошките принципи и начела, користењето компатибилни материјали и методи за конзервација и пакување, како и изборот на најсоодветниот начин и средства за транспорт, иконите секогаш се враќаат во Галеријата во истата состојба во која и ја напуштиле земјата.

Како народ, колку си ги познаваме и цениме иконите?

- Иако тешко ми паѓа одговорот, морам да кажам дека не можеме да се пофалиме со некое големо познавање на иконите од страна на нашите луѓе, а со тоа и нивниот однос кон нив. Секоја чест на исклучоците, но генерално, иако поголемиот дел од нашиот народ припаѓа на православната христијанска вера, многу мал број знаат нешто повеќе од тоа дека иконите се слики на светци или настани од историјата на христијанството. Посетеноста на Галеријата од страна на нашите луѓе е речиси занемарлива и тоа најчесто во случаи кога ќе им дојдат гости кои ќе пројават желба да ги разгледаат знаменитостите на нашиот град, а иконите се нешто што не би требало да се пропушти при тие прошетки.

Конзервација на икона во НКЦ во Скопје

Се наоѓам на крајот од мојот работен век и сѐ уште не можам да сфатам зошто нема организирани посети на музеите на деца уште од најраната возраст бидејќи културата и навиката да се оди по музеи се гради и негува уште кога дечињата се учат да ги мијат рачињата или забите. Не можеш човек од триесет, четириесет или повеќе години да натераш првпат да влезе во музеј и тоа да му стане навика, па првото нешто кога ќе отпатува некаде да му биде посетата на музеј. Тоа мора да биде всадено во него уште од најраната возраст, но, за жал, засега така стојат работите. Можеби во иднина ќе се смени нешто на подобро, тоа најискрено го посакувам и го очекувам.

Често сте патувале во странство, лани одржавте предавања во Јапонија. Со какво искуство се вративте оттаму, со оглед на тоа што средновековието на овие простори нема никакви допирни точки со јапонскиот среден век?

- Ако не беше оваа моја работа, можеби немаше да посетам ниту една третина од земјите во кои сум престојувал заради изложби, семинари, конференции или работилници поврзани со неа. Сум бил во повеќе европски држави, сум бил и во САД, но минатогодишниот престој во Јапонија е навистина нешто што целосно ми ја смени претставата за оваа далекоисточна земја, или Земјата на изгрејсонцето, како што обично се нарекува. Едноставно како да бев на некоја друга планета, во некој вонвременски свет. Веќе петнаесетина години имам интензивна дружба и соработка со јапонски колеги и пријатели, на кои не можам да престанам да им се восхитувам со каков жар ја проучуваат и колку добро ја познаваат византиската култура и уметност иако доаѓаат од едно поднебје со сосема различна вера, култура и уметност. И токму како резултат на таа дружба и соработка, дојде и поканата да престојувам во оваа егзотична земја и да одржам четири предавања на Универзитетот во Каназава и Универзитетот „Васеда“ во Токио. Предавањата беа за македонските икони, за нивното значење како културен ресурс и потребата од нивна заштита и, за мене можеби најличното, да им ја претставам и приближам на студентите професијата музејски кустос од моја лична перспектива, со што би им го олеснил изборот на нивната идна професија. Дури и моите домаќини беа пријатно изненадени од посетеноста и интересот за овие предавања, како од страна на студентите и професорите така и од многубројни љубители на уметноста, кои на само ним познат начин разбрале кога и каде ќе се одржат. Дискусиите и прашањата по предавањата беа многубројни и долги, траеја исто колку и самите предавања, по 90 минути, но кога гледате дека она што го презентирате кај оние што те слушаат предизвикува огромен интерес и восхит, замор воопшто не чувствувате.

Од минатогодишното предавање на Универзитетот во Каназава во Јапонија

Имав можност да посетам поголем број будистички храмови, сосема различни од оние на кои сме навикнале, и според религијата, и според архитектурата и орнаментиката, и по ритуалите што се изведуваат во нив. Начекав дури и две свадби со мошне интересни и за нас многу невообичаени свадбени ритуали, посетив неколку музеи, испробав голем број кулинарски специјалитети од јапонската, кинеската и корејската кујна.
Ни во сон не сум помислил дека еден ден ќе пробам свежо пилешко месо, без никаква термичка обработка и дека ќе ми биде превкусно, дека ќе уживам во вкусот на свежо коњско месо, впрочем сите видови свежо месо што ги јадат Јапонците ги викаат „сашими“, но и тоа се случи и беше незаборавно. За морските специјалитети и да не зборувам, од неверојатен број видови риба, па школки, ракчиња, морски полжави, октоподи и сето тоа свежо, непечено, неварено, непржено. Научив и да јадам со стапчиња „хаши“, но и да наздравувам со саке, „канпаи“!

