За развивање интегритет и самопочит: Да не се грижиме за нешто што не можеме да го промениме, нашиот живот е тек, а ние сме целосно тука

За развивање интегритет и самопочит: Да не се грижиме за нешто што не можеме да го промениме, нашиот живот е тек, а ние сме целосно тука

Автор: м-р Алисија Колевска, развоен психолог

Интегритетот е морален квалитет во кој нашето внимание е насочено кон внимателно испитување на себеси. Ги опфаќа јасните, длабоко вкоренети мотиви и форми на дејствување кои се во согласност со нашиот внатрешен начин на опстојување. Нѐ прави лојални, искрени, неподмитливи, чесни и ни дава здрава самодоверба. Ова подразбира не само познавање на себеси, туку и самопочит и внатрешна сила. Ако се гледаме себеси на позитивен начин, имаме сѐ што ни треба за да се спротивставиме на надворешниот притисок и да постапиме добро, а не онака како што ни е удобно или лесно.
Самопочитта е заснована на личниот капацитет за рационалност и води до однесувања кои поддржуваат самостојност, самоконтрола и истрајност.

Најголема закана за самопочитта е чувството на подреденост кое се манифестира како претерано сомневање во себеси, од една страна, и лажната гордост, од друга страна. Ако имаме претеран сомнеж во себе, нема да веруваме во сопственото расудување. Како резултат на тоа, се чувствуваме обврзани да ги прифаќаме барањата од другите зашто не сакаме да бидеме „проблематични“ или да се истакнеме. Па така, тешко ни е да го издржиме притисокот однадвор и не сме доследни на себе. Сомневањето во себе придонесува многу да се потпираме на други.

Од друга страна, лажната гордост значи дека премалку ги слушаме другите луѓе. Тоа произлегува од искривената перцепција за нашата важност. Ова значи дека се гледаме себеси во центарот на сѐ, со потреба да се истакнеме и да бидеме на врвот. Тоа нѐ прави склони кон лажење и прикривање на нашата ранливост. Потиснувањето на сомнежите и затскривањето на грешките доведува до губење на интегритетот и самопочитта.



Да се поседува интегритет, не подразбира безгрешно однесување, бидејќи на тој начин би можело да изгледаме бесчувствителни, премногу сериозни или строги. Наместо тоа, интегритетот далеку повеќе се однесува на сочувствително дарување на себеси простор за правење грешки, изразување сомнежи и откривање на нашите грижи и дилеми.
Интегритетот не доаѓа автоматски. Честопати, потребен е искрен повратен одговор од другите за да биде постигнат. Внимателното проценување на фидбекот од другите ни помага да го развиваме познавањето на себеси и да ги прошириме нашите комфорни зони.

Етичкото однесување е отворено, видливо, автентично однесување кое дава можност за негово заедничко испитување со помош од другите.

Интересно откритие во однос на самопочитта е дека се зголемува со текот на годините. Западната култура (која има влијание и кај нас) има тенденција да го поврзува стареењето со губиток и опаѓање, бидејќи физичките перформанси и општествените улоги се одлучувачки мерила. Т.н. ефект на позитивност во психологијата го оспорува ова. Ефектот на позитивност значи дека образецот на развој со селективен фокус на негативни дразби во текот на младоста е заменет со релативно посилен фокус на позитивни информации за време на возрасната доба. Така што, со зголемувањето на возраста, луѓето не се толку под стрес, имаат помалку грижи и негативни чувства и добиваат повисоки скорови на мерните инструменти за среќа и мудрост. На пример, тестовите на помнење имаат покажано дека помладите луѓе паметат неутрални информации подобро од повозрасните, но повозрасните се подобри во запомнување позитивни информации.



Дури и при разгледување фотографии, повозрасните побрзо го насочуваат вниманието на позитивни нешта, како на пр., лице кое се смее, додека помладите примарно ги апсорбираат сцените оптоварени со негативност, како на пр., тепачка.

Оваа позитивна склоност кај повозрасните е присутна и во нивните секојдневни искуства. Повозрасните повеќе и подолго време уживаат во позитивни искуства и помалку се „потресени“ од проблемите. Тие селектираат краткорочни цели што ја поттикнуваат нивната самопочит наместо да бараат стресни конфронтации, како што младите преферираат да прават. Во овој поглед, најважниот фактор не е календарската возраст, туку сознанието дека животот е минлив. Како што животот станува подрагоцен, вниманието се свртува кон нештата кои даваат смисла и има помали вложувања во активности и контакти кои не ја потхрануваат самопочитта.

