Поетесата Ана Бунтеска за наставниците што никогаш нема да ги заборави, како влијаеле врз нејзината поезија?
Подготвил:
Радмила Заревска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во мое време (а кога велам мое време, мислам на оние што се родени во 70-тите години од минатиот век, за што ќерка ми се смее дека сум веќе стара) учителите и наставниците имаа улога на втори родители, вели Бунтеска
Поетесата Ана Бунтеска е инспирација за многумина обожаватели на пишаниот збор. Нејзината поезија е една од најсподелуваните на социјалните мрежи, а токму љубовта е таа што се провејува во секоја нејзина песна. Иако по професија економист, сепак, уште од најрани години имала желба да напише поезија на лист хартија.
И таа желба била поттикната токму од две нејзини наставнички. Едната била од основното образование, а другата ја мотивирала во средното училиште.
Ја издвојува нејзината учителката Анка Варадинова од основното училиште „Димитар Миладинов“, тогашното „Браќа Рибар“.
Втората личност, односно професорка која, според Бунтеска, го доизбрусила во неа моментот дека сака да пишува, била професорката Трајанка Антоновска од средното економско училиште „Васил Антевски-Дрен“, тогашно „Борис Кидрич“.
Така, Бунтеска се сеќава на своите наставници кои оставиле траен белег врз развојот на нејзиното образование, но и врз нејзината определба во животот.
Иако многумина сметаат дека такви наставници сега нема, Бунтеска вели дека постојат, но се многу малку во споредба со времето кога таа била во училишните клупи.
- Во мое време (а кога велам мое време, мислам на оние што се родени во 70-тите години од минатиот век, за што ќерка ми се смее дека сум веќе стара), учителите и наставниците имаа улога на втори родители - вели Бунтеска.
Се знаеше дека мора да се почитува нивниот авторитет и насоките, вели таа.
- На секое дете му треба една Анка или една Трајанка во образовниот процес. За среќа, таквиот ков на учители не е изумрен и сега ги гледам во една прекрасна Татјана Алексиќ, Наде Молеровиќ и уште неколку кои знаат, едноставно знаат да го разбудат во децата она што потоа ќе стане нивна професија или љубов. Да ни се живи и здрави таквите УЧИТЕЛИ - порачува Бунтеска.
Учителката Анка е мотив за женска поезија
Вели дека имала среќа уште во основно училиште да учи од најдобрите во тоа време.
Бунтеска се присетува дека нејзината учителка Анка имала посебен и заштитнички однос кон нив.
Таа предавала македонски јазик, па оттаму и нејзината љубов кон читањето била поттикната и поддржувана.
Ја памети како преубава црнокоса жена со изразено црвен кармин, кој не го сменила ни децении подоцна.
- Можеби затоа и често во песните ги споменувам жените со црвен кармин, кој ми симболизира храброст, држење до себе и достоинство кое го имав видено и кај баба ми (која никогаш ја немав видено без црвениот кармин, чиј мирис и ден-денес го чувствувам). Нејсе, Анка беше таа што ми ги отвори вратите на имагинацијата, па паметам со каква љубов и посветеност ни всади во кревките умови дека читањето е патување. Отпосле ја дознав целата суштина на овие зборови, а особено на тоа што значи да се патува во себе -раскажува Бунтеска.
Со „Не престанувај“ на Трајанка до две нови книги
Според Бунтеска, професорката Трајанка имала неверојатна моќ на скенирање на учениците и буквално да го пронајде она жарче за пишување во секој, дури и кај оние што немале ама баш никаква идеја дека некогаш во животот би се фатиле за перото.
- Е, таа Трајанка прво ме стави во рецитаторска секција (тогаш немав уплав од јавни настапи, ниту имав панични напади кога треба да застанам на сцена пред многу луѓе), а потоа ме зачлени во литературната секција. Рака на срце, немав баш голем интерес да читам пред други, особено што на 16-17 пишував „темна“ поезија, ама одвреме-навреме ѝ давав да прочита. Со оној продорен, карактеристичен за неа поглед ме гледаше можеби две до три минути и само ми рече: „Не престанувај“. Се разбира, не ја послушав. Во една бунтовна фаза го искинав тоа што го имав напишано (за среќа, сум зачувала некои песни кои ги куцкав на машината за пишување на татко ми) и ги најдов години отпосле. Сфатив дека не сум ни знаела колку ми недостигало да нурнам во себе, да го извадам тоа што го закопувам внатре и да го ставам на хартија. Со пауза од можеби две децении, еве ме сега, подготвувам уште две нови книги - раскажува Бунтеска.
И за крај, посочува една песна од, како што самата вели, нејзиниот бунтовен период, која за среќа останала нечепната.
Фото: приватна архива