Шампионот Димитар Џорлев - име што често е на листите со освоени медали по научни олимпијади

Шампионот Димитар Џорлев - име што често е на листите со освоени медали по научни олимпијади

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Секогаш се трудам да мислам на спремањето за олимпијадата што ме очекува наместо на тоа дали државата ќе ги покрие трошоците за пат и котизација. Но, сигурно дека тоа му пречи на секој од натпреварувачите, а и професорите што нè водат на олимпијадата, па се надевам дека наскоро однапред ќе има обезбедено средства од страна на државата, а не поединечно да се бара за секоја олимпијада, вели средношколецот од струмичката гимназија „Јане Сандански“

Сите науки имаат своја привлечност и убавина. Тешко е да изберам само една што ме привлекува. Од многу мал ги засакав математиката, информатиката и природните науки. Секоја од нив е доволно обемна и тешка, но токму нивната поврзаност ме привлекува. Претходната година учествував на селекции за олимпијади од четири науки - математика, физика, хемија и информатика - вели Димитар Џорлев, средношколец во втора година во гимназијата „Јане Сандански“ од Струмица чие име многу често е на листите со освоени медали по научни олимпијади. Таква беше и последната Олимпијада по експериментална физика што се одржа во Софија, каде што беше апсолутен шампион.


Димитар со организаторите на олимпијадата по експериментална физика - Ристе Попески од Македонија и Тодор Мишонов од Бугарија

- Експерименталната е поразлична од другите олимпијади. Пред две години во Софија исто така учествував на оваа олимпијада и бев прв во категоријата основци. Оваа година олимпијадата беше со наслов „Ден на индуктивноста“ и имаше и експериментален дел и теоретски прашања поврзани со него. Натпреварувачите се поделени во категории по возраст и во секоја категорија беа доделени први, втори и трети места. Најдоброто решение од сите натпреварувачи беше моето и бев прогласен за апсолутен шампион и покрај тоа што сум втора година средно. Многу ми беше мило што на оваа олимпијада учествуваа и деца кои ги запознав во Израел на Светската олимпијада по физика (IphO) 2019, што ја направи конкуренцијата уште поголема - вели Димитар.

Тој беше член и на македонската репрезентација што учествуваше на Светската олимпијада по физика што се одржа во Боцвана. Оттаму Џорлев се врати со бронзен медал. Олимпијадите се повеќе од натпревари, тие се можност за запознавање со различни култури.
- И во Боцвана и во Израел се запознав со врсници од различни култури. Дознав многу нови работи за најразлични земји. Разменивме контакти и со многу од учесниците сѐ уште сме во контакт. За време на олимпијадите имаме разни екскурзии со кои ја запознаваме државата. Пред да заминеме за Боцвана, бев многу возбуден бидејќи првпат ќе одев во средина непозната за мене. Бев пријатно изненаден од нивниот пречек. Од Боцвана како спомен ќе ми остане тоа што бевме на сафари во природен резерват и дружењето со врсници од сите континенти. Секое учество на светска олимпијада носи ново искуство. Вредно е да се земе медал, но важни се и спомените што ќе ги имам засекогаш од светските олимпијади.


Репрезентацијата што нè претставуваше на Светската олимпијада по физика во Тел Авив, Израел

Речиси секое заминување во странство на наши репрезентативци на научни олимпијади се сведува на потрага по пари за да се плати пат, сместување, трошоци. Како еден млад човек да се фокусира на подготовките и да не мисли на тоа дали воопшто ќе замине на натпреварувањето. Го прашавме Димитар како се справува со тој стрес.

- Секогаш се трудам да мислам на спремањето за олимпијадата што ме очекува наместо на тоа дали државата ќе ги покрие трошоците за пат и котизација. Но, сигурно дека тоа им пречи на сите натпреварувачи, а и професорите што нè водат на олимпијадата, па се надевам дека наскоро однапред ќе има обезбедено средства од страна на државата, а не поединечно да се бара за секоја олимпијада. Тука мислам на 13. светски олимпијади официјално признаени во целиот свет - вели тој.


Тимовите на Македонија, Србија и на Хрватска на Олимпијадата во Боцвана

Почнувајќи од јуни 2018, покрај другите олимпијади и натпревари, тој има учествувано на четири големи интернационални олимпијади: Јуниорската балканска олимпијада по математика 2018 во Родос, Грција, каде што освоил бронзен медал, Светската јуниорска олимпијада по природни науки 2018 во Боцвана, каде што исто така освоил бронзен медал, Европската олимпијада по физика 2019 во Латвија и Светската олимпијада 2019 по физика во Израел, каде што бил еден од најмладите учесници.


Димитар на олимпијада во Латвија

- Чест е да се претставува сопствената држава - вели средношколецот.
Тој им е особено благодарен на професорите од Природно-математичкиот факултет од Скопје, кои досега му помагале во подготовките за светските олимпијади.
- Професорите Ламбе Барандовски, Боце Митревски, Ирина Петреска, Марина Стојановска и Елена Рафаиловска ни дадоа знаења, насоки и секогаш беа спремни да ни помогнат. Професорите ни беа и водачи на олимпијадите и наши најголеми мотиватори. Многу сум среќен што имам и голема поддршка и помош од моето семејство и моето училиште. Секако дека ги следам и настаните и новите откритија во науката и сакам од нив да научам и многу нови работи - вели амбициозниот ученик.


Се релаксира со кошарка

Го прашавме на што го користи слободното време. Вели дека многу сака да игра кошарка.
- Кога сум слободен, често гледам спортски натпревари. Активно следам повеќе спортови, како фудбал, кошарка, ракомет, тенис. Исто така, голем љубител сум и на возењето велосипед. Имам завршено основно музичко образование и свирам на клавир и сѐ уште свирам кога сум слободен. Особено сум среќен кога можам да отсвирам некоја класична композиција од врвните мајстори на музиката. Слободното време со уживање го користам да читам книги, гледам филмови и излегувам со другарите - вели Џорлев.


Димитар свири на клавир во Израел во хотел покрај Мртвото Море

По средното образование олимпиецот мечтае да се запише на некој од најдобрите универзитети во светот.
- Најпривлечни универзитети ми се американските, а би го издвоил МИТ (Институтот за технологија – Масачусетс), кој за мене е најдобар. Секако дека тука се уште неколку светски универзитети како Харвард, Кембриџ, Оксфорд, Стенфорд. Нормално, би студирал нешто поврзано со математика, физика и информатика. Се надевам дека ќе можам да се едуцирам на универзитет со високоопремени лаборатории и да бидам дел од научноистражувачки проекти. Се гледам себеси како иден инженер во сферата на роботиката и би сакал да развивам нови технологии со кои ќе се усовршува живеењето - завршува Џорлев.

Бронзен медал на Јуниорската математичка олимпијада во Родос, Грција