Луѓето ја окупираа планетата Земја! - предупредува Дејвид Атенборо
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
- Живиот свет е уникатно и спектакуларно чудо, но поради начинот на кој ние, луѓето, ја користиме Земјата, ја испраќаме во пропаст - вели британскиот истражувач Дејвид Атенборо.
Тој додаде дека луѓето ја окупираа планетата, предупредувајќи дека природниот свет е пред пропаст. Предупреди дека ако човештвото не почне да дејствува за да го ублажи влијанието врз животната средина и да работи со природата наместо против неа, планетата ќе продолжи да пропаѓа.
Предупредувањето доаѓа по зголемувањето на климатските промени и кризата со биолошка разновидност, предизвикана од човештвото, додека научниците продолжуваат да издаваат предупредувања околу откритијата за состојбата на нашата планета.
Во текот на минатиот месец истражувачите потврдија дека првата деценија од 21 век беше најтопла досега, додека посебно истражување покажа дека океаните достигнаа најголема температура во 2019 година.
Интервенцијата на Дејвид доаѓа по објавувањето на неговиот последен филм „Дејвид Атенборо: Живот на нашата планета“, кој 92-годишникот го опиша како сопствено сведоштво и визија за иднината.
- Имав најнеобичен живот. Дури сега ценам колку е извонреден - вели тој во трејлерот на филмот. - Живиот свет е уникатно и спектакуларно чудо, но начинот на кој ние луѓето живееме на Земјата го уништува. Луѓето го окупираа светот. Ја заменуваме дивината со скротување - вели тој.
- Со децении Дејвид го носи природниот свет во домовите на публиката низ целиот свет, но никогаш моментот не бил поважен отколку сега за тој да ја сподели сопствената приказна. Филмот се совпаѓа со монументалната година за акција во животната средина, кога светските лидери носат критични одлуки за природата и климата. Филмот испраќа моќна приказна од најинспиративниот и славен натуралист на нашето време - рече извршниот продуцент на филмот, Колин Батфилд.
Сер Дејвид последниве години сè повеќе ја користи својата
платформа за да го подигне алармот за климатските промени.