Кои се инженерите на „Брако“ што го создадоа револуционерното еколошко возило - испушта вода за пиење, а ќе чисти и пред Бакингемската палата?

Кои се инженерите на „Брако“ што го создадоа револуционерното еколошко возило - испушта вода за пиење, а ќе чисти и пред Бакингемската палата?

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Улиците на светските метрополи ќе се чистат со македонско возило што испушта пивка вода

Во време на забрзани технолошки иновации и натпревар кој ќе постигне најмногу во областа на заштитата на животната средина, инженерскиот тим на велешката компанија „Брако“ ја претрка конкуренцијата и пласира револуционерно еколошко решение: возило за одржување хигиена во урбани средини кое испушта вода наместо издувни гасови, односно возило кое работи со погон на водород (хидроген) под брендот Green Machines, GM500H2.

Производот е резултат на тимска работа во која учествувале 15 инженери, а предводени од директорот на одделот за камиони за чистење улици и медицински помагала, Иле Атанасов, и од директорот за развој, Васил Јанев.


Производство на машината

- Во 2010 година забележавме дека иднината ќе се движи во друг правец и први на пазарот претставивме електрична машина за чистење со литиум-јонски батерии како извор на енергија. Последните две-три години конкуренцијата успеа да претстави слични електрични машини, но ние не мирувавме и постојано размислувавме што ќе биде следниот нов извор на енергија кој ќе се применува кај возилата, но кој ќе има уште помал негативен ефект врз животната средина. Го идентификувавме водородот како извор на енергија која ја добиваме со инверзна реакција на електролиза. Кај новата машина, од една страна доведуваме водород кој е складиран во боци под висок притисок и заедно со кислород во средината се добива електрична енергија, а како нуспроизвод се ослободува чиста пивка вода наместо штетни издувни гасови - објаснува 33-годишниот инженер Иле Атанасов.


Васил Јанев (лево) и Иле Атанасов (во средина)

Не треба многу знаење од технологија и екологија за да се сфати дека достигнувањето на инженерите од велешката фабрика ќе предизвика зелена индустриска револуција во сегментот со алтернативните извори на енергија.

- Која беше идејата водородот да биде следен еколошки енергент кој ќе ги замени батериите? Нивното користење има една слабост. Што ќе се случи со батериите кога ќе им помине рокот на употреба? На глобално ниво тоа ќе претставува огромен проблем. Тоа беше нашата идеја, со водород да создаваме електрична енергија, да ја користиме и да испуштаме вода. Сите се ангажирани на производство на алтернативна енергија, но сите треба да инвестираат во системи за производство на водород. Произведената вишок струја од ветерница да се троши за производство на водород. Сметавме дека во тој правец ќе се движи развојот на технологијата во следните години - вели Васил.

А колку се посветени на она што го работат, говори фактот што Иле Атанасов и Васил Јанев имале само неколку дена одмор од дипломирањето на Машинскиот факултет на отсекот моторни возила до првиот работен ден.



- Јас дипломирав во 2010 година како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Професор ми беше Кочо Анѓушев, бев стипендист на „Брако“ и среќен сум што по завршувањето на студиите добив понуда да работам во „Брако“, седум дена по дипломирањето, на почеток во одделот со медицински помагала - се присети Атанасов.

Инженерството е прва и најголема љубов на Иле Атанасов, кој покажал афинитети кон природните науки, особено физиката и математиката, уште во основно училиште.
- Ме привлекува сè што има тркала и затоа го избрав отсекот возила. Оваа професија бара многу талент, посветеност и постојана надградба на знаењето.


Возилото во сцена на „Луѓе во црно“

Приказната на Васил почнува во 2006 година, но тој, за разлика од Иле, имал само два дена за одмор и подготовка за новата авантура:

- Истата приказна кај мене почна од 2006 г. Во петок дипломирав, во понеделник стартував. Јас сум меѓу првите луѓе од инженерскиот кадар, ја фатив преродбата на „Брако“, почнавме да се екипираме, цело портфолио го почнавме во 2007 и почнавме сериозно да се опремуваме со модерни технолошки решенија и ЦНЦ-машини. Во тој период најмногу се инвестираше во кадар и опрема и резултатот е очигледен.
38-годишниот Васил прво сакал да студира на Електротехничкиот факултет, поради тогаш растечкиот тренд на компјутерите и интернетот, но кога разбрал дека на Машински факултет има Институт за машински возила, знаел дека таму ќе има најголема шанса да го развие својот талент за конструирање.

- Ние го поминавме потешкиот пат на студирање со врвни професори кои ни пренесоа поголема теорија преку работа со програмски задачи. Сега, со ретки исклучоци, талентирани инженери ги има сè помалку затоа што добиваат минимално образование кое во практика не е доволно за успех. Во наше време
за да дојдеш до испит, мораше да направиш неколку семинарски теми преку кои ќе го совладаше материјалот - се присети Јанев на своите студенти денови.



Иле и Васил велат дека овој успех е на целиот тим, кој покрај нив го сочинуваат и Благој Филџанов, Костадин Атанасоски, Александар Петреов, Душко Крагељ, Војдан Каратрајков, Мартин Трајковски, Давид Меколок и Рејмонд Хофманс.

Машините ќе чистат пред Бакингемската палата и на Бермудите

Македонските машини ќе ја чистат прашината на улиците во светските метрополи, кралски палати, плоштади и парламенти на западноевропските земји. Возилата од целата гама на Green Machines, кој изворно потекнува од Шкотска, но од октомври 2019 е македонски бренд со целосно откупени интелектуални права и патенти, веќе оперираат во кралските палати на Тајланд, се чисти Бакингемската палата, плоштадот „Свети Петар“ во Рим, улиците на Сингапур и Тајмс сквер во Њујорк. Возилото ја одржува хигиената и во Копенхаген, Австралија, САД, а од годинава го има и на Бермудите. Футуристичкиот дизајн го препознале и холивудските режисери, па некои од машините се вклучени во сцените на научнофантастичните филмови. Во „Војна на ѕвездите“ (1999 година) се користи малиот уличен чистач како полнач на вселенските летала, а во „Луѓе во црно“ (2012) се појавува моделот 636 со кабина.

Екомашина составена од 5.000 дела

Во „Брако“ се произведуваат сите метални делови и конструкции за возилата, кои се составени од речиси 5.000 компоненти, а пластичните и останатите делови се набавуваат и склопуваат во погоните. Во моментов гамата на возила е составена од две машини кои се движат на дизел-погон, два модела на електрична енергија и едно на водород.
Инженерите ги радува фактот што придонеле да се смени мислењето во Македонија за тоа како да се чистат градовите со квалитетни машини кои не ја загадуваат животната средина.

- Се надевам дека оваа иновација како концепт ќе биде прифатена во сите области и дека ќе ја подигне свеста кај сите граѓани да се води повеќе сметка за животната средина и за тоа што ќе им оставиме во наследство на следните генерации – вели Атанасов и додава дека холандските градови Амстердам, Утрехт и Ротердам ќе бидат првите што ќе ја одржуваат хигиената со велешките ековозила.

Фото: Васил Јанев и Иле Атанасов