Која од големите изложби на иконите во странство Ви оставила најголем впечаток?

- Имало повеќе такви во текот на мојот работен век и секоја од нив била посебна на одреден начин. Меѓутоа, ако веќе треба да одберам една, тоа би била изложбата „Византија, вера и моќ, 1261-1557“ што во музејот „Метрополитен“ во Њујорк, САД, беше организирана во 2004 година, на која, покрај големиот број институции од целиот свет, беше присутна и нашата земја со вкупно пет икони, од кои четири од нашата Галерија и една од Музејот на Македонија од Скопје. Ова беше прва така грандиозна изложба во чија подготовка и јас имав скромен удел, меѓутоа, при престојот во еден од најголемите и најпознати светски музеи, каков што е „Метрополитен“, имав можност првпат да ги видам пред себе и да им се восхитувам на голем број ремек-дела на светската уметност, за кои дотогаш само сум читал и сум гледал нивни фотографии.

Дел од атмосферата на отворањето на големата изложба во „Метрополитен“ во Њујорк (2004 год.)

Тогаш првпат видов и неколку уметнички дела кои во некои дамнешни времиња се однесени од Охрид и денес ги красат витрините на некои музеи во соседните земји, тоа беше соочување со дел од сопствената историја на туѓ терен, што е малку болно и никако не може да те остави рамнодушен, но тоа е, за жал, реалноста. Таму имав можност и огромно задоволство да видам и поголем број од иконите на една од највредните и најстари збирки на икони во светот, како што е таа од манастирот „Св. Катерина“ на Синај. Па уште и запознавањето, заедничката работа и дружењето со колеги од разни институции и држави во светот, ете, можеби поради сето тоа оваа изложба ми оставила најсилен впечаток, барем засега...

Опишете ни ја низ неколку реченици актуелната состојба во заштитарската (конзерваторско-реставраторска) дејност на иконите?

- Ова е можеби најболното прашање што можевте да ми го поставите. Не дека и досега, со постојниот кадар и средства, со максимални човечки напори не се постигнуваа солидни резултати во областа на директната заштита на иконите, но сметам дека има огромен дефицит на стручен кадар во областа на конзервацијата и реставрацијата на иконите. Тоа се сликари-конзерватори, хемичари, технолози, конзерватори за дрво, па дури и историчари на уметноста, специјализирани за иконописот. А да не зборувам за просторните техничко-материјалните услови.

Процес на конзервација на икона во НКЦ во Скопје

За земја со над 23.000 регистрирани икони како што е Македонија, постојниот кадар и сите споменати услови се премалку за да може на барем дел од нив навреме да им се укаже барем основната, превентивна конзерваторска заштита, во спротивно може да биде предоцна, може трајно да изгубиме дел од нив. Специјализираната лабораторија за конзервација на икони, онаа во Националниот конзерваторски центар во Скопје, е единствена во земјата и ни оддалеку не може да ги задоволи потребите за конзервација и реставрација на иконите на сите институции, државни и црковни, а за приватните икони или збирки не може ни да стане збор. Затоа сметам дека е потребно да се отворат уште неколку такви, дисперзирани низ државата, се разбира, опремени со потребниот стручен кадар и технички и материјални средства, за колку-толку да може на иконите навреме да им се даде потребната нега од конзерваторско-реставраторски аспект.

Каква иднина ги чека иконите од охридската колекција. Има ли кој да ги наследи актуелните експерти?

- Секогаш сум оптимист и секако дека и во поглед на иднината на охридската колекција на икони моето мислење е во таква насока. Охридските икони ја добивале потребната грижа и нега и пред јас да дојдам на ова место и сигурен сум дека тоа ќе продолжи и во иднина. Јас ќе се дружам со иконите уште одредено време, иако не многу долго, но тие засекогаш ќе останат дел од мене бидејќи речиси сиот мој работен век го поминав со нив и знам дека разделбата нема да биде ни малку лесна. Секогаш околу нас имало и има млади, образовани луѓе, луѓе со желба и страст за овој вид работа, кои со нетрпение чекаат да добијат можност да го покажат во практика своето знаење, да ја искажат својата љубов кон уметноста и со посветеност да продолжат онаму каде што јас ќе застанам еден ден. Сигурен сум дека набрзо ќе се најде таква личност, која ќе ја добие привилегијата што јас ја уживав во изминатите 24 години дружејќи се со најпрекрасните икони на светот, а јас секогаш ќе бидам тука да ги споделам моите искуства стекнати низ сиве овие години. Знаење не може да му се пренесе на некој за кусо време, но споделените искуства, стекнувани во текот на многу години, и тоа како може на некој да му го скратат патот до себепронаоѓањето во работата, во која пак, не смее да има застој, туку мора да продолжи во континуитет бидејќи охридските икони, односно грижата за нив мора да биде постојана и на високо ниво.