Самоспознавањето ги продлабочува интегритетот и самопочитта. Кога кон себе пристапуваме со пријателски став кој не осудува, развиваме емпатија за себеси. Сфаќаме дека настаните и искуствата стануваат разбирливи во рамките на нивниот контекст. Нашата вкоренета навика за присеќавање на минатото со лутина или каење, навреденост или очај, може да биде заменета со тековен преглед на комплексна мрежа на настани, каде што секој едноставно постапил онака како што постапил.

Со оваа нова перспектива обично станува непотребно да се напрегаме за да избегнеме нешто или да одржуваме лажна слика за себе. Би разбрале подобро дека со дадените лични ограничувања и тешки околности и ништо друго не сме можеле да преземеме. Со пореалистично гледање на она што било возможно, често можеме подобро да се справуваме со болката и на тој начин да си дозволиме да растеме. Соочувањето со нашата ранливост може да го продлабочи нашето разбирање и прифаќање на себеси.

Добросостојбата во голема мера зависи од нашиот капацитет да си простиме за нашите грешки и да се прифатиме себеси со сите наши карактерни особини такви какви што се, верувајќи дека го сме направиле тоа што сме можеле во рамките на достапните ресурси во текот на нашиот живот.
Бидејќи ранливоста и болката се секогаш дел од сечиј живот, неопходно ни е сочувствувањето со себе. Тоа е став на нежна грижа кон себе лице в лице со непријатните искуства, но без да се оддадеме на самосожалување. Тоа ни помага да направиме нешто за себе, така што болката помалку ќе нѐ боли. Ова последователно ќе нѐ спречи да се депримираме или деморализираме. Нема да дозволиме да се преокупираме со нешто што е надвор од наша контрола. Или нема да се преплавиме со страв кој би ја зголемил нашата болка. Сочувствувањето со себе нѐ прави пооптимистични и релаксирани, и покрај сите непријатни искуства.
Сочувствувањето со себе не ја негира болката. Ја земаме предвид нашата ранливост и можеме да постапуваме кон себе на грижлив начин. Тоа е исто така силата што ја придвижува нашата способност за простување.

Понекогаш на простувањето гледаме како на нешто што го правиме за другите. Но во суштина тоа е форма на дарување на себеси и добра грижа за себе. Според зборовите на психијатарот Ваја: „Простувањето не ја отстранува болката од минатото, туку од иднината“. Си даваме себеси можност да се ослободиме од низа негативни чувства, како долготраен гнев, омраза, рамнодушност или горчина. Правиме промислен избор да не дозволуваме болката да продолжи. Не мора неопходно да станува збор за простување на специфични луѓе; може да биде простување на навредливи ситуации и болка. Простувањето значи перципирање нешто на поинаков начин – начин на кој емпатијата кон себе (и другите) има предност. Тоа ни помага да се помириме со минатото, да престанеме да бараме засолниште кон негативни расудувања и да ги потхрануваме корените на одмаздата. Простувањето ни помага да си ја вратиме моќта и да ги обновиме достоинството и автономијата.

Понекогаш ни треба близок соговорник за да ни помогне да ја истражуваме сопствената ранливост со сензитивност, да се носиме со товарот на болката и да тагуваме за нешто што не може да биде исправено. Кога го правиме ова, не само што ќе можеме да го афирмираме простувањето со зборови, туку веројатно ќе го искусиме со потопли чувства, кои исто така би можеле да се претворат во дејствие. Позитивните ефекти на простувањето често се посилни во нас отколку во личноста на која сме ѝ простиле. На овој начин си отвораме посветла иднина, која повеќе не е преоптоварена со минатото.

Да се сакаме себеси значи да негуваме позитивни чувства и идеи за себе, да станеме свесни дека нештата се добри онакви какви што се и да погледнуваме наназад кон нашиот живот со сатисфакција. Да не се насочуваме кон размислување за тоа како можело да биде поинаку, да не се грижиме за нешто што повеќе не можеме да го промениме и да не се измачуваме постојано со недостатоци и грешки. Да го имаме чувството дека нашиот живот е тек, а ние сме целосно тука.

Фото: Приватна архива